Факултетот за образовни науки при УГД започна со серија настани посветени на употребата на вештачката интелигенција во образовниот процес. „Вештачка интелигенција во функција на наставата“ на својот прв настан ги донесе излагањето на д-р Марина Василева-Конел, водечки ЕдТех СТЕМ стратег од Проектот на Азиската развојна банка во Единбург, Шкотска.
За серијалот на настани говореа продеканката на ФОН, проф. д-р Даниела Коцева и проф. д-р Трајче Стојанов.
– Во образованието воопшто се користи многу вештачката интелигенција и треба да ги обучуваме и идните и сегашните наставници да ги користат современите модерни алатки кои ги нуди и вештачката интелигенција. Секако дека мора да се комбинира традиционалниот пристап, традиционалната настава, со современата технологија за да имаме попродуктивни резултати и подобри генерации, следејќи ги нивните современи трендови и текови ако сакаме да бидеме дел од современиот воспитно-образовен систем – изјави проф. д-р Даниела Коцева, продекан на ФОН.
– Со овој настан отвораме серија на настани кои ги планираме во наредниот период на тема АИ и образование, во рамките на кои планираме предавања, работилници, обуки на луѓе кои се занимаваат со оваа област. Идејата е преку овие предавања во период од година и повеќе да каниме луѓе кои ќе го осветлуваат овој проблем и ќе дадат можност и на наставниците и на студентите да се запознаат со употребата на вештачката интелигенција. Сакаме да бидеме во тек со најновите научни случувања, значи она што е релевантно не само во научниот свет, туку и во општеството, а вештачката интелигенција како тема, како проблем ја засега не само образовната заедница, туку и општата јавност – рече проф. д-р Трајче Стојанов.
Марина Василева-Коно, експерт за користење на технологија во образованието, вели дека на идните генерации треба да се влијае да не бидат корисници на вештачката интелигенција, туку да развијат вештини кои ќе им помогнат да ја обликуваат вештачката интелигенција според своите потреби, според потребите на човештвото. Постои ризик, меѓутоа ако ние како држава, и покрај тоа што сме мали, успееме да произведеме кадри кои ќе ја обликуваат вештачката интелигенција и ќе имаат вештини тие да кажуваат што треба и како треба да ја креираат, мислам дека тогаш ќе имаме вистинска корист од неа.
За тоа кој е најголемиот ризик од вештачката интелигенција, Василева вели дека секако тоа е евентуалното губење на работни места, но креативноста што ние ја имаме е незаменлива. Вештачката интелигенција е глупа, ако не поставиш правилно прашање ти дава неточен одговор. Различни АИ користат различни извори, да, има многу информации таму, но човекот е тој што проценува што е тоа што е точно, а што не. Ништо не може да ги замени наставниците само со вештачката интелигенција. Вештачката интелигенција ќе биде само алатка која ќе помага.
На настанот учествуваше и проф. Мухамед Демирбилек, кој престојува на ФОН преку Еразмус размена, а делува токму во областа на вештачката интелигенција во образованието. Тој одговори и дека Македонија не заостанува зад Турција и воопшто во процесот на употреба на вештачката интелигенција во образованието.