Search
|     contact@ugd.edu.mk

Факултети и академии

Избери мудро, делувај храбро

Универзитетот „Гоце Делчев“ опфаќа 12 факултети од областа на општествените, природните, медицинските и техничките науки, како и 3 академии од областа на уметноста, кои се организирани во 4 кампуси. 

На факултетите и академиите активни се повеќе од 70 студиски програми од прв и интегриран прв и втор циклус на студии, како и 80 магистерски и професионални специјалистички програми и 11 акредитирани програми за докторски студии.

Музичка aкадемија

Музичката aкадемија нуди различни можности за музичка наобразба и дополнителна специјализација преку низа студиски програми кои можат да ги изберат студентите за свијот професионален развој: музичка теорија и педагогија, пијано, етнокореологија, џез инструменти (бас, гитара, пијано, саксофон, труба и ударни инструменти) и џез пеење како и соло пеење, и музичар изведувач на инструмент виолина, гитара, кларинет, труба и флејта. Дел од понудените програми се уметнички и со нивното изучување се стекнува уметничка титула, а дел се научни и со нивното изучување се стекнува научна титула. На Музичката академија се изучуваат и студиски програми на англиски јазик во областа на џез инструментите. Академијата е многу активна и во организација и учество на музички настани и концерти кои имаат промотивен карактер за студентите, но и кои претставуваат можност публиката да слушне добра музика и да се запознае одблиску со концертната сцена и иднината на македонската музика. Повеќе информации за Музичката академија се достапни на ma.ugd.edu.mk или на социјални медиуми musicacademyugd.

Ликовна академија

Во рамките на уметничките академии кои се дел од Кампус 1 на Универзитетот Гоце Делчев, успешно функционира и Ликовната академија.

На самата Академија активни се студиските програми од прв циклус на Класично сликарство и Вајарство преку кои студентите успешно ги изучуваат и ги совладуваат техниките на класичната уметност, како и елементите и принципите на класичниот ликовен јазик, кои ја претставуваат основата и на класичните и на современите ликовни форми на изразување.

Со помош на наставниот кадар, се работи со секој студент посебно за да се поттикне и да се развие неговата индивидуалност и креативност како иден уметник.

Повеќе информации за Ликовната академија се достапни на  la.ugd.edu.mk и  likovna.stip

Филмска академија

Во рамките на Филмската академија при Универзитет „Гоце Делчев“, почнувајќи од 2017 година, на потенцијалните студенти им е достапна студиската програма за изучување на современи танцови техники, која е единствена од ваков тип во државата.

Дополнително, студиската програма од оваа област се изведува и на англиски јазик, и тоа Изведба на современ танц на прв циклус студии (Contemporary Dance Performance) и Методологија и педагогија за современ танц (Master of Arts in Contemporary Dance Education) и Кореографија за современ танц (Master of Arts in Contempoarary Dance Choreography) во рамките на втор циклус студии на англиски јазик.

Во 2023 година се отвори и студиска програма Балетска педагогија за прв циклус студии.

Студиските програма се спроведуваат од искусни професори и професионалци, а често се остварува и соработка со професионалци и кореографи од странство, како и со танцови академии, со кои се организира и размена на студенти.
Студентите добиваат широко знаење не само во делот на танцовите техники, туку и во делот на креирањето и продукцијата на танцови изведби. 

Повеќе информации за Филмската академија се достапни на fa.ugd.edu.mk и SkopjeShtip-Dance-Academy

Факултет за природни и технички науки

Различни атрактивни студиски програми од сите три циклуси на студии им се на располагање на студентите во рамките на Факултетот за природни и технички науки, и тоа Рударство, Геологија, Инженерство за заштита на животната средина, Индустриска логистика и Дизајн и ентериер на мебел. Преку избор на една од понудените програми, студентите почнуваат со своето образование за да станат професионалци во полето на техничките дисциплини и природните науки. Предавањата ги одржува икусен наставен кадар, кој поседува и академско знаење, но и практично искуство. Комбинацијата на теоретското и практичното е потребна за да се овозможи сеопфатно знање од областа. Студентите имаат пристап до современи лаборатории и модерна опрема и се вклучени со лабораториска работа, истражувачки проекти и соработка со партнери од индустријата, со што добиваат значајно искуство во своето поле на изучување. Повеќе за Факултетот за природни и технички науки на fptn.ugd.edu.mk или на социјални медиуми: fptnugd  и  fptn.ugd

Факултет за информатика

Факултетот за информатика е насочен кон привлекување и едуцирање на талентирани млади лица, кои ќе бидат во можност да одговорат на барањата на информатичката технологија што современа дисциплина која постојано се менува и еволуира.

Факултетот ги подготвува студентите за успешни кариери во низа професионални полиња, какви што се ИТ консултанти, систем аналитичари, проект менаџери и програмери, преку сеопфатните образовни програми, какои преку пристап и користење на модерни технологии и напредно искуство.

Се следат највисоките стандарди на наставата и науката, а достапни студиски програми од прв циклус на студии се Компјутерско инженерство и технологии, Компјутерски науки, како и Применета и наставна математика.

Дополнително усовршување на студентите и унапредување на научно-истражувачката дејност се нуди и преку достапни програми од втор и трет циклус.

Информирајте се повеќе за Факултетот за информатика на fi.ugd.edu.mk или на социјални медиуми: fi.ugd и fi.ugd

Земјоделски факултет

Преку студиските програми од прв циклус во областите на Фитомедицина – заштита на растенијата, Поледелство, Растителна биотехнологија, Квалитет и безбедност на храна, Лозарство и винарство, Градинарство и УСП Биологија, Земјоделскиот факултет е целосно посветен на продуцирање кадри, кои во иднина со своето теоретско и практично знаење ќе придонесат за развој на земјоделскиот сектор и руралните средини во Македонија.

Преку студиските програми од втор и трет циклус, пак, на веќе дипломираните студенти им се дава можност дополнително да се усовршат во потесна специјалност од нивни интерес. Наставата се одвива во современи услови со целата потребна опрема, модерни лаборатории и експертски наставен кадар, а акцент се става како на теоретската наобразба, така и на истражувањето и иновирањето.

Факултетот организира и конференции и советувања во својата област, преку кои се презентираат и дискутираат новитети научни достигнувања и на едно место се поврзува науката со праксата.

Информирајте се дополнително за Земјоделскиот факултет на zf.ugd.edu.mk или на социјални медиуми: zf.ugd.edu.mk

Машински факултет

Машинскиот факултет во Штип е реномирана институција посветена на подготовка на компетентни машински инженери, кои ќе можат да бидат во чекор со развојот на науката и технологијата, со цел да одговорат на индустриските барања и општествените потреби.

Преку достапните студиски програми од областа на машинското инженерство и мехатрониката се продуцираат квалитетни и вешти инженери, кои се подготвени да се соочат со предизвиците на новото време и способни за иновативно и креативно работење.

За да се обезбеди широко знаење за принципите и практиките на машинството, Факултетот во наставата успешно ги комбинира теоријата и практичната настава. Во текот на самите студии студентите често се поттикнуваат и да работат на реални проекти или да учествуваат во тематски работилници.

Повеќе информации за Машинскиот факултет можете да најдете на mf.ugd.edu.mk или на социјални медиуми masinski.ugd и masinski.ugd

Електротехнички факултет

Електротехниката е една од областите во кои се нудат најмногу можности за кариера и кариерен развој во современите услови на функционирање.

Електротехничкиот факултет во рамките на Универзитетот „Гоце Делчев“ преку додипломските и постдипломските наставните пограми што ги нуди, ги подготвува студентите за успешна кариера во областа.

Студиските програми се во склад со современите светски пракси и со современата наука и се насочени кон развој на универзални вештини и знаење кај студентите, кои им гарантираат голем број атрактивни можности за вработување. Наставата на Факултетот се одвива со кристење на нови и иновативни методи, со воведување модерни софтверски алатки и целосно следење на трендот на дигитализација.

За време на студирањето студентите имаат можност да добијат стипендии или да вршат практична работа во некоја од електроенергетските компании со кои факултетот има соработка, а се работи и на активно вклучување на студентите во научно-истражувачки активности и проекти.

Повеќе информации за Електротехничкиот факултет се достапни на etf.ugd.edu.mk или на социјални медиуми: ElektrotehnickiFakultetStip

Технолошко-технички факултет

Технолошко-техничкиот факултет при УГД нуди студиски програми во областа на прехранбената технологија, дизајн и технологија на текстил и облека и технологија на материјали. 

Преку овие програми Технолошко-техничкиот факултет секоја година едуцира и обучува студенти, кои имаат можност понатаму да работат во различни индустрии и сектори и да бидат во тек со технолошките достигнувања и развојот во индустријата.

Содржината на програмите е креирана во согласност со светските трендови и најдобрите постојни практики и постојано се вложува во подобрување на квалитетот на наставата преку професионален развој на наставниот кадар, нови методи на предавање и спроведување практична настава.

Информирајте се за Техничко-технолошкиот факултет на ttf.ugd.edu.mk или на социјални медиуми: ugd_ttf и ugd_ttf

Факултет за медицински науки

Создавањето врвни здравствени професионалци, кои ќе се грижат за здравјето и благоосостојбата на луѓето и општеството на најдобар можен начин и кои ќе придонесуваат за унапредувањето на медицинската наука е главен приоритет на Факултетот за медицински науки.

Имајќи го ова предвид, Факултетот низ годините е целосно насочен кон одржување на највисоки стандарди на образование и истражување во областа на медицинските науки, преку постојано усовршување и проширување на студиските програми, ангажирање искусен наставен кадар и создавање можности за постојан професионален развој, како и постојано вложување во современи лаборатории и опрема.

Една од главните предности на Факултетот за медицински науки се цврстите партнерски односи со многубројни болници, клиники и здравствени организации.

Факултетот нуди студиски програми од прв, втор и трет циклус од областа на општата медицина, денталната медицина и фармацијата, како и стручни тригодишни студии. Медицинските специјализации се исто така вклучени во образовниот процес, а во рамките на Факултетот се одвива и наставна програма на англиски јазик.

Повеќе информации за Факултетот за медицински науки на fmn.ugd.edu.mk или на социјални медиуми: fmnugd и fmn.ugd

Економски факултет

Еден од првите факултети во рамките на Универзитетот „Гоце Делчев“ кој почнува со работа со самото основање на Универзитетот е Економскиот факултет во Штип. Сите овие години, од отворањето, Факултетот постојано расте, се развива и иновира и денес претставува една од водечките високообразовни институции во областа на економијата и бизнисот.

Главниот фокус е ставен на продуцирање висококвалитетен кадар, кој ќе придонесе за иднината на државата, и во таа насока постојано се следат светските трендови и се иновира во поглед на студиските програми, а се воведуваат и нови и современи наставни методи и техники.

Се градат и се одржуваат и партнерства со локални, национални и меѓународни организации и институции, како и со бизнис секторот, кои обезбедуваат можности за студентите да стекнат практично искуство и изложеност на различни деловни средини, што понатаму ќе им биде од голема корист при нивната професионална кариера.

Факултетот нуди програми од прв, втор и трет циклус на студии од неколку области на економијата и бизнисот.

За можностите што ги нуди Економскиот факултет информирајте се повеќе на: ef.ugd.edu.mk или на социјалните медиуми: ekonomskistip и ekonomskiugd

Правен факултет

Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип е реномирана високообразовна институција која е целосно посветена на обезбедување квалитетно и сеопфатно образование во областа на Правото, Медиумските студии и односи со јавноста и интернационалните студии од областа „International Law and International Relations“.

Ова го постигнува преку модерни додипломски, постдипломски и докторски студиски програми, кои ги опфаќаат сите аспекти на правото и законите и се насочени кон целосно обучување на студентите и нивна комплетна подготвеност како идни правни професионалци.

Програмите се креирани така што покрај теоретската настава, се посветува значајно внимание и на практичните аспекти на правото, преку вклучување на студентите во студиски случаи, симулациии на судења, истражувачки проекти и волонтирање во институции, со кои Факултетот има соработка.

Бидејќи Факултетот ја осозна потребата од континуирано учење и усовршување, постојано е активен и во организација на семинари, конференции и работилници со различна правна тематика, кои придонесуваат за професионален развој на правниците и следење на актуелните случувања во областа.

Дознајте повеќе за Правниот факултет на pf.ugd.edu.mk или на социјални медиуми: pravenfaxugd и faculty_of_law_ugd

Факултет за туризам и бизнис логистика

Факултетот за туризам и бизнис логистика се стреми преку студиските програми за туризам и угостителство, хотелско-ресторански менаџмент, бизнис администрација и бизнис логистика да создаде професионалци со теоретско и практично знаење и вештини во овие области, кои значително ќе за придонесат за развој на туризмот и бизнис секторот во Македонија.

Актуелните студиски програми се развиени по примерот на најдобрите светски практики, но приспособени на локалното опкружување и услови на функционирање. Од голема корист за студентите е и можноста секој од нив во текот на своето образование да се стекне и со практично искуство и изложеност на работа во реални услови.

Факултетот соработува со голем број туристички организации, хотели, логистички компании и други партнери, преку кои им се овозможува на студентите да вршат пракса, која ќе им помогне самите непосредно да ги согледаат состојбите и можностите во индустријата и да остварат значајни контакти.

Дополнителни информации за Факултетот за туризам и бизнис логистика можете да најдете на ftbl.ugd.edu.mk или на социјалните медиуми: ftbl.ugd и ftbl_ugd

Факултет за образовни науки

Унапредувањето на наставничката професија и подготовка на образован, квалитетен и вешт наставнички кадар кој ќе има позитивно влијание на иднината на образованието и општеството е главната цел на Факултетот за образовни науки.

Преку студиските програми за предучилишно воспитување, одделенска настава и педагогија, студентите теоретски и практично се подготвуваат за успешни кариери во областа на образованието. Во рамките на факултетот активна е и студиската програма од прв циклус за историја и археологија.

Академскиот кадар се состои од врвни професионалци и истражувачи кои активно работат со студентите и секојдневно го пренесуваат своето знаење и искуство.

Покрај теоретското, големо внимание се посветува и на практичното изведување на настава што е од особена важност за работа со деца.

Дознајте повеќе за Факултетот за образовни науки на fon.ugd.edu.mk или на социјални медиуми: fonugd и fon.ugd.

Филолошки факултет

Филолошкиот факултет е институција која работи на обезбедување на образование во областа на македонскиот јазик и странските јазици, литература и култура, преку кои се подготвуваат студентите за идна професионална кариера како наставници, преведувачи и толкувачи или културни работници.

На Факултетот се спроведуваат студии од прв циклус на Македонски јазик и книжевност, Англиски јазик и книжевност, Италијански јазик и книжевност, Германски јазик и книжевност и Турски јазик и книжевност, како и на втор циклус Македонска, Турска, Англиска, Германска и Италијанска филологија.

Наставата на Факултетот се изведува од професионалци, експерти во своите области кои со студентите го споделуваат целото свое знаење и кои ги поттикнуваат студентите активно да учествуваат во наставата и да споделуваат свои мислења.

Информирајте се повеќе за Филолошкиот факултет на ff.ugd.edu.mk или на социјални медиуми: ffugd и ff_ugd

Воена академија „Генерал Михаило Апостолски” (придружна членка)

Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ е уникатна високообразовна институција, која во 2008 година станува придружна членка на Универзитетот „Гоце Делчев“. Воената академија нуди висококвалитетна едукација преку различни акредитирани програми, специјалистички студии и курсеви за различни специјалности кои се неопходни за потребите на Министерството за одбрана и за Армијата.

Академијата, исто така, нуди и можности за стручно усовршување, стекнување на нови знаења и вештини преку континуирана обука реализирана во рамките на Академијата, но и различни меѓународни вежби и активности реализирани со своите партнери во и надвор од НАТО-Алијансата.

По завршувањето на студиите вие се стекнувате со офицерски чин и гарантирано работно место во Армијата, а имате можност и да го продолжите вашето школување во Центарот за обука на пилоти со цел да бидете воен пилот.

Повеќе информации за Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ може да најдете на https://ma.edu.mk/ или на социјалните медиуми: voenaakademija и military_academy_skopje