Search
|     contact@ugd.edu.mk

Извори на бизнис идеи кои претприемачите мора да ги знаат (вклучени примери)

Краток извадок: Како и каде претприемачите доаѓаат до успешни бизнис идеи? Погледнете ги основните извори на бизнис идеи проследени со автентични примери од успешни македонски претприемачи.
Споделете

Издржана бизнис идеја е почетната основа на секој успешен бизнис, но од каде претприемачите наоѓаат инспирација за своите брилијантни идеи?
За да започнат и водат успешен бизнис, претприемачите треба да бидат решителни, креативни, истрајни и да се во постојана потрага по нови ветувачки идеи. Бизнис практиката говори дека деловните идеи можат да произлезат во различни околности и од бројни извори. Дополнително, претприемачите треба да бидат подготвени и способни да ги препознаваат добрите идеи и да се обидат ги искористат можностите на најдобар начин штом тие ќе се појават на хоризонтот.

Содржина:
Извори на бизнис идеи (и примери)

  1. Претприемнички ум (April22)
  2. Личната средина на претприемачот (Signori)
  3. Професионална (работна) средина (Slice)
  4. Клиенти (тековни и потенцијални) (Native teams)
  5. Деловни партнери (Adeva)
  6. Конкурентите како извор на идеи (Grouper)
  7. Специјални настани (Challenger)
  8. Извори на интернет (Howitzer)
  9. Други извори на бизнис идеи (Green Food)

Заклучок

Во продолжение ќе ги погледнеме основните извори на претприемнички идеи проследени со соодветни примери од светот на бизнисот. Особено интересно и мотивирачки е што одбраните примери се од нашето поднебје, односно од наши македонски претприемачи кои го следат својот сон и со својата бизнис идеја успеваат да ја реализираат и во светски рамки.

Постојат многу различни извори на бизнис идеи, кои се движат од лично сознание, потенцијални клиенти па се до бројни онлајн извори. Понекогаш идеите се раѓаат спонтано, но најчесто претприемачот е тој што треба да вложи напор да ги открие пазарните можности и да дојде до најветувачките бизнис идеи кои потоа треба да се обиде и успешно да ги реализира.

1. Претприемнички ум (мајндсет)

Умствените способности на претприемачот, кои произлегуваат од неговото/нејзиното знаење, искуство, проактивност и креативност, може слободно да кажеме дека е суштински и најважен извор за генерирање на бизнис идеи. Претприемачите често се потпираат на сопствените вештини, експертиза и знаење за да ги идентификуваат деловните можности. Ова може да биде резултат на нивното искуство работејќи во одредена индустрија или професија, или може да биде производ на нивната лична креативност, уникатни таленти, интереси или целта да се успее.
Менталниот склоп на претприемачот и неговата решеност да постигне успех се особено значајни и за пребарување, препознавање и прифаќање на идеи и од надворешните извори. Овие извори (наведени подолу) дополнително го зајакнуваат капацитет на претприемачот да генерира или прифати потенцијално успешни бизнис идеи. Претприемачкиот ум, исто така, ја одразува и будноста и отвореноста на претприемачот (или иноваторот) за нови бизнис идеи кои би можеле да се појават во секое време и во секоја ситуација.

April22 – Биоразградливи хулахопки

Сања Лазаревска, која потекнува од претпримничко семејство, не сакајќи да остане во сенката на успехот на своите родители, постојано се труди да иновира во рамки на семејниот бизнис со женски хулахопки, но и да започне нови, лични бизнис потфати. Таа брзо ја согледува реалноста дека постоечкиот производ не е еколошки и ја загадува планетата, па затоа се впушта во мисија да креира производ кој е биоразградлив, со цел да обезбеди еколошка одложливост на фамилијарниот бизнис. Така настанува компанијата Април22 која со своите биоразградливи хулахопки постигнува одличен успех на странските пазари, кои и се многу повеќе спреми да прифатат ваков вид на производи. Слободно можеме да кажеме дека изнаоѓањето на оваа бизнис идеја и успехот, во најголема мерка произлегува од проактивноста и решителноста на Сања да преземе сериозен исчекор во насока на надминување на констатираниот предизвик.

2. Лична средина на претприемачот

Личната средина на претприемачот се однесува на неговиот личен начин на живот, пријателите, семејството и мрежите на познанства. Претприемачите често ги идентификуваат деловните идеи преку интеракции со нивната лична околина, како што се разговори со пријатели или набљудување на потребата во нивното лично окружување. Многу често во практиката, потрагата по задоволување на некоја лична потреба или решавање на личен проблем или проблем на блиските, резултирале со одлични бизнис идеи.

Signori – Машки одела по мерка

Ненад Пантовиќ и Кристијан Поповски, како млади атлетски градени момци се соочиле со проблемот да најдат соодветни машки одела кои ќе одговараат на нивната градба. Со цел да ги избегнат високите трошоци кај познатите градски кројачи, одбрале модерни модели на одела од мрежата Pinterest и ангажирале локална шивачка да ги изработи. Нивната појава со идеално скроени одела не останала незабележана во локалите каде што се движеле. Пријателите почнале да се интересираат каде може и тие да сошијат одела по мерка. На овој начин се раѓа идејата за машки одела Signori, бренд кој за релативно брз период станува препознатлив во регионот и пошироко. Особено интересна е случката која иницијално го вивнува овој бизнис. Имено, меѓу правите корисници на нивните одела, односно промотори на брендот, бил српскиот пејач Жељко Јоксимовиќ кој имал итна потреба од 4 одела за концерт во Скопје, а Signori ги пронашол преку нивната Facebook страница.

3. Професионална (работна) средина

Професионалната или работната средина на претприемачот го вклучуваат работното место, колеги, соработници, претпоставени, секторот за истражување и развој (во рамки на компанијата) како и други претприемач и други компании во окружувањето. Претприемачите можат да ги идентификуваат деловните можности преку работа во одредена индустрија, во рамките на својата професија, набљудување на новите трендови или промени во индустријата. Исто така, компаниите кои имаат сектори или одделенија за истражување и развој, до бизнис идеи може да доаѓаат преку систематско истражување и развивање на нови производи и услуги. Нов тренд во поголемите компании е и да ги користат и придобивките на Идеа менаџмент системите, кои со помош на дигиталните технологии, идеите (од внатрешни и надворешни извори): ги иницираат, прибираат, вреднуваат, спроведуваат и следат во нивното извршување.

Slice – Апликација за нарачка на пици од локални пицерии

Илир Села, по потекло од Дебар, забележува дека многу фамилијарни пицерии во Њујорк и околината имаат тешкотии да се адаптираат на дигиталната трансформација и да се носат со конкуренцијата за онлајн нарачки од големите и познати синџири на пицерии како Domino’s и Pizza Hut. Впрочем, голем дел од пријателите и поширокото семејство на Илир поседуваат пицерии кади и тој самиот стекнува дел од своето работно искуство. Студиите по компјутерски науки му помагаат да се одлучи да понуди дигитално решение за овој проблем и стартува со MyPizza која потоа преминува во Slice, за денес како платформа за онлајн нарачки да помага на преку 20.000 илјади локални пицерии во САД и Канада. Компанијата брои преку 900 вработени, од кои најголем дел се лоцирани во канцелариите во Дебар, Охрид и Скопје.

4. Клиенти (тековни и потенцијални)

Тековните и потенцијалните клиенти може да бидат значаен извор на бизнис идеи, бидејќи тие директно може да ги искажат своите потребите или да ги идентификуваат празнините на пазарот коишто претприемачите можат да ги пополнат. Претприемачите можат да ги користат повратните информации од клиентите со помош на прашалници или преку сеопфатно пазарно истражување со цел да ги идентификуваат неисполнетите потреби, нерешените проблеми, областите за подобрување или новите бизнис можности. Потребите на клиентите може да се следат и преку нивните интеракции на социјалните мрежи на самата компанија, но и на профилите на конкурентите.

Native Teams – Платформа за фриленсери

Првичната идеја на Native Teams била да послужи како платформа за видео состаноци и платформа за складирање на податоци. Сепак според барањата и потребите на клиентите бизнисот се преориентира во платформа која на фриленсерите им помага со плаќањата и со регулирање на вработувањето. Битолчаните Александра Митевска и Никола Бубевски извесно време и самите работат како фриленсери но се соочуваат со проблемот на примање на пари и немање статус на вработени. Првично основаат фирма во која се вработуваат самите а потоа во соработка со британецот Џек Тхорогод, нивен претходен работодавач, ја ко-основаат компанијата Native Teams која денес нуди услуги во 40 различни држави. Компанијата покрај процесирање на појдовните и дојдовни плаќања и можност за формално вработување, на фриленсерите им нуди и сметководствени услуги, дигитален паричник, дебитни картички, посредување за визи и работни дозволи, регистрација на фирми и сл.

5. Деловни партнери

Деловните партнери како што се дистрибутерите, добавувачите и соработниците исто така можат да бидат извор на деловни идеи. Партнерите може да имаат сознанија за трендовите на пазарот, промените во однесувањето на потрошувачите и/или новите технологии кои претприемачите можат да ги користат за развој на нови производи или услуги.

Adeva – Глобална мрежа на таленти за работа од далечина

Адева е компанија која гради тимови за работа од далечина и истите ги става на располагање на етаблирани компании или стартапи. Основачите Катерина Трајчевска и Тошо Трајанов уште додека работат како фриленс-програмери сфаќаат дека компаниите се повеќе се насочуваат кон ангажирање надворешни соработници (outsourcing) без притоа формално да ги вработат во својата компанија. Од друга страна ангажирањето на слободни контрактори (фриленсери) на компаниите им создава предизвици, прво во изнаоѓање на вистинскиот талент а потоа и нивно задржување на подолг рок. Во тој контекст Адева станува доверлив посредник помеѓу деловните партнери од една страна и проверени и стабилни тимови кои работат од далечина, од другата страна.

6. Конкурентите како извор на идеи

Делувањето на конкурентите, директни и индиректни, можат да им овозможи на претприемачите увид во побарувачката на пазарот, трендовите како и во областите за можно подобрување. Набљудувањето на стратегиите и понудите на конкурентите може да им помогне на претприемачите да развијат нови производи или услуги кои ќе се насочат кон несоодветно задоволните потреби или ќе понудат подобри или поевтини производи.

Grоuper – Онлајн шопинг преку групни попусти

Бизнис приказната на Нина Ангелова започнува кога таа на 21 година победува на државниот натпревар за најиновативен бизнис план, што и донесува финансиски средства да започне сопствен бизнис. Grouper го пресликува успешниот бизнис модели на познатиот американски сајт за групни попусти – Groupon, при што се прилагодува на условите на македонскиот пазар во периодот кога само 1% од македонските потрошувачи купуваат онлајн. Групер не е прв сајт за онлајн продажба во Македонија но брзо станува лидер и е предводник на развојот на е-трговијата кај нас, за на крај да кулминира со аквизиција (откуп) од страна на странски партнери. Основен движечки мотив во бизнис приказната на Нина, како што и самата наведува, е желбата и посветеноста да се успее.

7. Специјални настани

Специјалните настани како што се работилници, конференции, саеми, настани за вмрежување и сл. им овозможат на претприемачите да се запознаат со новите индустриски трендови, новите технологии како и новите бизнис модели. Овие настани на учесниците им нудат можности да стапат во контакт со потенцијални деловни партнери и/или клиенти, но и да дојдат до нови бизнис идеи или да ги подобрат постоечките. Настани кои вклучуваат искусни претприемачи како и потенцијални клиенти се и одлична можност да се верификува/валидира бизнис идејата, односно колку истата би била прифатена и дали има потенцијал за успех.
Како настани од ваков тип во нашата држава може да ги издвоиме „Недела на претприемништвото“ и „Startup Weekend“ на Стартап Македонија, „The Longest Pitch Marathon“ на Networker, „Бизнис Кафе Македонија“, „The Founder Games“ и сл.

Challenger– Апликација за поттикнување на физичка активност

Олга Рајчиќ, желна за знаење, нови искуства и влијателни проекти учествува на Startup Weekend Skopje. Таа нема своја идеја но таму ги среќава Теодора Чижбаноска и Стефан Алексиќ кои веќе размислуваат за „зелена апликација“ која преку наградни попусти ќе ги мотивира корисниците, наместо да користат превозни средства кои загадуваат, да пешачат, трчаат или да возат велосипед. Олга веднаш станува дел од тимот, а бизнис идејата освојува многу пофалби и трета награда на настанот. Мотивирани од позитивниот фидбек за идејата, после настанот напорно работат истата да ја допрецизираат и за 6 месеци Challenger станува реалност. Денес апликацијата освен во Македонија, присутна е и во земјите во регионот.

8. Извори на интернет

Интернет мрежата на претприемачите им обезбедува мноштво од информации и ресурси за идентификување на деловните можности и генерирање на бизнис идеи. Претприемачите можат да ползуваат пребарувачи (Google, Bing), онлајн форуми (Reddit, Warrior Forum, Quora), социјални медиуми (Linkdin, Facebook, Tiktok итн.), онлајн пазари на производи (Ebay, Amazon, Etsy), мрежи за афилијација (ClickBank, Commission Junction), платформи за фриленсинг (Upwork, Freelancer, Fiverr) и многу други видови на веб-сајтови со цел да спроведат истражување на пазарот, да се поврзат со други професионалци и да добијат сознанија за тековните и идни трендови во бизнисот. Изобилството на онлајн извори на бизнис идеи (независно на кој веб сајт или во која форма) вклучува и студии на случај, листи на бизнис идеи, извештаи од индустријата, награди за претприемништво, оценување на производи, вести за потрошувачите, бизнис и стартап вести, академски списанија, популарни веб-статии и многу други. Во продолжение ќе споменеме неколку моќни веб извори на бизнис идеи на глобално ниво како и интересни домашни веб содржини.

Indie Hackers е заедница на претприемачи кои ги споделуваат своите искуства, си помагаат едни на други и даваат повратни информации. Тоа е одличен извор на деловни идеи бидејќи членовите ги споделуваат своите приказни, цели, идеи и успеси (со докази). Како што си помагаат меѓусебно да растат, тие остануваат во заедницата и им помагаат на новите членови да ги постигнат своите цели, што може да вклучи и развој на нови бизнис идеи. Product Hunt, од друга страна пак, е претприемничка платформа за презентација и промовирање на нови и иновативни продукти независно во која фаза на развојот се наоѓаат. Kickstarter и Indiegogo се веб платформи за групно финансирање (crowdfunding) преку кои претприемачите ги обезбедуваат почетните финансии за своите иновативни идеи. Сите овие платформи се и одлична инспирација за претприемачите од било кој дел на светот.

ChatGPT, Gemini и Copilot, напредните јазични модели базирани на прашања и одговори (chat), се одлични алатки за започнување на претприемничката потрага по бизнис идеи. Малку е веројатно дека ChatGPT или другите слични алатки ќе генерираат уникатни бизнис идеи, но се одлични за почеток, како и за допрецизирање на идеите од другите извори. Првенствено ChatGPT може да помогне за креирање на пероснална SWOT анализа, каде личните силни страни и искуство може да се претворат во интересни бизнис идеи. Понатаму, на алатката Copilot која има пристап до тековната база на пребарувачот Bing, може да се добијат информации за атрактивни, тековни трендови во бизнисот како и предлози за конкретни идеи во рамките на некој од трендовите.

Google Trends е алатка кој овозможува да се прегледува интересот на интернет корисниците за одредени пребарувачки термини во рамки на Google search. Истата може да се искористи да се провери атрактивноста/популарноста на првичните бизнис идеи генерирани од други извори, но и дополнително да се генерираат бизнис идеи бидејќи алатката дава предлози и за други брзо-растечки пребарувања од страна на интернет корисниците. Алатката може да се користи да се провери колку се пребарува одреден вид на постоечки производ или услуга, но и конкретен проблем со кој се соочуваат интернет корисниците а за кој можеби се уште не постои соодветен производ.

Во рамки на нашата држава, како конкретни веб извори на бизнис идеи може да ги споменеме; рубриките „Стартап“ на Иновативност.мк и на IT.mk, како и бизнис форумите на IT.mk, и на Kajgana. Потоа интересни се бизнис приказните во рамки на поткастите на Youtube; „Што го врти светот“, „Бајкерот и Кросфитерот“,и поткастот на Иван Неделковски.

Howitzer – Маркетинг алатка за Reddit

Никола Велковски, Стефан Котевски и Томислав Јуруковски првично креираат апликација за микро работење преку мобилен телефон. Користејќи информации и ресурси на популарниот форум Reddit се обидуваат да ја промовираат апликацијата со коментирање во релевантни Reddit (под)групи и преку платени реклами, но безуспешно. Потоа одлучуваат да направат алатка за масовно испраќање на директни пораки до претходно автоматски собрани Rediit кориснички имиња, таргетирани според нивниот интерес. Креираната алатка која донела успех во промоцијата го добива името Howitzer за потоа да се понуди и како продукт на други заинтересирани маркетари. Производот понатаму успешно се (себе)промовира, а постигнува и голема видливост на платформите IndeHackers и ProductHunt. После првичниот успех, Howitzer привлекува и инвестициски капитал од $500.000 за понатамошен развој на бизнисот. Денес Никола, Стефан и Томислав работат на HayReach, сличен продукт, овој пат за промоција преку професионалната мрежа Linkedin.

9. Други извори на бизнис идеи

Дополнителни извори на бизнис идеи (кои не се достапни онлајн) може да вклучуваат печатени книги, списанија, истражувачки трудови, медиуми, проекти и други едукативни или општо-информативни ресурси. Претприемачите можат да ги користат овие извори за да дознаат за потребите, производите, технологиите, бизнис моделите и/или индустриските трендови кои можат да го поттикнат развојот на нови производи или услуги. Како и да е, овие извори се често застарени и не се ни приближно споредливи ни по обем ни по квалитет со онлајн изворите од сличен тип. Секако, за ова постојат и исклучоци и затоа овие извори не треба да се занемарат од страна на претприемачите.

GreenFood– органски и веган производи

Горан Ангеловски првично работи во земјоделскиот сектор и како консултант за развој на бизниси во аграрот. По учеството на меѓународен развоен проект за органско производство, каде се запознава со сите аспекти на ваквото производство, добива инспирација и идеја да започне свој бизнис во оваа област. Првиот производ на GreenFood e органски ајвар кој во почетокот, поради неспремноста на пазарот за прифаќање на вакви производи, се продава само во мали локални продавнички. Во почетокот производите се обезбедуваат од надворешни соработници а потоа се преминува и кон сопствено производство. Денес GreenFood има преку 30 различни производи присутни на полиците во маркетите во домашниот пазар, а преку интернет се продава и во странство.

Заклучок

Препознавањето на бизнис можности и генерирањето нови идеи е првиот и еден од најважните чекори при започнувањето на нов бизнис. Изворите од кои што потекнуваат бизнис идеите можат да бидат разновидни почнувајќи од лично знаење и искуство, професионалната средина, клиентите, конкурентите и низа други извори. Како што може да се забележи од примерите, понекогаш е тешко да се утврди од точно кој извор потекнува идејата бидејќи околностите често се испреплетуваат. Во тој контекст, исто така може да се забележи дека во целиот процес улогата на самиот претприемач е клучна. Многу е важно претприемачите да бидат љубопитни и со отворен ум, да бидат проактивни, постојано да се надоградуваат и вмрежуваат, и да бидат спремни да преземаат ризици за да ги искористат бизнис можностите штом ги откријат.

По откривањето на ветувачка бизнис идеја патувањето на претприемачот само што започнува. Пред да се премине кон реализација на идејата, исклучително корисно е истата да се валидира, како во случајот со Challenger и/или да се тестира, како алатката на Howitzer. За валидацијата и тестирањето на идеите, пред истите да влезат во фаза на спроведување, ќе зборуваме во некоја друга прилика.

Инспириранo од научниот труд: Од традиционални до онлајн методи за генерирање на бизнис идеи.

Автор:
Проф. д-р Златко Бежовски

Професор на Економскиот факултет при УГД – Штип. Ги предава предметите Е-бизнис, Дигитален маркетинг и Оперативен менаџмент. Покрај редовните наставни активности, професорот Бежовски е насочен и кон запознавање на студентите со можностите за фриленсинг и започнување на бизнис во дигиталното окружување.