Преку гостинско предавање од страна на проф. Рино Капуто, од Универзитетот „Тор Вергата“ во Рим, Италијa, се одбележа Неделата на италијанскиот јазик на УГД. Предавањето се одржа во Тренинг-центарот на УГД, а покрај професорот од Италија, присутни беа и голем број студенти од УГД, заменик-амбасадорот на Италија во Македонија, проректорката на УГД и голем број професори од Филолошкиот факултет при УГД.
– Темата на предавањето е врската помеѓу големиот италијански писател Итало Калвино и одржливоста. Одржливоста е тема насекаде во светот каде што се одржува оваа Недела на италијански јазик. Покрај тоа, оваа година се прославува 100 години од раѓањето на писателот Итало Калвино – вели професорот Рино Капуто.
Целиот настан беше во знак на големиот италијански автор Итало Калвино, кој е еден од најпреведуваните италијански автори во светот. Соработката меѓу УГД и голем број италијански универзитети е присутна и се зголемува сѐ повеќе. Амбасадата на Италија е вклучена во зголемување на соработката меѓу италијанските и македонските универзитети.
– Соработката меѓу УГД и амбасадата на Италија е подолго време доста активна. Амбасадата и министерството на Италија обрнуваат многу внимание на наставата на италијански јазик. Посветуваме внимание и на тоа да се изучува италијанскиот јазик и во основните училишта. Италијанските универзитети нудат многу стипендии и можности за студентите во Македонија – изјави заменик-амбасадорот на Италија во Северна Македонија, Марио Де Роса.
Проректорката на УГД, проф. д-р Ана Никодиновска-Крстевска истакна дека речиси сите факултети во рамките на Универзитетот имаат одлична соработка со италијански универзитети и дека таа соработка оди во полза на студентите и на процесот на едукација.
– Ние, практично, имаме чест да го слушнеме професорот Капуто кој ќе ни раскаже за делата на Итало Калвино. Промоцијата на италијанскиот јазик, култура и развивање на соработката е многу значајна затоа што живееме во свет на постојани врски и комуникација со Италија. Ги негуваме соработките преку проекти, учества во конференции и покани на професори на наши настани. Сето ова е во насока за поголемо зближување во тој европски единствен образовен простор, но и за побрз процес на европска интеграција – изјави проф. д-р Ана Никодиновска-Крстевска.
Настанот се одржа во Тренинг-центарот на УГД, а сите учесници истакнаа дека соработката меѓу македонските и италијанските институции ќе се продлабочуваат во наредниот период.