Данче Николова-Тричковски
„Каде и да ве однесе патеката на животот не очајувајте, не плашете се, најдете го патот до целта, трудејќи се и покажувајќи дека секој труд на крајот од денот има своја вредност.“
Име и презиме: Данче Николова-Тричковски
Факултет и студиска насока: Педагошки факултет, оддел Одделенска насока.
Тековна професија: Интеграционен педагог во градинка.
Место на вработување: По завршувањето на дипломските студии во 2008 год. се вработив како одделенски наставник во ООУ „Кирил и Методиј“, с. Ораовица – Радовиш. На почеток бев одделенски наставник, но потоа решив да го надградам моето образование, а со тоа и преземање на нова работна позиција, со понатамошно школување или доквалификација на Филолошкиот факултет, исто во Штип – модул Англиски јазик за работа со деца во одделенска настава. Истовремено бев и училиштен библиотекар, гранка која најмногу ме доближи до сите ученици преку нивните редовни активности најчесто спроведени во просториите на училишната библиотека.
Но животната врвица мене и моето семејство нѐ донесе пред четири години во срцето на Европа, Салзбург – Австрија. По долготрајниот процес на изучување на германскиот јазик, успеав да се најдам повторно себеси во мојата област и тоа како интеграционен педагог во градинка.
Животно мото: Оние кои ме познаваат добро знаат дека сум упорна, трудољубива, искрена, секогаш позитивна и со доволно трпение. За себе можам да кажам дека немам страв од непознатото и дека секој нареден ден е, всушност, нареден предизвик. Се сакам таква каква што сум, а тоа ми дава самодоверба и сила да се борам понатаму.
Позиција на која работам денес: Интеграционен педагог во градинка со деца од 3 до 6 години, населба Гнигл – Салзбург, Австрија.
Различноста на образовниот систем во Австрија е токму тоа што ми даде можност да се најдам како воспитувач во градинка. Се работи за работна позиција која е како дополнителна помош во една група каде што веќе има воспитувач и асистент. Мојата задача е да посветувам дополнително внимание со разновидни активности на деца кои имаат тешкотии во своето интегрирање со другите деца и целокупната настава. Таквите деца сами по себе бараат дополнителни насоки кои ги добиваат исклучиво преку соодветни игри, разговори и индивидуално поминато време заедно. Со согласност на родителот, градинката и соодветните служби децата се здобиваат со статус интеграционо дете.
Оваа работна позиција е нешто многу поразлично од тоа што досега го имам работено, но благодарение на тимот со којшто работам, нивното разбирање и мотивација, како и со претстојните предавања и обуки, покажав дека можам да одам и во таа насока.
Мојот рецепт за успех се состои од: Максимална посветеност, издржливост, трпение. Нема откажување на патот кон успехот. Тешко е, особено во туѓа земја на туѓ јазик, но и таму по дождот сонцето доаѓа.
Најголеми предизвици на патот до успехот ми беа: Желбата за средба со непознатото. Најпрво изучувањето на германски јазик, кој не е лесен, и сепак, Салзбург е голем град. Неговиот шарм со музиката на Моцарт привлекува илјадници туристи, студенти, па и семејства како нас. Разновидноста во образовниот систем, како во одделенска настава, така и во претшколска. Целодневните грижи за деца се исто така вообичаена гранка овде. И се разбира, моето скоро десетгодишно работно искуство како најголем адут ми го обезбеди работното место во државна градинка.
Со УГД се дружев: Со гордост можам да кажам дека во далечната 2004 година се запишав на Педагошки факултет (денес Факултет за образовни науки) во Штип. Како редовен студен со солиден успех за четири години во 2008 г. дипломирав. По четири години го запишав модулот Англиски јазик и за две години истиот го завршив. Тоа беше еден многу убав дел од мојот живот.
Факултетот и насоката ги избрав затоа што: Растев како ќерка на професор по географија. Мојот татко ја сакаше многу својата професија. Така убаво ми го долови благодатот од работата со деца, што ни малку не се сомневав уште од мали нозе дека еден ден ќе бидам учителка, но не на големите туку на малите деца. Единствено во тоа не се совпаѓаме. Трпението, љубовта и безброј други совети сѐ уште несебично ми ги дава, иако е долгогодишен пензионер кој, како што сам вели: „додека не поминат три генерации низ рацете на еден учител нема одење во пензија“.
Како клучна предност на студиите на УГД ги издвојувам: Зборувам за време кога технологијата не беше на ова ниво како сега, но со радост можам да кажам дека професионалноста и достапноста на сѐ што беше потребно беше на високо ниво. Сѐ уште стојат моите трудови на флопи диск, сите мои книги, материјали, кои се од животно значење. Можеби не беше така лесно да се воспоставува контакт со асистентите и професорите, но благодарение на постојаните лични средби голем дел од нив сѐ уште се сеќаваат на ликовите на многумина студенти кои учеа истовремено со мене. Многу ме радува напредокот на Универзитетот и тоа што на далеку се знае за УГД. Технологијата и развојот на севкупното постоење е од голема полза за денешните млади луѓе за да направат вистинска одлука и да се запишат токму на Универзитетот во Штип.
Праксата на УГД, како соодветен дел од студиите, ја остварив во: Две основни училишта во Штип, каде што се здобив со првите впечатоци што ги носи мојата благородна професија.
Од студиите на УГД за развој на успешната кариера најмногу ми помогна: За време на студирањето од големо значење за мене беше несебичната соработка на професорите, асистентите и целокупниот персонал во институцијата. Нивната посветеност и достапност во секое време. Сега кога гледам некои од нив, веќе во зрели години, си го враќам сеќавањето како заедно сме поминале низ еден многу убав пат, секој до својот успех.