Search
|     contact@ugd.edu.mk

Предизвиците во туризмот и бизнис логистиката во 21 век – седмо издание

Споделете

Факултетот за туризам и бизнис логистика по седми пат ја организираше Меѓународната научна конференција „Предизвиците во туризмот и бизнис логистиката во 21 век – ISCTBL 2024“. Седмото издание се одржа во Порта Македонија во Скопје, а учествуваа 15 панелисти во три сесии. Една сесија беше наменета за авторските трудови. Темата на годинашната конференција беше „Глобална динамика и можности за поддршка на економскиот раст, преглед на ситуацијата во бизнисот, културата, културното наследство и туризмот“.

На конференцијата беа пријавени 24 авторски трудови.

Оваа конференција има програмски комитет којшто брои над 80 професори од 15 земји со еминентни професори и од нашата земја и сѐ повеќе го зајакнува интересот на публиката, бизнис и академската заедница. Ова се должи на водењето интензивна отворена комуникација со сите стожери. Токму ваквиот начин ни дава сигнал за тоа кои се потребите на пазарот, а согласно со тие потреби креираме вакви настани, програми и конференции кои имаат мултидисциплинарен карактер. ФТБЛ преку ваквите конференции успешно го поврзува и усогласува високото образование со современите барања на економијата и општеството, држејќи чекор со сите важни достигнувања.

Оваа година темата е поврзана со реалните состојби во општеството и економијата и е насловена „Глобалната динамика и можностите за поттикнување на економскиот раст“, каде што ќе дадеме преглед на состојбите во бизнисот, културата, културното наследство и туризмот изјави деканката на Факултетот за туризам и бизнис логистика, проф. д-р Татјана Бошков.

Според проректорот за настава и студенти, проф. д-р Мишко Џидров, конференцијата е дел од обврската и улогата на Универзитетот и академската заедница да ги истражат и анализираат предизвиците.

Ние треба да ги истражиме и анализираме предизвиците, да создадеме стратегија и решенија кои ќе ги поддржат туристичките и логистичките сектори во нивното справување со овие предизвици, истовремено стимулирајќи иновации и развој на нашата економија и заедница. Оваа седма Меѓународна научна конференција има големо значење за академската, бизнис и општествената заедница. Овде ги истражуваме најновите трендови, ги гледаме предизвиците и можностите, и се здобиваме со нови знаења и вештини, нови погледи и идеи. Овој настан е платформа за размена на искуства и најдобри практики помеѓу студентите, професорите, истражувачите и професионалците од областите. Да не ја заборавиме и важноста на вмрежувањето помеѓу вас и соработката која ќе продуцира и ќе даде соодветен придонес за иновациите и развојот вцо секторите на туризмот и логистиката. Во крајна линија, овој настан го поттикнува дијалогот и иновациите што ни помагаат да овозможиме раст и развој во туризмот и во логистиката во 21 век изјави проректорот Џидров.

На свеченото отворање како претставник на Министерството за образование и наука се обрати Станка Петковска, која изјави дека оваа конференција има големо значење за развој на туризмот, економијата и воопшто на науката во државата.

Државата има клучна улога за поттикнување, развој и помагање на науката, иновациите и технолошкиот развој.  Многу векови наназад, визионерите и вистинските светски лидери констатирале дека вложувањето во науката не е трошок. Тоа е инвестиција за идниот развој на државата. Министерството за образование и наука е надлежна институција за креирање на соодветни политики и преземање на мерки за развој на науката и иновациите, но исто така е одговорна институција за финансирање на науката и унапредувањето на меѓународната соработка. Во таа насока, буџетот за оваа намена е зголемен, но мора да сме реални и да кажеме дека тоа не е доволно. Вкупното вложување во науката на национално ниво изнесува 0,4 % од БДП и споредено со европските земји е на ниско ниво. Вложувањата во научните истражувања треба да се зголемуваат во континуитет, како од државата така и од бизнис секторотизјави Петковска.