Име и презиме: Стефан Коцев
Факултет и студиска насока: Факултет за медицински науки, Општа медицина.
Тековна професија: Доктор по општа медицина со договор на дело во Клиничка болница – Штип и асистент на Факултетот за медицински науки при Универзитет „Гоце Делчев” – Штип.
Место на вработување: Клиничка болница – Штип и Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип
.
Животно мото: Во моето досегашно животно искуство научив дека со цел да се постигне добар резултат волјата мора да биде посилна и од вештините кои човекот ги поседува. Но, како одминуваше времето сфатив дека има нешто што мора да биде посилно и од волјата, а тоа е вербата. Така што, според мене, нашиот суштински водич во животот треба да биде вербата, прво во Бог, а потоа во себе.
Позиција на која работам денес: Доктор по општа медицина со договор на дело во Клиничка болница – Штип и асистент на Факултетот за медицински науки при Универзитет „Гоце Делчев” – Штип.
Мојот рецепт за успех се состои од: Не постои голема филозофија за постигнување на одреден успех кој ќе биде реален и автентичен. Нештата за тоа се елементарни. Темелот е визијата, а пред сѐ потребна е дисциплина. Сето тоа ќе биде залудно ако не постои истрајност. И на крај, или попрецизно кажано од почеток до крај, ако не сте чесен и ако немате интегритет сите претходни карактеристики се осудени на пропаст. Штитете си го интегритетот што и да работите, затоа што интегритетот не може никој да ви го наруши, можете само самите да го компромитирате.
Најголеми предизвици на патот до успехот ми беа: Определени реализации кои јас ги сметам за мои успеси воедно беа и моите најголеми предизвици. Прва асоцијација од тоа што ми паѓа на ум е моментот дека бев најдобар студент во мојата генерација. На државниот испит во 2016 година бев единствен студент на општа медицина во Република Македонија кој освои максимални 100 поени. Во 2019 година бев добитник на Меморијалната награда „Д-р Марија и Емилија Кукубајски” за најдобар студент, награда која ја доделува ЕМАРИ Институтот чии претставници се проф. д-р Марија Кукубајска и доц. д-р Елена Јовева. Но, јас за мои најголеми успеси кои претходно беа најголеми предизвици ги сметам делата кои остануваат долги години и кои се употребливи за опкружувањето. Па така, имав чест и можност заедно со проф. д-р Вело Марковски (кој имаше голем научен придонес во Македонија, па и регионот, во текот на целата пандемија со ковид 19) да напишам книга „Биотероризам и биолошки војни” која беше првата книга во која се наоѓам како еден од авторите, во услови кога светот се соочуваше со пандемијата предизвикана од ковид 19. Тоа е дело кое останува за многу идни генерации. Од неодамна, објавено е уште едно дело кое ќе послужи на многу идни генерации на студенти на медицина. Се работи за „Практикум по Физиологија 1”. Можноста да учествувам како автор во практикумот ја добив од професорот Зоран Ханџиски и професорката Ели Ханџиска, тоа се професорите со кои имав чест долги години да соработувам како нивен асистент и кои ми беа инспирација за да се вклучам во такви проекти. И не може да се изостави формирањето на првата студентска организација во Штип, СОМА. Бев еден од основачите и еден од првите двајца потпретседатели на организацијата. И тоа е уште нешто кое опстојува сѐ уште, нешто што остана за генерациите на студенти по нас, а од тоа имаат бенефит и граѓаните на градот Штип. Бев дел и од првиот организацискиот одбор што го организираше првиот конгрес на студенти по медицина во Штип и тоа во улога на генерален секретар.
Со УГД се дружев: 6 години.
Факултетот и насоката ги избрав затоа што: Медицината ја одбрав како професија како последица на мојата животна филозофија која е во контекст на тоа дека во животот потребно е да инвестираш во себе за подоцна да генерираш ново знаење од кое корист ќе имаш ти, но и сите во твоето опкружување, а зошто не и пошироко. Оттука, тоа најдобро може да се постигне во најблагодарната професија. Освен тоа, мојата сестра која исто така е докторка, веќе го одеше патот по кој јас тргнав. Нејзините искуства и поддршка ми беа од голема помош. Во текот на студиите голема поддршка и помош имав од моето семејство.
Праксата на УГД, како составен дел од студиите, ја остварив во: Освен редовните вежби кои ги имавме согласно со нашата наставна програма, ја имав таа среќа да бидам Еразмус студент, поминав еден семестар во Р. Бугарија во Пловдив. Освен тоа, имав можност да посетувам практична настава и во Русија, Самара.
Книга, видео, поткаст или настан кој би им го препорачал/а на другите: JAMA, The BMJ, The Lancet.
Совет за младите како идни студенти: За да постигнете добри резултати во која било област морате да воспоставите победнички менталитет. Победнички менталитет не е менталитет на оние кои само победуваат, туку на оние кои и победуваат и губат, но никогаш не се откажуваат. Тоа доколку го постигнете, со што и да се занимавате ќе имате добри резултати, порано или подоцна. За да бидат меѓу најдобрите има една многу едноставна формула. Тоа е да не остават да помине ден од почетокот до крајот на семестарот, а да не прочитаат нешто, некогаш повеќе, некогаш помалку. Можеби звучи тешко изводливо, но само така ќе се одржи континуитет и дисциплина. Сето тоа во симбиоза со следење на предавањата, активно вклучување во вежбите и користење на добри извори од интернет (JAMA, The BMJ, The Lancet и др.), нема како да не даде добар резултат. Крајната цел не е само да се реализирате како добар професионалец. Крајната цел е од процесот да излезете и како подобра личност. Затоа што само добар човек може да биде добар лекар. Уште нешто многу важно, максимално треба да се искористат мобилностите кои ги нуди Универзитетот, а тоа е цела лепеза на можности за студирање одреден број на семестри во странство. Постојат можности и за посетување на практична настава во странство. Една од најистакнатите програми е Еразмус програмата.
За повеќе информации за можностите кои ги нуди УГД, посетете ја нашата веб-страница
Повеќе успешни приказни од студентите на УГД може да најдете на следниов линк: https://life.ugd.edu.mk/index.php/studenti
Детални информации за студиската насока и факултетот се достапни на следниот линк: https://fmn.ugd.edu.mk/documents/studiski/1-ciklus/2017-2018/opsta-medicina-strukturna.pdf
Едукативни и информативни колумни од нашите професори може да најдете на следниов линк: https://life.ugd.edu.mk/index.php/nauka