Статусот студент на прв циклус кандидатот го стекнува по запишувањето на УГД врз основа на објавен конкурс и истиот носи одредени права и обврски за запишаните студенти. Секоја студиска година започнува на крајот на септември и се состои од зимски и летен семестар.
Самата настава на секоја студиска година е организирана на одреден начин и се спроведува преку претходно дефинирани правила и рокови, како и административни обврски кои треба да ги преземат студентите за време на траењето на учебната година и студирањето воопшто.
Важни информации при упис на прв циклус
Универзитетот „Гоце Делчев“ секоја година објавува конкурс за упис на нови студенти на своите факултети. Конкурсите за прв, втор и трет циклус на студии се објавуваат кон крајот на академската година и ги содржат сите потребни информации поврзани со уписите за следната академска година.
Датумите за уписи се поделени во три уписни рокови, од кои првиот е кон средината на август, а вториот и третиот се во текот на септември. Процесот на пријавување е едноставен и дигитализиран и со помош на електронски алатки се прави целосно електронско рангирање на пријавените кандидати. Студентите цело време имаат можност да го следат процесот и да го проверат својот ранг во однос на останатите кандидати, а и по завршувањето исто по електронски пат дознаваат дали се примени на факултетот каде се пријавиле.
Оние студенти кои се примени, во краток рок се запишуваат на матичниот факултет, по што добиваат електронски картички и валиден индекс, како главна идентификација во следните години на студирање на УГД.
Кандидатот треба да ги достави следните документи при пријавувањето за запишување:
- Пријава за запишување
- Оригинални свидетелства од сите класови
- Државна, меѓународна или училишна матура
- Свидетелство за завршено средно образование
- Извод од матична книга на родени
- Доказ за државјанство на Република Северна Македонија
- Потврда за уплатени
-
- 300 денари на жиро-сметката на Универзитетот за студиските програми за кои не се врши проверка на знаењата и умеењата, односно
- 500 денари на жиро-сметката на Универзитетот за студиските програми за кои се врши проверка на знаењата и умеењата.
Студентите во државна квота се запишуваат со плаќање на надоместок во износ од 100/200 евра во денарска противвредност, според средниот курс на Народна банка на РМ.
Студентите, пак, во квотата за кофинансирање се запишуваат со плаќање надоместок за кофинансирање на студиите во износ од 100/400 евра во денарска противвредност, според средниот курс на Народна банка на РМ.
Вонредните студенти се запишуваат со плаќање на надоместок во износ од 400 евра во денарска противвредност, според средниот курс на Народна банка на РМ.
Плаќањето се врши на две еднакви рати во почетокот на секој семестар, за секоја студиска година во текот на целото студирање.
Останатите трошоци или посебни услови за студирање се утврдуваат во конкурсот кој излегува неколку месеци пред уписите во академската година и е објавен на веб-страницата на Универзитетот.
Сите дополнителни информации поврзани со трошоците за студирање може да се добијат од Службата за студентски прашања на соодветниот факултет.
Како град седиште на Универзитетот „Гоце Делчев“ каде се лоцирани најголем дел од факултетите во негови рамки, успешно функционираат четири студентски домови кои нудат можности за сместување на студенти.
Еден од нив е државниот студентски дом „Браќа Миладиновци“, кој на студентите им нуди сместување и исхрана, како и организација и вклучување во културни, информативни и спортско-рекреативни настани.
Останатите три студентски домови се приватни.
Приватниот студентски дом „Хилјадников“ е лоциран во центарот на градот Штип и има капацитет за сместување и исхрана (ручек и вечера) за 60 студенти. Се работи за модерен студентски дом со климатизирани и опремени соби со сопствен тоалет, мини кујна и фрижидер, телевизор, кабелска ТВ, бесплатен Wi-Fi интернет.
Во рамките на домот се наоѓа и читална, кујна со трпезарија, перална, студентски клуб, фитнес-клуб и пинг-понг опрема. Објектот е со постојан видеонадзор и контролиран електронски влез.
Контакт телефон: +389 (0)76 569 705
Адреса: ул. „Ген. Михајло Апостолски“ 18, Штип
Веб-страница: www.hiljadnikov.com.mk
Е-mail: info@hiljadnikov.com.mk
Facebook: https://www.facebook.com/hiljadnikov.studentskidomstip
Приватниот студентски дом „Оаза“ нуди сместување за 120 студенти. Овој приватен студентски дом со вкупна површина од 1.731 м2 е лоциран во строгиот центар на градот.
Адреса: ул. „Маршал Тито“ б.б.
Приватниот студентски дом „Logos“ располага со вкупен капацитет од 52 легла, организирани во еднокреветни, двокреветни, трикреветни и четирикреветни апартмани од кои секој е со засебна бања. Секоја соба е опремена со LCD телевизор Wi-Fi, фрижидер, гардеробер и дополнителна потребна опрема за секој студент.
Контакт телефони:
+389 (0)32 389 047
+389 (0)70 264 438
+389 (0)70 257 264
Адреса: ул. „11 Конгрес“ бр. 53, Штип
Веб-страница: http://logos.mk
Е-mail: info@logos.mk
Facebook: https://www.facebook.com/LogosStip
Универзитетот „Гоце Делчев“ овозможува премин на студенти од други универзитети на УГД, како и премин на студенти помеѓу факултетите и студиските програми во рамките на Универзитетот и тоа со едноставна и брза процедура, преку електронска апликација на eupisi.ugd.edu.mk.
Дополнителни информации за процедурата на префрлање и студиските програми на различни факултети, може да се добијат од советникот за EKTС, Славица Јанева, на e-mail slavica.janeva@ugd.edu.mk или од продеканите на секој факултет.
Важни информации за запишаните студенти
Кандидатот се стекнува со статус студент со запишување на УГД врз основа на јавен конкурс што го објавува Универзитетот. Студентите може да се запишат на Универзитетот како редовни во државна квота, со кофинансирање или како вонредни студенти, согласно условите предвидени во конкурсот.
Кандидадот може да се запише како вонреден студент врз основа на доставена изјава, со наведена валидна причина за вонредно студирање и тоа: заснован работен однос, склучен договор за професионален спортски или културен ангажман, инвалидитет што го оневозможува студентот да посетува настава, потешка долготрајна болест, статус на родител на дете што е на породилно отсуство.
Вонредни студенти се запишуваат според истите услови и критериуми како и редовните студенти, а се рангираат на посебна ранг-листа.
Статусот на студент создава права и обврски за студентот, коишто се уредуваат со договорот за регулирање на меѓусебните права и обврски во остварувањето на наставно-образовниот процес, склучен помеѓу универзитетот и студентот како договорни страни.
Студиската година се организира во зимски и летен семестар, при што наставата во зимскиот семестар започнува во третиот понеделник од септември, а во летниот семестар започнува во третиот понеделник од февруари.
И во двата семестра, наставата трае трае 19, од кои 12 недели студентите посетуваат континуирана настава, а 7 недели се предвидени за самостојна подготовка и полагање, вклучувајќи и одржување колоквиуми и завршни испити.
Заверувањето на зимскиот и запишувањето на летниот семестар, заедно со зимскиот одмор, траат две недели.
Студентот чие образование го финансира државата може истата студиска година да ја повтори само еднаш, а доколку во наредната академска година не го стекне правото за запишување на повисока година на студии, го губи статусот на студент со државно финансирано образование. Во ваков случај, студентот има право повторно да ја запише истата година со статус на студент кој самостојно ги покрива трошоците на студирање.
Студентите чие образование го финансира државата, го задржуваат статусот најдолго за времето кое е за двапати подолго од пропишаното времетраење на студиите, односно до крајот на академската година, во кој тој рок истекува. Со истекот на тој рок студентот ги продолжува студиите со кофинансирање.
Студентите ги пријавуваат предметите кои сакаат да ги слушаат и да ги полагаат во следната студиска година три недели пред почетокот на наставата во зимскиот семестар, а за првата студиска година по запишувањето на семестарот и поднесувањето на семестрален лист. Изборот на предметите студентите го вршат до 30 ЕКТС студиски кредити за семестар и 60 ЕКТС студиски кредити за целата академска година.
Услов за полагање на завршен испит е студентот да освоил кумулативно минимум 42 поени вкупно од предиспитните активности, а доколку не ги освои овие предвидени поени, студентот го презапишува предметот наредната година без признавање на старите предиспитни активности. Доколку студентот освои кумулативно 42 поени од сите предиспитни активности, не го презапишува предметот наредната година и му се признаваат старите предиспитни активности.
Студентите кои се без родители, слепи, глуви, инвалиди од прва и втора група, мајки со деца до шестгодишна возраст и хоспитализирани лица, имаат право на полагање на испити во дополнителни испитни рокови, најмалку двапати во текот на годината.
Заверувањето на семестарот и годината е задолжително за сите студенти и врз таа основа се утврдува колку ЕКТС студиски кредити освоил студентот. На студентот ќе му се завери семестарот доколку тој во индексот има потпис од предметните наставници за сите семестрални предмети, а на студентот кој нема потпис за сите семестрални предмети, може да му се завери семестар под услови утврдени со одлука на Ректорската управа.
Студентот може да запише нареден семестар доколку му е заверен претходниот семестар. Роковите во кои се заверува и се запишува семестар и година се утврдуваат во студентскиот календар.
За запишување во следен семестар и академска година потребно е за секое ниво на образование студентите да имаат освоено одреден број на ЕКТС студиски кредити и тоа:
- најмалку 36 ЕКТС студиски кредити зa упис на втора година (трети и четврти семестар) на студии;
- најмалку 90 ЕКТС студиски кредити за упис на трета година (петти и шести семестар) на студии;
- најмалку 150 ЕКТС студиски кредити за упис на четврта година (седми и осми семестар) на студии;
- најмалку 210 ЕКТС студиски кредити за упис на петта година (деветти и десетти семестар) на студии;
- најмалку 270 ЕКТС студиски кредити за упис на шеста година (единаесетти и дванаесетти семестар) на студии.
Ќе се смета дека настапило прекинување на студиите кај одреден студент во еден од следните случаи:
- студентот нема да ја запише наредната студиска година а има услов за запишување;
- студентот нема да ја презапише истата студиска година кога нема услов за запишување на наредна студиска година;
- студентот не го активира мирувањето на студиите кое му е одобрено на одреден временски период.
По прекинот на студиите, студентот може да ги продолжи студиите по студиската програма на која се запишал, преку поднесување на барање по кое одлучува Наставно-научниот совет на факултетот.
Против одлуката студентот може да поднесе приговор до Наставно-научниот совет за повторно преиспитување на одлуката.
Во рамките на Универзитет „Гоце Делчев“ е дозволено паралелно (истовремено) студирање на две студиски програми, што е уредено со Правилникот за студирање на прв циклус.
Согласно Правилникот, студентот може паралелно да се запише и на втора студиска програма ако ги исполнил условите за запишување и самиот ги покрива трошоците за студирање. Студентот на втората студиска програма се запишува како вонреден студент. Студентот кој успешно ги завршил двете студиски програми, добива одделни дипломи за секоја од нив.
Од можноста за паралелно студирање, одземени се само студиите на Факултетот за медицински науки на студиските програми по Општа медицина, Фармација и Дентална медицина и на Музичката академија.
За остварување на правото на паралелно студирање, студентот поднесува барање до архивата за студентски досиеја, по што продеканот на единицата изготвува записник и го проследува до координаторот за ЕКТС на Универзитетот, кој изготвува одлука. Со барањето треба да се приложи и потврда за студент на првата студиска програма.
Конечното одлучување по барањато се врши пред почетокот на новата академска година.
Положените испити од првата студиска програма се признаваат ако предметите од кои испитите се положени по својата содржина и обем одговараат на наставниот предмет од втората студиска програма.
Со признавање на испитот се признава и оценката со која студентот е оценет, како и ЕКТС кредитите во согласност со студиската програма.