Search
|     contact@ugd.edu.mk

Newaves во завршна фаза – напредок во добивањето алатки за одржлив развој на малите радиостаници

Споделете

Проектот Newaves, во кој учествуваат образовни институции и медиуми од Португалија, Словачка, Хрватска и Македонија, влегува во својата завршна фаза. Со м-р Васко Златковски, член на управувачкиот конзорциум и проектен координатор од Универзитетот „Гоце Делчев“, разговаравме за најновите активности, како и за конкретните резултати и ефекти кои се очекуваат.

„Проектот Newaves навлезе во последните три месеци од своето спроведување и со задоволство истакнувам дека поставените цели се скоро 90 % реализирани, останува да се случи уште пуштањето во употреба на делот од платформата наменет за обука на радио професионалците, како и спроведување на мобилноста за професионалните од радиостаниците во Македонија, што треба да се случи во првата недела од мај во Осиек, Република Хрватска. Во изминатите скоро осумнаесет месеци од спроведувањето морам да истакнам дека беше вложен голем труд на сите учесници во проектот. Голем број професионалци од радиостаниците, исто така и од високошколските установи, беа ангажирани во изработка на наставните материјали кои се веќе во фаза на потврда на нивната вредност, согласно со правилата на проектот. Не беше целта само да се изработи текст или материјал што ќе биде прифатлив само за високошколските установи, туку тој текст требаше да биде разбирлив за крајните корисници, тоа се професионалците вработени во радиостаниците. Процесот на валидација е во завршна фаза, очекуваме дека до крајот на март ќе заврши таа фаза и од 1 април треба веќе официјално да стартува обуката за професионалците од радиостаниците, се разбира на волонтерска основа. Сите кои сакаат да ги подобрат своите знаења во четирите модули што се поставени на платформата можат да го направат тоа бесплатно. Вкупно шестмина од Македонија ќе заминат на еднонеделна обука во Хрватска, а тоа е во соработка со другиот партнер на УГД во овој проект, а тоа е Националната радиомрежа Канал 77.“

Златковски истакна дека дигиталната платформа, главниот производ на овој проект, е веќе поставена и е оперативна. Завршена е фазата на тестирање, што значи дека може да биде посетена од страна на сите оние кои сакаат да се запознаат, да ги видат сите делови од кои е составена и да искористат дел од материјалите што се веќе поставени. Во догледно време ќе бидат поставени сите 240 материјали кои се изработени од страна на партнерите во овој проект.

Крајниот бенефит од целиот проект најмногу треба да го почувствуваат локалните радиостаници и медиумските професионалци вработени во нив.

„Новинарите и професионалците кои работат во помалите медиуми, оние кои опстојуваат во малите средини, каде што изворите на финансирање се недоволни за да го одржат своите трошоци и живеат претежно од донации кои доаѓаат од извори коишто неретко бараат услуги за возврат за информирањето ќе имаат најголема корист. Со овој проект можат да совладаат техники за создавање на вести и за тоа ќе бидат платени. Не само од страна на еден донатор, туку од цела група на таканаречени заднински финансиери од кои можат да дојдат до средства. Така, на пример, еден од модулите поставен на оваа платформа е посветен на прибирање на средства и им покажува како можат да создадат вест која ќе биде поставена на агрегатор на вести и оттаму да биде избрана како изворна информација која ќе забележи одреден број на кликови и ќе биде платена. Сведоци сме на експанзија на медиуми во интернет просторот и од она што се најавува како следна револуција во него е дека традиционалните медиуми веќе лека полека ќе го губат своето значење и, всушност, единката ќе биде извор на новината“, вели Златковски.

Проектот им нуди на локалните радиостаници да избираат материјали проверени од лажни информации, дезинформации и мисинформации. Тоа се трите категории од кои информациите кои ќе бидат понудени на платформата ќе бидат исчистени, бидејќи прво ги проверува вештачка интелигенција, а на крај ги потврдува и човечки фактор. Тоа значи дека опасноста да бидат обвинети за пласирачи на лажни вести е оневозможена.

„Од сево ова е јасно дека корисноста за локалните радиостаници е двојна. Прво, имаат извор на бесплатни информации, чиј број ќе се зголемува, дури и кога ќе заврши проектот и, второ, преку посетата на курсевите кои се веќе поставени на платформата можат да ги подобрат знаењата на вработените или на други кои соработуваат со нив. Така, од неважен фактор на опстојување во локалната заедница може да станат значителен фактор на создавање вести кои ќе бидат посетени од страна на жителите на населеното место и од тоа да заработуваат. Тоа е, според мене, клучна помош која може да им помогне да дојдат до финансиско осамостојување, со што им се отвора можност да акумулираат средства за подобрување на нивната техника, која е основа за емитување на радиопрограма и, второ, уште позначајно, средства за привлекување на кадар што ќе создава вест или ќе станат дел од мрежа на креатори на вести кои исто така може да создадат пари“, потенцира Златковски.

Проектот завршува на 8 јуни, а веќе се наѕира каде би се движел конзорциумот во иднина. Поднесен е предлог за продолжување на проектот, т.н. Newaves plus, кој од постоечките осум гради партнерство на 17 членки. Внатре се вклучени уште четири високошколски установи и уште девет радиостаници, што значи дека се зголемува бројот на извори на информации и на искуство. Ќе се работи уште повеќе на тоа професионалците да станат дел од мрежа каде што ќе ги разменуваат сопствените искуства. Така, професионалци од локалните радија во Македонија овојпат заедно со студенти од УГД ќе можат да одат и да разменуваат искуства со професионалци и студенти од други универзитети и други радија во Европа, за да се стекнат со сознанија како новинарството и радијата опстануваат во други средини. Се разбира, не може сѐ да биде применето и копирано во Македонија, но некои принципи секако може да бидат применети.