Search
|     contact@ugd.edu.mk

УГД дел од Европската алијанса на универзитети – Применети, поврзани, претприемачки и посветени европски универзитети

Споделете

Универзитетот „Гоце Делчев“, заедно со уште осум други европски универзитети, како дел од Европска универзитетска алијанса, стана дел од Европски проект преку кој во наредниот период се здобива со можности за развој на исто рамниште со европските универзитети.

Европската комисија на крајот од јуни 2024 г. ги објави резултатите од Еразмус + повикот 2024 за европски универзитети, според кои само 14 европски универзитетски алијанси добија финансиска поддршка за нивното работење,  меѓу кои добитник, со 92 поени од евалуација на проектната апликација, е и Европската универзитетска алијанса ACE2-EU, односно алијансата на Применети, поврзани, претприемачки и посветени европски универзитети (Applied, Connected, Entrepreneurial and Engaged – European University), во која учествува Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип заедно со осум други  универзитети од Европската Унија. Ова значи дека Алијансата ACE2-EU ќе добие средства во висина од 14 милиони евра, со коишто ќе ги финансира заедничките активности предвидени во алијансата и ќе ја поддржи долгорочната транснационална и институционална соработка помеѓу универзитетите во оваа универзитетска алијанса.

Европските алијанси ќе придонесат за новата генерација Европејци да студираат и да работат во различни европски држави, да учат јазици и да имаат пристап до различни европски дисциплини. Студентите можат да добијат диплома за завршено високо образование преку комбинирање на повеќе студиски курикулуми во неколку европски земји, придонесувајќи на тој начин да се зголеми атрактивноста и компетитивноста на високото образование во Единствениот европски простор. Овие алијанси работат заедно со цел да донесат иновации во европските региони преку овозможување на студентите да работат заедно со академскиот кадар од различни универзитети, истражувачи, претпријатија, локални самоуправи, државни институции и граѓански секторизјави проф. д-р Ана Никодиновска-Крстевска, проректор за меѓународна соработка на УГД.

Освен тоа, вработените на УГД ќе имаат можност да ја продлабочуваат соработката со своите колеги од Алијансата, да спроведуваат заеднички истражувања, проекти, да спроведуваат заеднички наставни програми и многу други активности.

Се работи за големи проекти кои овозможуваат навистина значаен напредок и на универзитетите вклучени во алијансата, но и на сите вработени и студенти на универзитетите. Нашата Алијанса е фокусирана да им овозможи и на студентите и на наставничкиот кадар, но и на средините во коишто функционираат тие универзитети. Сигурен сум дека ова е едно ново поглавје, како што Европската комисија наведува, поглавје во кое преку поврзување на универзитетите треба да се градат новите генерации на Европејци. Нашите студенти ќе можат преку комбинирање на студиските програми да ги изучуваат своите струки за кои се определиле на различни универзитети, да добијат еден целосно нов сет на знаења и со тоа да добијат една европска диплома којашто ќе им овозможи да се движат во европскиот високообразовен академски просторизјави ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“, проф. д-р Дејан Мираковски.

Во оваа Алијанса, УГД ќе биде одговорен за развивање на е-кампус на Алијансата, односно на заеднички дигитален простор каде што и студентите и вработените на овие девет универзитети ќе бидат дел од едукативните можности и предизвици што ги нуди Алијансата. Исто така, УГД се јавува во улога на ко-координатор на работниот пакет поврзан со мобилностите и европските вредности, што значи и студентите и вработените ќе имаат дополнителни можности за мобилност и размена. За тоа се издвоени околу два милиони евра во Алијансата.

Досега во Европската Унија се финансирани вакви 64 алијанси кои се протегаат во 35 земји, вклучувајќи ги сите земји членки на Европската Унија, како и Албанија, Босна и Херцеговина, Исланд, Македонија, Норвешка, Србија и Турција. Тие се длабоко интегрирани заедници и иновациски мрежи, коишто вмрежуваат и зближуваат повеќе од 2200 партнери, вклучувајќи го невладиниот сектор, претпријатијата, локалните и регионалните заедници, високообразовни институции кои се дел од Болоњскиот процес и скоро 40 високообразовни институции од Украина кои се асоцијативни партнери.