Search
|     contact@ugd.edu.mk

Потпишан Меморандум за соработка на УГД и Фондацијата „Викимедија МКД“

Споделете

Универзитетот „Гоце Делчев“ и Фондацијата „Викимедија МКД“ потпишаа Меморандум за соработка, кој треба да биде во насока на публикување на отворени, проверени содржини на Википедија, како и промовирање на отворен пристап на податоци.

Генерално соработката со „Викимедија“ е започната порано. Лабораторијата за дигитални ресурси и отворен пристап е формирана во 2010 година, оттогаш имаме некои активности, а минатата година и конкретно имавме публикување на наслови од нашата електронска библиотека. Тоа резултира со иницијатива да потпишеме Меморандум за подолгорочна соработка и веќе имаме планови како од наредната учебна година да почнеме да формираме тимови за креирање на содржини во Википедија, за публикување на други отворени содржини, да промовираме отворен пристап на податоци – изјави проф. д-р Зоран Здравев, раководител на Лабораторијата за дигитални ресурси и отворен пристап на УГД.

Снежана Штрковска, извршен директор на Здружението „Викимедија МКД“, признат огранок на Фондацијата „Викимедија“, која ги финансира сите викимедиски проекти низ цел свет.

Википедија е енциклопедијата, Викимедија е сѐ друго, затоа што покрај енциклопедијата која е слободна, секој може да пишува и секој може да ја чита, постојат други, што ги викаме сестрински проекти, како што се вики-податоци, вики-книги, вики-универзитети и така натаму, на кои се работи за да може да се збогатува слободното знаење. Фондацијата се наоѓа во Сан Франциско и таму се наоѓаат сите сервери, од кои зрачат овие интернетски страници.

Бенефитот за двете страни во секој случај е оној кој сите луѓе ќе го имаат како корист, да ја направиме Википедија на македонски јазик место на коешто можат да се прочитаат сигурни и точни податоци – изјави Штрковска.

Токму со соработката на „Викимедија“ со високото образование ќе се придонесе за поголема точност на она што се објавува на Википедија, за што постојано се полемизира.