Search
|     contact@ugd.edu.mk

УГД потпиша 18 билатерални договори со партнер-универзитетите од Асоцијацијата на Ректорскиот форум

Споделете

Во септември 2023 г., Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип стана дел од Ректорскиот форум на Југоисточна Европа и Западен Балкан.

Оваа Асоцијација на универзитети зближува 29 универзитети од регионот со цел да ја подобри соработката помеѓу универзитетите и да го зајакне гласот на академските институции во овој дел од Европа. Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип е посветен на промоција на високото образование помеѓу земјите од Југоисточна Европа и Западен Балкан и успешно ги постигнува целите преку градење на цврста и плодна соработка меѓу универзитетите од овој регион.

Во овој контекст, Универзитетот „Гоце Делчев“ веќе има склучено 18 билатерални договори со универзитети кои се членови на Форумот, меѓу кои: Универзитетот „Црна Гора“ (Црна Гора), Универзитетот „Исмаил Ќемали“ во Валона (Албанија), Универзитетот „Алма Матер Еуропеа“ (Словенија), Универзитетот во Бихаќ, Универизитетот „Џемал Биједич“ во Мостар, Универзитетот во Мостар, Универзитетот во Сараево, Универзитетот во Источно Сараево и Универзитетот во Тузла (Босна и Херцеговина), Универзитетот во Белград, Универзитетот во Нови Сад, Универзитетот во Крагуевац, Државниот универзитет во Нови Пазар (Србија), Универзитетот во Загреб, Универзитетот во Риека и Универзитетот во Пула (Хрватска), Универзитетот во Приштина и Универзитетот во Приштина со привремено седиште во Косовска Митровица (Косово). Како дел од Стратегијата за интернационализација, Универзитетот „Гоце Делчев“ е насочен кон развивање на нова соработка и кон негување на постоечката соработка со партнерите во периодот што следи.

Осмиот состанок на Ректорскиот форум за земјите од Југоисточна Европа и Западен Балкан се одржа на 30 и 31 мај на Универзитетот во Сараево. На состанокот учествуваа 53 претставници од членките на Форумот и главната цел на состанокот беше да се зацврсти соработката помеѓу универзитетите во Југоисточна Европа и Западен Балкан во областа на образованието, истражувањето и иновацијата.