Студенти и професори од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип учествуваа на ABC школата што се одржа во Таргу Жиу, Романија, во рамки на ACE²-EU Европската универзитетска алијанса.
Станува збор за интензивна меѓународна образовна програма во која беа вклучени студенти и академски кадар од повеќе европски земји.Покрај учесниците од УГД, на ABC школата учествуваа и студенти од партнерските универзитети од Португалија, Шпанија, Германија, Литванија, Латвија, Романија, Австрија и Полска. Програмата беше организирана како мултинационално и интердисциплинарно академско опкружување, со фокус на размена на искуства и заедничка работа.
Активностите беа насочени кон две теми – инклузијата и пристапноста за лица со посебни потреби и превенцијата и институционалниот одговор на семејното насилство. Во програмата беа вклучени студенти од Факултетот за образовни науки, Правниот факултет, Филолошкиот факултет и Факултетот за медицински науки при УГД, кои работеа во мешани меѓународни тимови.
Во рамки на програмата Unite & Inspire: Breaking Barriers for People with Special Needs, студентите развиваа решенија насочени кон подобрување на поддршката и пристапноста за деца со посебни потреби и нивните семејства. Концептите беа презентирани пред претставници на локалната заедница, професионалци и други засегнати страни, кои дадоа повратни коментари и насоки за понатамошен развој.
Паралелно, дел од ABC школата беше и програмата Equipped to Act: Domestic Violence, која вклучуваше практични активности поврзани со институционалниот одговор на семејното насилство. Во таа рамка, студентите учествуваа на симулирано судење во Окружниот суд во Таргу Жиу, како и на предавања од форензичари и полициски службеници, со фокус на судска постапка, обезбедување докази и истражни техники.
Во рамки на програмата беше реализирана и посета на затворот во Таргу Жиу, каде што учесниците се запознаа со пенолошкиот систем и начинот на извршување на санкциите во Романија.
Во текот на ABC школата, проф. д-р Олга Кошевалиска и проф. д-р Елена Максимова од Правниот факултет и проф. д-р Даниела Коцева од Факултетот за образовни науки при УГД одржаа заедничка интердисциплинарна работилница. Работилницата беше посветена на граѓанските и кривичните аспекти на семејното насилство и на европското законодавство во оваа област, а беше наменета за студенти од сите универзитети членки на ACE²-EU алијансата.
ABC школата е дел од активностите на ACE²-EU Европската универзитетска алијанса, чијашто цел е унапредување на соработката меѓу универзитетите, интердисциплинарното учење и поврзувањето на образованието со реални општествени предизвици.


