Search
|     contact@ugd.edu.mk

Одржана 5-та студентска конференција „Критични прашања во земјоделството и животната средина“, завршија „Деновите на млади истражувачи“

Споделете

Во рамките на „Деновите на млади истражувачи“ организирани од Земјоделскиот факултет на УГД се реализираа и уште две активности. На вториот ден, беше реализирано Петтото издание на студентската конференција „Критични прашања во земјоделството и животната средина“. Студентите и годинава беа активни со свои трудови на конференцијата, изјави деканката на Земјоделскиот факултет, проф. д-р Емилија Арсов:

– Денес сме организатори на Петтото издание на студентската конференција „Критични прашања во земјоделството и животната средина“. Наполнивме цела една рака како ја реализираме оваа конференција, сѐ со цел младите да навлезат длабоко во своите истражувања, се разбира под менторство на професорите. Особено сме благодарни на другите релевантни институции и компании кои покажаа интерес да учествуваат на оваа наша конференција. Имаме пријавено вкупно 28 усни излагања коишто се поделени во две групи – првата група се студенти од Прв циклус на студии и втората група се излагања на студенти од Втор и Трет циклус на студии. Сите студенти кои учествуваат на конференцијата ќе се стекнат со сертификат, а сите трудови ќе бидат публикувани. Во трудовите се опфатени актуелни теми коишто се поднесуваат на загадувањето и животната средина, а секако и истражувања по култури. Сево ова оди во интерес на младите, се зголемува нивната самодоверба, а нормално овде би сакала да се заблагодарам на агробизнис – компаниите кои се наши соработници и се присутни на нашите активности, и кои секогаш имаат отворени позиции за вработување на младите, и нормално за нивно стипендирање додека студираат. Тоа значи дека им го олеснуваме нивното студирање и им го олеснуваме нивното вработување.

Деновите на млади истражувачи завршија со третиот ден, кога студентите дебатираа за достигнувањата на дипломирани инженери нa тема: „Младите во земјоделското производство“.  На учесниците во настаните им беа доделени и сертификатите.

„Деновите на млади истражувачи“ уште еднаш покажаа колкав е придонесот и значењето со активирање на студентите да учествуваат во дебати и истражувања, а од друга страна и каков е бенефитот од соработката на високото образование со бизнис – секторот, во овој случај со компаниите од агробизнисот.