Search
|     contact@ugd.edu.mk

Роботиката во функција на инклузија на учениците со попреченост во образованието

Во рамките на проектот „Роботика и инклузија на ученици со попреченост во специјалното образование“ професори од УГД и експерти партнери во проектот извршија презентација на активностите...
Споделете

Во рамките на проектот „Роботика и инклузија на ученици со попреченост во специјалното образование“ професори од УГД и експерти партнери во проектот извршија презентација на активностите кои одат во насока на подобрување на инклузијата за деца со попреченост во образовниот процес.

Овој проект е дел од Програмата „Еразмус плус“ и Универзитетот „Гоце Делчев“ е партнерска институција, а овде се координаторите, колегите од Франција, како и колегите од останатите четири држави, а тоа се Латвија, Италија, Турција и Грција. Ова е наш втор состанок, а истовремено е и обука за наставници. Во соработка со нашиот придружен партнер, Академијата за СТЕМ роботика, ќе имаме и практични активности поврзани со овие ученици кои имаат специјални образовни потреби. Заедно со Академијата за СТЕМ роботика ќе ја презентираме и технологијата која треба да им помогне на овие ученициизјави проф. д-р Татјана Пачемска од Универзитетот „Гоце Делчев“.

Во следниот период проектот треба да даде придонес во состојбата за добивање поддршка на учениците со попреченост во образованието. УГД е одговорен за делот кој е поврзан со проблемите на учење, разбирање и практикување математика.

Овде сме да го направиме концептот и идниот дизајн на роботот кој треба да биде продукт од нашиот проект. Овој робот ќе помогне во поддршка на учењето кај учениците со тешкотии во учењето изјави проф. Хуарт Роксан, од партнерската институција од Франција.

Во процесот се вклучени и од Академијата за СТЕМ роботика од Кочани кои веќе имаат искуство со работа со талентирани ученици, а овој пат треба да го адаптираат процесот на ученици со посебни потреби.

Едукативата роботика ја применуваме кај талентирани ученици, но имаме обиди и кај ученици кај кои им е потребна помош во совладувањето на материјалите. Токму затоа и ние сме дел од овој процес. Децата ја прифаќаат технологијата одлично и сигурен сум дека овие роботи можат многу да им помогнатизјави проф. Гордан Анастасов од СТЕМ роботика – Кочани.

Проектот ќе резултира со технологија која ќе им помага на учениците да ги совладаат основните образовни проблеми, но и животните вештини. Денес на настанот беа присутни и дечињата од училиштето „Искра“ во Штип, како и голем број наставници кои во иднина треба да работат со овие деца.