Што е стагфлација?
Стагфлацијата е состојба во која бавниот економски раст, зголемената невработеност и инфлацијата, се случуваат истовремено.
Ваквата состојба отстапува од економската теорија, бидејќи невработеноста и инфлацијата обично се движат во спротивни насоки. Вакво отстапување најчесто може да се случи доколку настане шок на страната на понудата – нагло зголемување или намалување на понудата на стоки или услуги како што е брз пораст на цената на нафтата, при што цените растат, производството станува поскапо и помалку профитабилно, а со тоа забавува економскиот раст.
Стагфлацијата е неповолна комбинација која предизвикува дилема за владите и носителите на економските политики, бидејќи механизмите кои се користат за борба против рецесијата и невработеноста истовремено ја зголемуваат стапката на инфлација, а политиките што се користат за борба против инфлацијата ја зголемуваат невработеноста и го намалуваат растот на БДП.
Дали Македонија се соочува со стагфлација?
Прашање кое често се поставува во последно време е дали Република Северна Македонија се соочува или може да се соочи со стагфлација?
По долги години ниска инфлација, сведоци сме на постојано покачување на цените. Со ваквиот тренд не се соочуваме само ние, туку во глобални рамки се случува значително забрзување на инфлацијата. Најпрво пандемијата, а од минатата година и воениот конфликт во Украина, преку различни канали предизвикаа зголемување на глобалните инфлациски притисоци.
Со оглед на тоа што ние сме увозно зависна земја, а особено сме зависни од увоз на енергија, порастот на цената на енергенсите се пренесе врз цените на останатите стоки и услуги. Ова уште повеќе ја подгреа инфлацијата, а и инфлациските очекувања со оглед на тоа што учеството на храната и енергијата во нашата потрошувачка кошничка е високо.
Согласно со податоците од ДЗС, инфлацијата во ноември 2022 година во однос на истиот месец минатата година се зголеми за 19,07%, при што загрижувачки е порастот на цените на: храната и безалкохолните пијалаци за 27,69%, домување, вода, електрика, гас и други горива за 22,36% и здравствените услуги за 7,61%. Покрај тоа, уште повеќе загрижува фактот што се соочуваме со највисока стапка на инфлација во споредба со земјите од окружувањето. Во третиот квартал од 2022 година инфлацијата изнесуваше 17,2. За споредба, во Албанија изнесуваше 7,8%, во Босна и Херцеговина 16,9%, во Бугарија 15,2%, на Косово 13,3%, во Србија 13%, во Хрватска 12,6% и во Црна Гора 14,1%.
Инфлацијата и покачените цени ја намалија куповната и платежната моќ на граѓаните. Така, според пресметките на ССМ, минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство во ноември минатата година изнесувале дури 51.714 денари. Трошоците за живот, храна и безалкохолни пијалаци во 2022 година во споредба со 2021 година пораснаа за 31,2%.
Ситуација која асоцира на стагфлација е тоа што покрај со инфлација ние се соочуваме и со пад на индустриското производство и пад на БДП.
Во третиот квартал од 2022 година се соочивме со забавен раст на домашната економија, што се должеше пред сѐ на растот
на трошоците врз одредени сектори од економијата. Според податоците од ДЗС, индустриското производство во третиот квартал од 2022 г. забележа пад за 1,8%. Ова се однесуваше пред сѐ на оние сегменти кои се најмногу зависни од енергенси.
Следствено, по растот од 4% во вториот
квартал, во третиот квартал од 2022 година БДП оствари поумерен реален раст од 2%. Според последниот Извештај на Светската банка, процентуалниот раст на БДП во 2023 година е предвиден на 2,7%, а за 2024 година за 2,9%. За споредба за Б и Х, Косово и Црна Гора, за овие години Светската банка предвиде нешто повисок раст и тоа: 2,8 и 3,2; 3,7 и 4,4; и 3,4 и 3,1 соодветно. Во Извештајот стоеше дека покрај тоа што имаме највисока стапка на инфлација во изминатите 25 години, имаме и најбавна стапка на раст на БДП од земјите во регионот.
Радува фактот што постои стабилизирање на состојбата на пазарот на труд. Така, според последниот квартален извештај на НБРСМ бројот на вработени лица во вториот квартал од 2022 година забележа умерен
раст од 0,4%, а истовремено бројот на невработени лица се намали
за 1,7%. Ваквите движења придонесоа за умерено зголемување на стапката
на вработеност, којашто достигна 47,3%, при истовремено натамошно
намалување на стапката на невработеност, којашто се сведе на 14,5%.
Како да се постапи кога економијата се соочува со стагфлација?
Во периоди на стагфлација економската политика нема многу маневарски простор, бидејќи постои невозможно тројство – да се зголеми индустриското производство и бруто домашниот производ, да се зголеми стапката на вработеност и да се намали инфлацијата. Притоа, првите две цели можат да се остварат, но да се жртвува третата цел – ниската стапка на инфлација.
За да се справат со инфлацијата централните банки водат рестриктивна монетарна политика најчесто преку зголемување на основните каматните стапки. Ова го прави позајмувањето поскапо, што пак предизвикува намалена потрошувачка. Работодавците на ваквата состојба нормално реагираат со намалување на нивната работна сила, зголемувајќи ја невработеноста. Спротивно на тоа, централните банкари за да ја намалат невработеноста и поттикнат економскиот раст водат експанзивна монетарна политика, најчесто со намалување на основните каматните стапки, создавајќи поттик за работодавците да прават инвестиции и да вработуваат, при што побарувачката расте, а со тоа се зголемуваат цените. Од ова може да се заклучи дека монетарните власти се главно се „заглавени” кога станува збор за стагфлација.
Како едно конвенционално правило за да се реши ваквата дилема како да се постапи е најпрво да се делува во насока на стишување на инфлацијата со зголемување на каматните стапки. Образложението за ваквото жртвување на економскиот раст и повисоката невработеност е дека пазарот побрзо закрепнува од невработеноста отколку од долгата и висока инфлација.
Така, Европската централна банка, Федералниот систем на резерви и многу други централни банки ги зголемија референтните каматни стапки, испраќајќи сигнал за монетарно затегнување.
Што ние правиме/треба да правиме?
Нашата централна банка постапи на сличен начин како и останатите централни банки со постепено зголемување на основната
каматна стапка. Почнувајќи од април минатата година, со неколкукратно зголемување, до декември минатата година каматна стапка на благајничките записи стаса до 4,75 процентни поени. Ова неминовно ќе предизвика покачување на каматните стапки кај деловните банки, односно поскапување на кредитите, при што ќе се намали паричната маса во оптек, со цел да се намали трошењето и следствено инфлацијата.
Сепак, треба да водиме сметка да постои баланс, односно да се постигне намалување на инфлацијата, но не по цена на дополнителен пад на економијата.
Секако дека покрај со рестриктивната монетарна политика против инфлацијата треба да се делува и преку замрзнување на цените на основните прехранбени производи и енергенсите. Но, треба да се има предвид дека и оваа мерка треба да се применува внимателно, бидејќи искуството од минатото покажа дека ваквата мерка може да предизвика недостиг на стоки за широка потрошувачка.
Од значење е и да се намали зависноста на економијата од нафтата, да се поддржат инвестициите во обновливи извори на енергија,
бидејќи зголемувањето на цената на нафтата е главен фактор за стагфлацијата.
И на крајот, би го истакнала и она што ни го препорачуваат од Светската банка, фокусот да го ставиме на структурните реформи за да се поттикне растот и да се отворат нови работни места.
Проф. д-р Весна Георгиева-Свртинов,
професор и продекан за меѓународна соработка и наука на Економски факултет при УГД