Search
|     contact@ugd.edu.mk

Што открива Биг Мек за вредноста на валутите?

Споделете

Глобалниот синџир за брза храна „Мекдоналдс“ стана толку успешен најмногу поради тоа што постави многу строги стандарди за квалитетот на храната. Додека другите ресторани во 1960-тите имаа слични правила, Мекдоналдс ги спроведуваше многу построго. Овој фокус на квалитетот го направи нивниот Биг Мек да има ист вкус насекаде. Сепак, цената на Биг Мек варира во зависност од земјата.

Дали некогаш сте се запрашале што може да ви каже еден Биг Мек сендвич за економијата на вашата земја? Биг Мек е повеќе од само брза храна. Тој е економски барометар, прозорец кон светските валутни пазари. Имено, од 1986 година овој едноставен сендвич стана алатка за споредување на вредноста на валутите ширум светот.

Зошто токму овој сендвич е избран за индекс? Причината е поради тоа што Биг Мек е стандардизиран производ, достапен во речиси секоја земја каде што работи Мекдоналдс. Тој во суштина е ист насекаде, што го прави одличен производ за споредба преку границите. Индексот се заснова на претпоставката дека ако валутите се правилно вреднувани, цената на Биг Мек би требало да биде слична ширум светот по прилагодувањето на девизните курсеви ‒ идеја дека на идеален пазар идентичните производи треба да чинат исто во различни земји кога се изразуваат во заедничка валута.

Цената на Биг Мек во САД обично се користи како репер за индексот на Биг Мек. Причината е затоа што американскиот долар е доминантна глобална валута, а споредувањето на другите валути со американскиот долар обезбедува стандардна референтна точка за проценка на вреднувањето на валутата и паритетот на куповната моќ. Цените во другите земји се конвертираат во американски долари со користење на тековните девизни курсеви, а цената во САД служи како основна линија за одредување дали другите валути се преценети или потценети.

Преценетата валута значи дека може да купи повеќе девизи кога се заменува на девизниот пазар, но кога се користи во сопствената земја, таа не купува толку многу стоки и услуги колку што очекувате. Со други зборови, валутата е силна на меѓународниот пазар, но има помала куповна моќ во домашната економија.

Потценета валута значи дека купува помалку девизи кога се менува на девизниот пазар, но кога се користи во сопствената земја, може да купи повеќе стоки и услуги. Ова значи дека валутата е послаба на меѓународниот пазар, но има поголема куповна моќ во домашната економија.

Според Economist, во август 2024 година, Биг Мек во САД чинеше 5,69 долари. За споредба, цената на Биг Мек, кога се конвертира во американски долари, беше 5,25 долари во Канада и 5,58 долари во Велика Британија, што покажува дека британската фунта и канадскиот долар имаат релативно блиска вредност со американскиот долар.

Но, ситуацијата не е иста и со другите земји. Дали знаете дека со цена на еден Биг Мек сендвич во Швајцарија може да се купат речиси четири сендвичи во Венецуела? Замислете да влезете во Мекдоналдс во Цирих и да дадете 6,71 долар за еден Биг Мек сендвич. Сега, замислете дека во Буенос Аирес ќе ви требаат само 1,76 долари. Каква врска има овој хамбургер со глобалните валути?  Биг Мек индексот е алатка, која открива многу повеќе за глобалната економија отколку што можете да замислите…

Имено, од август 2024 година, швајцарскиот франк се издвојува по својата сила со Биг Мек кој чини неверојатни 6,71 долар во Швајцарија – највисоко во светот. Ова ја покажува не само високата цена на живот во Швајцарија, туку и силата на нејзината валута на глобалниот пазар. Високата вредност на швајцарскиот франк значи дека може да купи повеќе девизи, но дома не може да се купат толку производи и услуги, што покажува дека франкот е преценет.

Од друга страна, Венецуела го нуди најевтиниот Биг Мек од само 1,76 долари. Оваа остра разлика ја нагласува сериозната девалвација на венецуелскиот боливар во услови на тековни економски проблеми и хиперинфлација. Во овој случај, валутата е значително потценета, што значи дека иако не купува многу на странските пазари, таа вреди повеќе во домашната економија.

Поради тоа што во нашата земја немаме Мекдоналдс уште од 2013 година, споредбата ќе ја направиме со земјите од регионот на Западен Балкан каде припаѓаме. Во овој регион индексот покажува дека  повеќето валути се потценети во споредба со посилните економии како оние во Западна Европа или Северна Америка. Имено, производите и услугите во  богатите земји често се високи, бидејќи високите плати ги зголемуваат цените. Исклучок не е и Биг Мек сендвичот. Така, на пример, цената на Бик Мек во Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина се движи помеѓу 3 и 4 долари, а само во Хрватска помеѓу 4 и 5 долари,  што ја покажува потценетоста на овие валути во однос на американскиот долар.

И на крајот можеме да заклучиме дека Биг Мек индексот е повеќе од само еден „чуден“ начин за споредување на валутите: нуди вредни сознанија за глобалното економско здравје и куповната моќ на потрошувачите. Иако овој индекс не е без ограничувања и не може секој аспект на економијата да се сведе на цената на eдна плескавица, индексот обезбедува едноставен, релативен начин за разбирање на сложените економски концепти. Можеби не е совршена мерка, но овој сендвич нуди вкусен начин да се „свари“ често сложениот свет на вреднување на валутата.