Search
|     contact@ugd.edu.mk

Обраќање на ректорот

Вие, заедно со професорите и вработените, сте најзначајниот дел од нашата визија и мисија за подобар, посилен и хуман Универзитет.

Обраќање на ректорот

Почитувани,

Поминаа 16 години откако Универзитетот „Гоце Делчев“, како најмлада високообразовна институција во земјата започна да го гради својот профил во рамките на македонското високо образование. Со гордост можеме да кажеме дека денес веќе е остварена визијата да се формира и развива нов државен универзитет, кој треба да го заживее југоисточниот дел од државата и да биде нова додадена вредност на македонското високо образование. Остварувањето на таа визија подразбираше многу работа, пожртвуваност, донесување крупни и значајни одлуки, отворање нови врати кон глобалниот свет на знаењето, осовременување на студиските програми и условите за студирање и, секако,  привлекување студенти од сите страни на светот. Сите поранешните ректори, проректори, декани, продекани, професори и сите вработени се заслужни за постигнатите успеси на Универзитетот бидејќи несебично и неуморно се вградија себеси и својот потенцијал во остварувањето на поставените цели. За ова од срце им се заблагодарувам.
Универзитетот „Гоце Делчев“ сè од основањето па до ден-денес, како врвен приоритет ги поставува потребите на студентите, нивните идеи, размислувања, желби и погледи. Студентите имаат можност да бидат проактивно вклучени во сите тековни процеси, да учествуваат во сите универзитетски и факултетски тела и организации и на тој начин директно да бидат вклучени во носењето одлуки и позитивни промени. 

Веќе 16 години УГД и студентите се силни партнери што ја издигнаа нашата институција високо на скалата на академското знаење и компетентност. Заедно создадовме универзитет чијашто визија се темели на идејата за отвореност кон светот, следење и храбро воведување на промени со цел развој на претприемнички универзитет. Успешните приказни на нашите студенти се нашата најголема гордост и мотивација за уште повеќе да вложуваме во подигнување на квалитетот на образованието.

Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип активно учествува во унапредувањето и развојот на академскиот потенцијал на студентите, како и усовршување на условите за студирање и пракса и секогаш е во чекор со универзитетски приказни и надвор од нашата држава, како модели на успешност и високи стандарди. Работиме на интернационализација и на искористување на можностите за мобилност, преку програмите Еразмус плус, Цепус и други. Нашиот Универзитет ја има една од најшироко развиените мрежи на соработка со универзитети во Европа и во светот, со над 400 договори за соработка и размена на студенти и вработени, за унапредување на нивните знаења и квалификации. Континуирано работиме на зголемување на соработката и со приватниот сектор, за остварување на пракса и вработување на најдобрите студенти, но и во насока на усогласување на студиските програми со потребите на стопанството и бизнис заедницата.

Наш врвен приоритет е квалитетното и применливо знаење што треба да го добијат нашите студенти како идни академски граѓани, надополнето со практичната работа и усовршувањето на стекнатите вештини, за нивна непречена интеграција во општествените текови.

„Избери мудро, делувај храбро“ е новиот слоган на УГД. Во него се инкорпорирани личниот избор и храброста да се зачекори кон позитивна промена, којашто ќе започне во секого од нас. Заедно со сите вас да продолжиме да го градиме УГД како место на компетентни и силно мотивирани студенти, исполнителни и вреднувани професори и вработени, но и да изградиме универзитет што ќе ги негува и надградува највисоките хумани вредности, кон кои се стреми цивилизираниот човек. Должни сме, сите заедно, да создадеме иднина за младите, да изградиме општество во кое тие ќе ја живеат својата сонувана приказна.

Ви благодарам,

Проф. д-р Дејан Мираковски
Ректор