Search
|     contact@ugd.edu.mk

Универзитетот „Гоце Делчев“ на врвот на Scimago рангирањето во Македонија

Споделете

Според најновото рангирање на Scimago Institutions Rankings (SIR) за 2025 година, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип (УГД) е највисоко рангираната високообразовна институција во Македонија, односно се наоѓа на првото место од вкупно три рангирани универзитети. Вкупниот ранг на Универзитетот „Гоце Делчев“ на национално ниво е во најдобриот прв квартaл (Q1). Во Регионот на Источна Европа и Русија, Универзитетот „Гоце Делчев“ се наоѓа на 192. место од вкупно 476 рангирани универзитети.

Што претставува Scimago Institutions Rankings?

Scimago Institutions Rankings (SIR) е меѓународно признаен систем за рангирање кој ги оценува истражувачките резултати и влијанието на универзитетите и истражувачките институции ширум светот. Рангирањето се врши според композитен индикатор кој комбинира три различни сета на индикатори засновани на истражувачките резултати (50%), иновациските резултати (30%) и општественото влијание (20%), а се заснова на анализа во период од пет години.

Се рангираат само институциите кои имаат одреден минимум на научна продукција, односно најмалку 100 публикации индексирани во Scopus во последната година.

Извор на податоци се публикациите и цитатите на авторите кои публикувале со афилијација на институцијата во Scopus, како и базите на податоци: PATSTAT, Google, Semrush, Unpaywall, PlumX и Overton за проценка на иновациите, веб-видливоста, отворениот пристап и општествениот импакт. Индикаторите се конципирани така што некои зависат, а некои не зависат од големината на институцијата, овозможувајќи рамноправни споредби меѓу институциите со различна големина.

Значењето на високото рангирање за УГД

Ова рангирање претставува значаен напредок за Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, кој веќе неколку години покажува континуиран раст во академските и истражувачките активности. УГД со низа мерки го поддржува зголемувањето на бројот на трудови објавени во престижни научни списанија, соработката со компании и институции во различни научни области, како и учеството во проекти и иницијативи на европско и глобално ниво.

Со ова, студентите на УГД добиваат можност да бидат дел од универзитет кој активно се развива и стекнува поголема меѓународна видливост. Подобрувањето на научниот кредибилитет може да значи поголеми шанси за соработка со странски универзитети, подобри можности за вработување по завршувањето на студиите и зголемен пристап до истражувачки проекти и практики.