Со гостински предавања и работилница, денес Филолошкиот факултет ја одбележа 100-годишнината од смртта на популарниот Франц Кафка.
– Денес Филолошкиот факултет е домаќин на две гостински предавања. По повод 100-годишнината од смртта на Франц Кафка, како гости ги имаме проф. д-р Зорица Николовска и проф. д-р Маријана Ѓорѓиева од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Тие ќе одржат предавање и кратка работилница со нашите студенти со студентите од Филолошкиот факултет – изјави проф. д-р Билјана Ивановска од Филолошкиот факултет при УГД.
Професорките од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје пред студентите зборуваа за актуелноста на Кафка денес и за тоа како темите на Кафка сѐ уште се исклучително популарни и денес.
– Дојдовме да го одбележиме јубилејот, 100-годишнина од смртта на Франц Кафка. Станува збор за автор кој денес е феномен на поп-културата, кој е познат насекаде во светот. Ако одите во Прага, каде што тој е роден, ќе видите дека оваа година сѐ е во знакот на Франц Кафка. Ќе зборуваме за актуелноста на Кафка денес, што е тоа што го прави Кафка толку популарен и зошто тоа што тој обработува во своите дела е многу актуелно – изјави проф. д-р Зорица Николовска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.
На предавањата и работилниците присуствуваа студенти од Филолошкиот факултет при УГД, а посебно беа поканети да присуствуваат студентите од Катедрата за германски јазик и книжевност.