Правила за студентите

Студенти

Статус на студент на Универзитетот се стекнува со запишувањето на дипломски, постдипломски и докторски студии на факултетите и високата стручна школа на Универзитетот „Гоце Делчев“.

Студентите своите права и обврски ги остваруваат соогласно со закон и со општите акти на Универзитетот и на единиците во неговиот состав.

Статус на студент

Статус на студент, а со тоа и на член на академската заедница се стекнува со запишување на прв, втор и трет циклус на студии на универзитет, односно на самостојна високообразовна установа. Статусот на студент се докажува со студентска легитимација.  
Права и обврски на студентот

Студентот има право на: 

  • квалитетни студии и образовен процес како што е предвидено во студиските програми;
  • слободно искажување на мислењата и ставовите во текот на наставата;
  • право на изјаснување за квалитетот (оценување) на наставата и  наставниците; редовно студирање и статус на редовен студент и право на вонредно студирање и статус на вонреден студент;
  • редовно да напредува, да се образува и да го заврши студирањето под услови кои важеле при уписот;
  • заштита на своите права и должности пред органите на високообразовната установа и заштита на личноста и достоинството на студентот од злоупотреба.  

Исто така, студентот има право да:

  • студира истовремено на повеќе студиски програми од различни  специјалности и да изучува дополнителни курсеви;
  • ги користи библиотеката и базите на податоци, просторот, опремата  (учебните помагала), софтверот и останатата научна и стручна инфраструктура на Универзитетот и неговите единици, односно на самостојната високообразовна установа;
  • учествува во научноистражувачката и стручната дејност, при што му се гарантираат авторски, пронаоѓачки и слични права и награди;
  • ги користи универзитетските објекти за спортска и културна дејност;
  • учествува во формите на организирање на студентските организации утврдени со Статутот на Универзитетот;
  • користи распуст не помалку од 60 дена во рамките на една календарска година;
  • остварува соработка со студентите во земјава и во странство.  

Студентот има обврска да:

  • ги исполнува задачите пропишани во студиските програми;ги применува решенијата на органот на управување, ректорот, односно директорот на самостојната високообразовна установа;
  • да дејствува во согласност со Студентскиот етички кодекс, кој го  подготвува и одобрува високообразовната установа во согласност со  студентското претставување.

Студентите (од сите степени на високо образование) кои се без родители, слепи, глуви, инвалиди од прва и втора група, мајки со деца до шестгодишна возраст и хоспитализираните лица имаат право на посебни предности утврдени со статутот на високообразовната установа.