Search
|     contact@ugd.edu.mk

Музичката академија и универзитетскиот ансамбл „Македонија“ добија свој простор во Наставниот центар на УГД во Скопје

Споделете

Музичката академија, Одделот за етнокореологија и Универзитетскиот ансамбл „Македонија“ добија нов простор во Наставниот центар на УГД во Скопје. Просторот свечено беше отворен во присуство на деканите на Музичката академија, ФТБЛ, како и на проректорите на УГД, проф. д-р Зденка Стојановска и проф. д-р Дарко Лазаров. Целиот настан беше збогатен и со еден неформален настап на студентите од Музичката академија за кои овој простор секако ќе има најголемо значење. Ова го потврди и проф. д-р Владимир Јаневски од Одделот за етнокореологија.

Ова за нас е навистина долгоочекуван простор, во кој нашите студенти ќе можат да работат, да се едуцираат, односно и тие да реализираат работилници од уметнички карактер. Се работи за простор каде што ќе биде универзитетскиот ансамбл „Македонија“, кој долги години веќе опстојува на Универзитетот и навистина сега ова за нас е многу голема работа, заради тоа што веќе по толку години се случи адаптација на овие простории кои навистина се гордост на целиот наш Универзитет изјави проф. д-р Владимир Јаневски од Одделот за етнокореологија на Музичката академија на УГД.

Ансамблот „Македонија“ со своите активности и истражувања, теренски проекти на студентите и професорите, се значајна алка во зачувувањето на македонската музика и традиции, смета професорот Јаневски.

– Најголемата среќа за нас е 2007 година, кога се отвори Универзитетот „Гоце Делчев“. Ако не се случеше тоа, можеби ќе беше навистина голем проблем за студиската програма Етнокореологија и за зачувувањето на традиционалната култура. Со отворањето на Универзитетот „Гоце Делчев“, со отворањето на Музичката академија и основањето на Катедрата за етнокореологија, се овозможи да се запишуваат студенти кои ќе ја изучуваат традиционалната култура во однос на играње, пеење, носија и инструменти. Во тој поглед, навистина, веќе ние направивме во овие 17 години голем одек, само заради тоа што студентите на етнокореологија не останаа неанимирани. Студентите од УГД за неколку години заминаа на двомесечна турнеја во Јапонија, го пропатуваа целиот Балкан, цела Европа, концертно сме многу јаки, можам слободно да кажам дека ансамблот „Македонија“ навистина помага во менувањето на третманот и зачувувањето на македонската култура, традиција, музика… Можам само да кажам дека универзитетскиот ансамбл „Македонија“ во последните години стана репер за сите ансамбли во нашата држава, па дури и за Националниот ансамбл „Танец“.

Сите кореографии на „Танец“ и сите кореографии кои се работат во културно-уметничките друштва секогаш репер се зема ансамблот „Македонија“. Тоа е една огромна чест и на некој начин е реформатор во некои работи кои треба да се променат кај нас во државата – вели професорот Владимир Јаневски.