Search
|     contact@ugd.edu.mk

Професор од Ликовната академија со своја изложба во Дортмунд

Споделете

На 24 август во Галерија „Friedrich7“ во Дортмунд, Германија, ќе биде отворена изложбата „Одблесоци“ од авторот Слободан Милошески, професор на Ликовната академија на УГД. Изложбата ќе биде составена од 16 скулпторски дела од галериски формат, а публиката ќе има можност да ја посети поставката до 7 септември.

Одблесоци е волшебна изложбена поставка на скулптури која ги поканува гледачите да ја истражат интеракцијата помеѓу формата, светлината и нивната перцепција. Ова визуелно доживување, преку својата прецизна изработка и интригантен концепт, го вклучува набљудувачот во повеќеслојно искуство – од визуелните оптички ефекти до  меморијата, времето и сложеноста на човечкиот ум. На тој начин, преку изборот на медиум, форма и концептуална длабочина, оваа изложба ги поканува гледачите да размислуваат за сложеноста на човечкиот живот. ‛Одблесоци‛ навестува концепт што предизвикува размислување, фокусиран на интроспекција и самооткривање. Се чини дека скулптурите прикажуваат серија на огледални фрагменти, од кои секоја одразува различни аспекти на идентитетот на гледачот. Ги поттикнува гледачите да размислуваат за сложениот човечки идентитет и слоевите на нечија личност. Поради тоа распоредот на рефлектирачките елементи во скулптурата се смислено дизајнирани. Секој фрагмент ја доловува и прекршува светлината на уникатен начин, создавајќи динамичен и постојано променлив приказ додека гледачот се движи околу скулптурата. Овие скулптури го вовлекуваат набљудувачот во дијалог со уметничкото дело на тој начин создавајќи еден вид на интеракција“ – вели историчарот на уметност проф. д-р Џемил Бектовиќ во својата критика по повод оваа изложба.

Слободан Молошески е роден во Охрид во 1977 година. Тој дипломира на Факултетот за физичка култура во Скопје во 2001 година. Во 2009 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на вајарски оддел, а магистрира на истиот факултет во 2011 година. Во 2018 година докторира на Национална уметничка академија во Софија, Р. Бугарија, на Катедра  за скулптура.

Досега има реализирано 34 самостојни изложби , а учествувал на повеќе од 90 групни изложби во земјава и во странство. Добитник е на 16 награди и признанија, од кои најзначајни се Наградата за скулптура „Јордан Грабул“, доделена од Друштво на ликовни уметници на Македонија во 2012 и во 2015 година,  Наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“,  доделена од ДЛУМ во 2014 година, Наградата за скулптура доделена од ДЛУМ во 2020 година, Наградата за современа скулптура „Боро Митриќески“, доделена во 2021 година и Наградата „Адем Кастрати“, доделена од КИЦ – Скопје во 2021 година.

Авторот Милошески е член на ДЛУМ од 2009 година, а во моментот работи како вонреден професор на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.