Search
|     contact@ugd.edu.mk

Двајца дипломирани студенти на УГД добитници на „Инженерски прстен“ за 2024 година

Споделете

Даниел Цоневски од Факултет за информатика со просек 9.95 и Матеа Анакиевска од Факултет за природни и технички науки со просек 9.32 се меѓу добитниците на годинашното признание „Инженерски прстен“ кој го доделува претседателот на државата.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, вчера на церемонија што се одржа на платото пред црквата „Свети Климент и Пантелејмон“ – Плаошник, во Охрид, го врачи признанието „Инженерски прстен“ на 15-те најуспешни студенти кои дипломирале на македонските факултети што негуваат инженерски дисциплини.

Во своето обраќање на церемонијата на доделување, претседателката Сиљановска-Давкова, упатувајќи честитки до добитниците на ова престижно признание, ја нагласи исклучителната важност на инженерството во градењето на нашата држава и нејзиното приспособување на глобалните дигитални трендови.

„Напредната роботика, автоматизацијата на производството и вештачката интелигенција сè повеќе влијаат врз пазарот на трудот. Денеска успехот на државите веќе се мери врз основа на нивната способност да ги искусат придобивките и да ги минимизираат ризиците што со себе ги носи дигиталната економија“, истакна претседателката Сиљановска-Давкова.

„Инженерски прстен“ се доделува по 21. пат, а годинашни добитници се 15 најуспешни дипломирани студенти од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и од Државниот универзитет – Тетово.