Македонската берза и Универзитетот „Гоце Делчев“ потпишаа Меморандум за соработка преку кој ќе се реализираат заеднички проекти и активности.
– Овие соработки можат да креираат нови можности за нашите студенти, во делот на едукацијата, во областа на финансиите и особено во делот на иницирање на одредени заеднички конкретни форми на соработка помеѓу двете институции. Денес покрај потпишувањето на Меморандумот, заедно со директорот Иван Штеријев и ректорот на УГД, разговаравме за иницирање на конкретни проекти во делот на едукација на студентите, подигнување на нивото на знаење кај нашите студенти во областа на финансиите и економијата – изјави проректорот за инвестиции и развој проф. д-р Дарко Лазаров.
На средбата се разговараше и за иницирање на заеднички проекти во делот на она што ќе значи соработка меѓу науката и бизнисот. Целта е да се зголеми нивото на едукација и кај студентите и кај младите луѓе за делот на инвестиции и финансиска писменост, генерално.
– Со години берзата е многу активна во делот на зголемување на финансиската писменост во нашето општество, многу активности предавања и презентации во делот на финансиската едукација. Дополнителниот наш мотив е што некои анализи кои ги направивме во последниот период покажуваат дека на берзата релативно малку се присутни помладите инвеститори во нашата држава, а од друга страна знаеме дека младата популација вложува на странските берзи. Нашата визија и соработка со високообразовните институции е да во иднина помладата генерација или луѓето кои ќе излезат дипломирани од факултети, да бидат по заинтересирани да инвестираат во македонска берза, а уште побитно е да гледаат свој кариерен развој во вработување на секторот во индустријата на хартии од вредност – изјави директорот на Македонска берза, Иван Штериев.
Истовремено, директорот на Македонска берза одржа предавање пред студентите на Економскиот факултет, а се продолжува и проектот од минатата година насловен „Студентите учат од бизнисот“.