Преку 500 студенти беа гости, излагачи и учесници на 3. Студентски конгрес што го организираат студентите по медицина на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Конгресот се одржува денес и утре во Мултимедијалниот центар на УГД, а професорите, лекарите и дел од учесниците во Конгресот изјавија дека станува збор за навистина одлично организиран настан на кој студентите можат многу да научат. Ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски, истакна дека ваквите настани добиваат голема поддршка од Универзитетот, а во иднина ќе се обидат да ги поддржат уште повеќе.
– Со гордост можам да кажам дека студентите со свои напори овој настан го организирале на едно високо ниво. На овој настан ќе можат да се слушнат најнови истражувања во областа и да научат едни од други. Овие студенти ќе го продолжат патот кон поздрава и посреќна иднина за сите нас. Ме радува фактот што покажуваат интерес да работат со наука и тоа наука која ќе придонесе за подобар живот за сите. Овие настани треба да бидат уште повеќе поддржани, а тие ќе нѐ направат горди сите нас – изјави проф. д-р Дејан Мираковски.
На Факултетот за медицински науки студираат околу 3000 студенти на сите студиски програми. Дел од овие студенти се и странски, а има и од западноевропските држави.
– Добивме голема поддршка од целото раководство, од ректорот, од деканката на факултетот, а најмногу од студентите кои напорно работеа за да се реализира ова – изјави Константин Хубрев, студент на Факултетот за медицински науки и дел од организацијата на Конгресот.
На Конгресот генерално ќе има теми од клиничката област на медицината, со акцент на хирургија, интерна медицина, ортопедија и дерматологија.
На гала-вечер на 18 мај ќе бидат доделени награди за најдобрата усна презентација и за постер презентација. Наградата е вредносен ваучер од 500 евра и публикација во списание.