Во периoдот од 17 до 28 февруари 2025 г., Елена Николовска е гостин-предавач на Катедрата за современ танц при УГД, каде што работи со студентите од прва, втора и трета година на додипломски студии. Работилницата се фокусира на македонските традиционални ритми како неисцрпна инспирација за движење и експресија. Во центарот на ова искуство е техниката на „bouncing“ – природен пулс на телото што овозможува органско интегрирање со ритамот. Елена Николовска образованието го стекнува во Средното училиште за современ танц во Љубљана, Словенија, а го заокружува на Академијата за современ танц при Универзитетот „Антон Брукнер“ во Линц, Австрија. Таа работи со реномирани кореографи како Стела Зану, Андреса Мијазато и Јоханес Виеланд, и настапува на повеќе проекти и фестивали, вклучувајќи ги „Ars Electronica“ и „Festival Leicht über Linz“ во Австрија.
„Истражуваме ритми кои носат древни приказни – ритамот на 7/8, живописен и нескротлив, оживува преку традиционалните македонски танци како Пајдушко и Право оро. Овие ритми не се само метрика на времето; тие се пулс на една култура, начин на комуникација и чествување. Учесниците не ги учат комбинациите само како композиција, туку како медиум за пренесување емоции, приказни и историја преку телото и техниката. Оваа работилница е покана за длабоко лично истражување – секој учесник се охрабрува да го открие својот уникатен танц и однос со ритамот. Играме со просторот, низ солистички, дуетни и групни танци, низ динамичен однос со музиката и нашите импулси. Ова не е само танц, туку патување во сензациите на телото, во длабочините на звукот и во слободата на движењето. Мојата љубов кон македонската традиционална музика и ритми е особено значајна во моето предавање. Во работилниците што ги водам го комбинирам современиот танц со богатите македонски ритми, овозможувајќи им на учесниците да ја почувствуваат енергијата и автентичноста на овие звуци преку движење“ – вели Николова за начинот на кој работи.
„Задоволна сум од соработката со младата уметница Елена Николовска, која ни доаѓа од Универзитетот ’Антон Брукнер’, со кој имаме воспоставено веќе традиционална соработка преку неформалната мрежа на европски универзитети и академии за танц „Share“. Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ постојано спроведува иновативни работилници со предавачи-гости, преку кои им овозможуваме на нашите студенти нови искуства и сознанија, со цел да се збогатат како уметници, при што им помагаме во оформувањето на професионалниот танчарски идентитет. Посебно ми е драго што Елена Николовска, која потекнува од нашите краишта, ја спроведува оваа работилница, таа има прекрасен пристап и одлично ги води часовите“ – вели деканката на Филмската академија, професор д-р Рисима Рисимкин.