Search
|     contact@ugd.edu.mk

Студентите на Правен факултет дебатираа за правото на чиста и здрава животна средина

Споделете

Професорите Страшко Стојановски и Билјана Тодорова од Правниот факултет, заедно со студентите од трета година, организираа трибина на тема „Право на чиста и здрава животна средина”. Ова е настан кој се работи во рамките на предметите Еколошко право и Граѓанско општество.

– Идејата на овој настан на тема здрава и чиста животна средина е студентите да бидат инволвирани во конкретна тематика која има поширок општествен импакт и тематиката се однесува на прашања од важност за здравата и чиста животна средина, нешто што е важно и во делот на апроксимација на европското законодавство, но и на имплементитрање на одредени стандарди кои се важни за квалитетот на живот на луѓето. Од аспект на човекови права се работи за едно од елементарните човекови права, за што ќе зборуваат студентите и имаме различни тематски презентации кои се однесуваат на управувањето со отпад во Источниот плански регион, студија на случај Велешка топилница, рудниците во Струмица, Валандово и Гевгелија, рудниците во Србија и загадувањето на воздухот во Скопје. Идејата е да го поттикнеме тој граѓански активизам и јавниот интерес како примарен интерес кој би требало да биде заштитен и да го унапредиме квалитетот на живот воопшто – изјави проф. д-р Страшко Стојановски.

Проф. д-р Билјана Ивановска, која го предава предметот Еколошко право, потенцираше дека во Македонија има добра законска регулатива, но проблем е имплементацијата, а за ова студентите разговараат и добиваат сознанија и на предавањата, како и на дебатите и трибините од ваков вид.

– Студентите говорат на теми кои се предизвиците во заштитата на животната средина, во поглед на медиумите на животната средина, тоа се вода, воздух, почва, управувањето со отпадот, климатските промени и улогата на демократијата во остварувањето на правото на здрава животна средина, поточно имплементирањето на Архуската конвенција која ние како држава ја имаме ратификувано веќе од поодамна. Акцент на трибината ќе биде ставен и на останатите позначајни меѓународни еколошки документи кои ние како држава ги имаме ратификувано, но и на националното законодавство. Сето тоа го говориме и на предавањата, а денес ќе го дискутираат студентите, дека Македонија, што се однесува до законската рамка, има добра правна норматива, меѓутоа проблемот е во имплементацијата на законодавството. Значи станува збор за една комплексна сфера, комплексно законодавство, постои и недостаток на политичка волја  и исто така потребен е позасилен мониторинг и инспекциски надзор во областа на животната средина. Горда сум на студентите, бидејќи тие излегуваат од теоретската рамка и ги поврзуваат своите теоретски знаења со практичните проблеми и предизвици кои се појавуваат во секојдневното живеење во оваа значајна област на правната заштита, а тоа е заштитата на животната средина. Пораката која сакаме да ја пренесеме е дека заштитата на животната средина е заедничка одговорност, значи сите граѓани, институциите, приватниот сектор, сите заедно треба да станеме во остварувањето на ова уставно загарантирано право – изјави професорката Тодорова

Како претставници на студентите кои учествуваа во трибината, говореа Марија Николова, трета година на Правен факултет и Ања Кафеџиска, студентка во втора година на меѓународната насока на Правниот факултет.

– Целта на овој наш проект е да ја истакнеме важноста на правото на чиста и здрава животна средина, опфаќајќи ја правната рамка со која истото се регулира, како во Македонија така и на европски ниво, каде што централното место го зазема ЕУ преку низата документи, директиви и пропишани стандарди. Во активноста учествуваме вкупно единаесет колеги, со тоа што секој од нас покрива соодветна област, односно тематика. Опфаќаме реални проблеми со кои граѓаните се соочуваат во секојдневниот живот, како што се со отпадот, со дивите депонии, аерозагадувањето, рудниците… Имаме и анализа на пресуди од оваа област. Нашата цел е покрај тоа што сакаме да ја истакнеме важноста на ова право, да ја подигнеме свеста за заштитата на животната средина, а воедно и да ги охрабриме да ги искористат сите правни можности и правни лeкови кога се соочуваат со загрозување на правото на чиста животна средина – рече Марија Николова.

 

– Јас овде говорам конкретно за студијата на случајот „Рио Тинто“ , односно проектот Јадар, кој веќе полни 23, уште малку и 24 години, е присутен во Србија и создава низа проблеми и несогласувања помеѓу властите, стручната јавност, активистите, невладиниот сектор. Постои проблем на нетранспарентност, незаконитости, како и различни видови на малверзации, пропаганда и манипулации од страна на компанијата – изјави Ања Кафеџиска.