Search
|     contact@ugd.edu.mk

Како Википедија и Википодатоци можат да бидат во функција на научни истражувања

Споделете

Како функционира Википедија, што се Википодатоци и како тие можат да се користат во научни истражувања, беше тема на еднодневен семинар „Wikipedia и Wikidata за академската заедница“, кој го организираа Лабораторија за Дигитални ресурси и отворен пристап – ДРОП при УГД и Фондација Викимедија МКД.

– Денес сме на еднодневниот семинар Википедија и Википодатоци, на кој ќе зборуваме за тоа како се користи Википедија, ќе имаат можности учесниците директно да се вклучат на самата Википедија, да уредат нешто, некоја статија, и потоа колегата Тони Ростовски ќе зборува за википодатоци. Ефектот од овие семинари како прво, секогаш е добро кога луѓето се запознаат со тоа што е Википедија, што се википодатоци, што работиме ние, како функционира сето тоа. Второ, тоа е она што нас нѐ интересира, да ја направиме Википедија место на кое може да се прочитаат сигурни податоци – изјави Снежана Штрковска, извршен директор на Викимедија МКД.

Овој семинар е резултат на потпишаниот договор за соработка помеѓу Универзитетот „Гоце Делчев“ и Здружението Викимедија, рече професорот Зоран Здравев од центарот за електронско учење на УГД.

– Целта е да ги запознаеме колегите со функционирањето на Википедија и Википодатоци, како може тоа да го користат при истражувањата. Ова е еден почетен настан, се надеваме дека понатаму ќе имаме уште настани, и очекуваме дека ќе имаме директни резултати со збогатување на содржините на Википедија на македонски јазик. Ќе имаме можност за запознавање на колегите со тоа како се внесуваат податоци на Википедија, како е принципот на пишување, на уредување, на контрола, одобрување за публикување, и другиот дел е со користење на википодатоци каде што структурираните податоци од Википедија се користат во разни истражувања, од сите области  – потенцираше Здравев.

Еве неколку примери на апликации и истражувања кои ја користат Wikidata за различни научни и академски цели:

  • Визуелизација на научни трудови и мрежи на соработници;
  • Истражувања во областите на историја и културно наследство;
  • Проекти за биомедицински податоци и истражувања;
  • Автоматизирано категоризирање и препознавање на теми;
  • Алатки за учење на машини и природен јазик;
  • Анализа на академски системи и политика на институции;
  • Истражувања за глобална употреба на јазици и културни разлики.