Search
|     contact@ugd.edu.mk

Плодна средба помеѓу претставници на УСАИД, CIDR програмата, Florida International University и Факултет за информатика

Споделете

На 16 ноември 2023 г. се одржа средба помеѓу претставници на Факултет за информатика (ФИ) и претставници на Агенцијата за меѓународен развој на САД (U.S. Agency for International Development) – УСАИД за РС Македонија, нејзината програма „Критичка инфраструктура, дигитализација и отпорност“ (Critical Infrastructure Digitalization and Resilience – CIDR) и Меѓународниот универзитет на Флорида (Florida International University) – ФИУ, САД.

На средбата присуствуваа Анита Никова-Бундовски, директор на CIDR програмата за Македонија, Сузана Стамболиска-Мечевска, офицер на истата програма, Маргарета Липковска-Атанасов, УСАИД регионален менаџер на проекти за енергетика, Невена Стојаковиќ и Јакуб Хана од ФИУ, како и проф. д-р Сашо Коцески, декан на Факултет за информатика, проф. д-р Александра Милева, продекан за наука и меѓународна соработка на ФИ и проф. д-р Душан Биков од ФИ.

Главниот фокус на средбата беше унапредување на поддршката на CIDR за развој на работната сила за сајбер-безбедност за подобро да одговори на потребите за сајбер-безбедност на земјата. CIDR го препознава Факултетот за информатика и неговите ресурси како значаен ентитет кој може многу да придонесе за развој на ваква работна сила, пред сѐ, со подобрување и збогатување на програмата за втор циклус студии Компјутерска безбедност и дигитална форензика, со искуствата и содржини кои ги нуди Меѓународниот универзитет на Флорида. Сите присутни на состанокот беа согласни дека треба да се работи уште многу за подигање на свеста меѓу луѓето за сајбер-безбедноста, неопходноста и недостатокот на тренирани експерти во полето на сајбер-безбедноста во нашата земја, како и потребата да се заинтересираат студентите на ФИ, но и на другите македонски факултети за работа во ова поле.