Книгата „Зурлаџиската традиција во Република Македонија“ од авторот Горанчо Ангелов во издание на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје беше промовирана на Музичката академија при УГД, каде што предава проф. д-р Горанчо Ангелов.
– Книгата опфаќа доста информации поврзани со зурлаџиската традиција во Република Македонија, и не само тоа – повеќе за инструментот, за музиката, свирачите на инструментот, и секако контекстите, настаните преку кои овие инструменти биле дел од животот на нашето население. Во книгата се опфатени сите региони на Р. Македонија, а поголем акцент е ставен на оние региони каде што овој инструмент не само денес, туку и во минатото ја има својата практична примена и е дел од многубројни настани во животот на луѓето. Ако зборуваме за тоа во кој регион најмногу се употребува зурлата, морам да напомнам дека доминира западниот дел од Македонија, но не помалку и во Скопје, централна Македонија, во Велес, помалку во Струмица, во Штип речиси и да нема зурлаџии, меѓутоа има зурлаџии кои се преселени а се сметаат како штипјани, потоа оние од Берово, па сепак може да се каже дека овој инструмент е присутен во сите региони. Ова покажува дека овој инструмент е длабоко вкоренет во нашата традиција, иако не се смета за автохтон инструмент, дека произлегува одовде, меѓутоа со неговото присуство со векови наназад во нашата музичка, инструментална и игроорна традиција, сепак може овој инструмент можеме да го чувствуваме и сметаме како дел од македонската музичка традиција – изјави авторот, проф. д-р Горанчо Ангелов.
Промотори на книгата се проф. д-р Родна Величковска, етномузиколог во Институт за фолклор „Марко Цепенков“, УКИМ – Скопје и проф. д-р Лозанка Пејчева, етномузиколог во Институт за етнологија и фолклористика со Етнографски музеј, Софија, БАН, Р. Бугарија.