Search
|     contact@ugd.edu.mk

Мојот пат кон успехот со УГД – Љупче Ефнушев

Факултет и студиска насока:  Прв циклус студии, Рударско-геолошки факултет, оддел Геологија; Факултет за природни и технички науки, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, втор циклус студии студиска програма Геомеханика.
Споделете

Име и презиме: Љупче Ефнушев

Факултет и студиска насока:  Прв циклус студии, Рударско-геолошки факултет, оддел Геологија; Факултет за природни и технички науки, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, втор циклус студии студиска програма Геомеханика.

Тековна професија: Дипломиран инженер геолог, магистер по технички науки -геомеханика.

Место на вработување:  Министерство за економија – Сектор за минерални суровини.

Животно мото:  Патуваме низ животот за да можеме да истражуваме, да научиме и да разбереме, ништо во животот не е невозможно за тој кој има желба да се обиде и да се посвети.

Позиција на која работам денес: Раководител на Одделение за геологија и геолошки истражувања – Сектор за минерални суровини во Министерство за економија. Целокупните знаења и вештини стекнати во моето образование и животен пат ги преточувам во своите работни задачи и програмски приоритети за што интензивно сум посветен на поттикнување и развој на геологијата и геолошките истражувања и експлоатација на минерални суровини во Македонија, со посебно внимание на заштитата на животната средина. Областа на геологија и рударство во нашата земја, за жал, долги години е претставена преку еден минимализиран и маргинализиран Сектор за минерални суровини во Министерството за економија, каде што јас со моето долгогодишно работно искуство со повеќе од две децении и мојата желба да постигнам напредок во професијата континуирано работам на унапредување на законската регулатива, подзаконските акти и концесиски проекти од областа на минералните суровини. Се надевам дека со реорганизација на новата Влада и новото Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини ќе се создаде позитивен стратешки развој во оваа област и постигнување на ЕУ стандарди. Ова е добредојден развој, но исто така со себе носи суштински предизвик и можности за многу партиципиенти.

Мојот рецепт за успех се состои од:  Не постои совршен план за успех, тоа е резултат на напорна посветеност, работа и учење од грешките. Ако работиш и се трудиш најдобро што можеш во моментот, тоа те подготвува за успех во следниот момент.

Најголеми предизвици на патот до успехот ми беа:  Тајната на успехот не е човекот да го работи тоа што го сака, туку да го сака тоа што го работи. Во животот мора да се исправите и да се движите напред без разлика какви препреки животот ќе постави пред вас, мора да вложувате часови и часови како би постигнале вештини и резултати во кои ќе поминете тешки скалила, но на тој пат ќе постигнете многу и растот во себе ќе биде голем. Никогаш не сте сами во таа авантура на животот, секогаш ќе ја имате поддршката од семејството, пријателите и некои од колегите, а успехот не е постигнување само на своите цели, туку и на сите околу вас. Реформите во областа геологија и рударство во Македонија за кој голем број на луѓе се залагаме, се неопходни за патување кон поодржлив и поодговорен научен и индустриски развој, оставајќи зад себе наследство на позитивни промени.

Со УГД се дружев: Пет години на прв циклус студии, плус две години на втор циклус студии.

Факултетот и насоката ги избрав затоа што:

Отсекогаш ме привлекуваа природните науки и природата, со која како мал често бев во контакт. Мојот избор со високо образование беше Рударско-геолошки факултет, а потоа дообразованието во магистерски студии го продолжив на ФПТН на Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, кој претставува образовен континуитет на стариот Рударско-геолошкиот факултет. Кога професијата е избрана со срце и кога е добиена можноста личноста да работи и професионално да се надградува, тогаш тоа е професија за целиот живот за што верувам дека и мојата приказна е таква. Земјата во која живееме е еден динамичен систем кој бара континуирано истражување и работа. Имаме само една планета и природните ресурси се ограничени, затоа отсекогаш сметав дека треба да се грижиме и да се однесуваме позитивно и одговорно.

Како клучна предност на студиите на УГД ги издвојувам:

Универзитетот и Факултетот се секогаш со свежи и нови идеи, вклучување на студентите во нивна реализација, како и развој во чекор со промените и потребите. Едноставно, место кое ќе остави траен белег на најубавиот период од вашиот живот и ќе се создадат пријатели за цел живот. Со студирањето се запознаваат врвни професионалци, колеги, професори, кои на одличен начин го пренесуваат своето знаење и искуство и на уште подобар начин ја доловуваат сликата во реалност, со цел знаењето да го имплементираме во нашето опстојување во општеството за подобро утре. Со развојот на техничките науки градиме просперитетна иднина за генерациите што доаѓаат, за нашата индустрија, економија и животна средина.

Праксата на УГД, како составен дел од студиите, ја остварив во:

Праксата може да ви даде работно искуство со тоа што ќе ве запознае со секојдневните работни задачи на патот кон развојот на кариерата. Праксата во текот на студиите ја имам искористено во научноистражувачкиот центар на Универзитетот, додека во оперативниот практичен дел најмногу ми помогна посетата и работата во објекти за истражување и експлоатација на минерални суровини. Нашето инженерство во делот на минерална технологија е развиено на високо стручно ниво и низ разни институции и стопански субјекти можат да се пронајдат врвни професионалци кои имаат желба да го пренесат знаењето и вештините со кои располагаат. Практичното искуство и менторството е неопходно за реално да се применат теоријата и концептите кои биле изучувани, а во тоа од големо значење ми е и соработката со институции и здруженија од земјава и од странство во областа на мојата работа.

Од студиите на УГД за развој на успешна кариера најмногу ми помогна: Според мене, „студирањето“ е повеќе како животна потрага по знаење и вештини, која исто така ви помага да растете и како личност. Како што напредувате во вашата кариера, сепак ќе треба да учите одново и одново за да бидете успешни во избраната област. Можностите што ги нуди УГД со различните студиски програми, професионалниот кадар кои го имаат и со современите лаборатории и проекти овозможува концепт и компетенции на научната, истражувачка и апликативна методологија. Студиите најмногу ми помогнаа да развијам јасни перспективи и да воспоставам трајни релации за секојдневно да можам, од позицијата на која сум да донесувам подобри одлуки, кои се од интерес на целата нација.

Совет за младите како идни студенти: Во животот мора да се биде проактивен и да се покажете иницијатива да преземете предизвикувачки чекори со постојано унапредување на вештини и проширување на базата на знаење и комуникациjа. Можете да постигнете успех само преку преземање значајни и конзистентни чекори и да не се разочарувате од периодичните неуспеси и ограничувања кои можат да ве спречат кон целта на успехот. Имајќи ги предвид глобалните тенденции, не е можно економски развој и зеленa транзиција без создавање на кадри за одржливо искористување на минералните суровини.