Грб на Универзитетот


Грбот на Универзитетот е со тркалезна форма. Во средината е училиштето во Ново Село - Штип, каде што Гоце Делчев учителствувал (Ректорат на Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип), во горниот дел од кругот е испишан текстот: Универзитет „Гоце Делчев“, а во долниот дел: Штип.

Со грбот, знамето и химната се претставуваат Универзитетот и единиците на Универзитетот. Грбот на Универзитетот се употребува на знамето, дипломите, плакетите, признанијата, меморандумите, изданијата на Универзитетот, како и на пригодни ковани пари, што се издаваат по повод јубилејни прослави на Универзитетот и друго.

Знаме на Универзитетот


Знамето на Универзитетот е во правоаголна форма, во бордо боја, со златно-жолти реси на рабовите. Во средината е грбот на Универзитетот во златно-жолта боја. Во долниот дел од знамето, во два реда по неговата должина пишува: „Јас го разбирам светот, единствено, како поле за културен натпревар меѓу народите“.

Знамето на Универзитетот стои постојано истакнато на објектот на Ректоратот на Универзитетот.

Знамето на Универзитетот се истакнува пред објектите на единиците и пред објектите на придружните членки на Универзитетот, по повод патронатот на Универзитетот, прослави, свечености и други активности, кои се од значење за Универзитетот, а може да се истакне и при одржување на меѓународни универзитетски средби, натпревари и други собири во согласност со правилата и практиката на одржувањето на тие собири, како и при спортски натпревари и други спортски активности на Универзитетот.

Универзитетски инсигнии


Универзитетските инсигнии се состојат од меѓусебно поврзани гравури кои ја симболизираат културата на регионот во кој делува Универзитетот во Република Македонија.

Универзитетските инсигнии ги носат: ректорот и проректорите на Универзитетот, како и деканите, односно директорите на единиците на Универзитетот, на прослави, промоции и други свечености на Универзитетот и единиците на Универзитетот, или на други национални и меѓународни манифестации.

Одора


На Универзитетот се установува одора за: ректорот, проректорите и деканите, односно директорите на единиците.

Одората се носи при промоции, прослави и други свечености на Универзитетот и на единиците на Универзитетот, или на национални и меѓународни манифестации.

Поблиски одредби за изгледот, употребата на симболите и другите обележја на Универзитетот донесува Ректорската управа.

Плакета


Со посебна одлука на Универзитетскиот сенат се востановува: плакета, повелба, благодарница, пофалба и други признанија и награди на Универзитетот, кои се доделуваат на заслужни поединци, правни лица или институции, кои со својата работа придонесле за развојот и афирмацијата на Универзитетот, како и за развој на научната мисла, а на студентите за постигнатиот успех во студирањето

Химна


Химната на Универзитетот се изведува на прослави, промоции и други свечени и спортски манифестации на Универзитетот, на единиците и на придружните членки на Универзитетот, при меѓународни универзитетски средби и други собири во согласност со правилата и практиката на одржувањето на тие собири.

Химната се изведува со свирење, со пеење или комбинирано.

Химната на Универзитетот е свечена песна, посветена на улогата и значењето на Универзитетот.

Изработена е од доц. д-р Илчо Јованов

Химна на УГД

 

I   Рефрен   II
         

Гордо чекориме со тебе ние,

Гоце учителу наш.

Делото твое нас нѐ води

Кон светлината,

Делото твое нас нѐ води

Кон иднината.

 

Знаење, мудрост ни даваш

За светла иднина,

Вечно и гордо зрачи

Универзитету наш.

 

Твојата укост гордост е наша,

Го свети патот наш.

Мислата твоја сила е вечна

Темелот силен наш,

Мислата твоја нас нѐ води

Кон иднината.