По покана од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, деканката проф. д-р Татјана Бошков, проф. д-р Никола В. Димитров и проф. д-р Душица Попова беа панелисти на панел-тема „Потенцијали на туризмот и промоција на културното наследство во Југоисточниот плански регион“, како дел од програмата за одбележување на Ден на регионот во рамки на проектот „Одржлив, инклузивен, рамномерен, регионален развој – фаза 2“, финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за соработка и развој.
Панелистите ја потенцираа клучната важност на културното наследство за општествата и неговиот голем потенцијал да придонесе за социјалните, економските и еколошките цели во Југоисточниот регион. Со промоција и меѓусебно поврзување на културата, туризмот и културното наследство, се зголемува конкурентноста на дестинациите и афирмацијата на археолошко-историските локалитети и природните споменици во овој регион. Неизоставен дел во оваа промоција е секако храната како дел од идентитетот на Југоисточниот регион, културата и традицијата.