Инфлацијата, скриен данок кој ја намалува вредноста на валутата, веќе подолго време е во фокусот на економските дискусии ширум светот. Како што глобалната економија закрепнуваше од последиците предизвикани од пандемијата Ковид-19, стапките на инфлација во многу земји се зголемија. Инфлаторните притисоци беа поттикнати од прекините на синџирот на снабдување, недостигот на работна сила и големите фискални стимули кои ги даваа владите за да ги ублажат последиците предизвикани од пандемијата. Во Европа, поради геополитичките случувања, дополнителен фактор на сето ова беше и енергетската криза. Економиите во развој, пак, поради послабите валути и следствено повисоките трошоци за увоз, се соочија со уште повисока инфлација.
Дилемата на централните банки
Централните банки одиграа клучна улога во справувањето со овој проблем. Нивната примарна алатка за контрола на инфлацијата е монетарната политика, која вклучува приспособување на каматните стапки и управување со понудата на пари. Повисоките каматни стапки ги прават кредитите поскапи за потрошувачите и бизнисите, што доведува до намалена побарувачка за стоки и услуги, а со тоа и надолен притисок врз цените. Сепак, повисоките каматни стапки иако помагаат да се контролира инфлацијата може да доведат и до забавен економски раст и зголемена невработеност. Оваа деликатна рамнотежа помеѓу контролирањето на инфлацијата и поддршката на економскиот раст е постојан предизвик со кој централните банки се соочуваат.
Какви стратегии презедоа одделни централни банки?
Одговорот на Системот на Федералните резерви на САД
Предизвикот на Системот на Федерални резерви (ФЕД) на САД е да постигне рамнотежа помеѓу сложената задача – намалување на инфлацијата и одржувањето на растот. Банката спроведе серија зголемувања на каматните стапки, но пристапот беше постепен, со цел да се спречи „прегревање” на економијата, а во исто време и да се избегне остра контракција. Покрај зголемувањето на каматните стапки, од јуни 2022 година ФЕД спроведе и т.н. квантитативно „затегнување”, со цел дополнително да ги заостри монетарните услови. Ваквиот одговор на ФЕД покажа резултати, при што стапките на инфлација бележат надолен тренд. Сепак, патот до одржлива стабилност на цените останува неизвесен, а ФЕД продолжува внимателно да ги следи економските показатели за да ги одреди идните политички одлуки. Со балансирање на двојните мандати – контрола на инфлацијата и поддршка на максималната вработеност, ФЕД има за цел ефективно да се движи низ сложениот економски пејзаж.
Пристапот на Европската централна банка
Европската централна банка (ЕЦБ) се соочи со уште поголем предизвик од ФЕД, бидејќи инфлацијата во еврозоната покрај тесните грла во снабдувањето значително беше поттикната и од зголемувањето на цените на енергијата – фактор кој во голема мера е надвор од контролата на централните банки. Покрај тоа, економски услови помеѓу земјите членки се многу различни, поради што активностите на ЕЦБ мораше многу внимателно да се преземаат за да се избегнат непропорционални влијанија врз послабите економии. Како одговор на инфлацијата, ЕЦБ спроведе серија корекции на каматните стапки. Неодамна, на 6 јуни 2024 година, ЕЦБ одлучи да ги намали трите клучни каматни стапки за 25 базични поени. Оваа одлука беше одговор на постабилните стапки на инфлација во последните месеци и намалувањето на ценовни притисоци. Најновите проекции на ЕЦБ сугерираат дека вкупната инфлација во просек ќе биде 2,5% до крајот на 2024 година и 2,2% во 2025 година, при што се очекува базичната инфлација постепено да се ублажува. Сепак, патот до одржлива стабилност на цените е неизвесен и полн со ризици. Клучните фактори кои влијаат на идната инфлација ги вклучуваат цените на енергијата, прекините на синџирот на снабдување и растот на платите. ЕЦБ, исто така, забележува потенцијални нагорни ризици од негативни шокови на страната на понудата и тековните геополитички настани.
Одговорот на централните банки економиите во развој
И економиите во развој, исто така, беа ранливи на глобалните трендови на инфлација. Централните банки во земји како Бразил и Турција ги зголемија каматните стапки за да се справат со зголемените цени. Сепак, овие активности предизвикаа забавување на економскиот раст. Згора на тоа, повисоките каматни стапки може да доведат до одлив на капитал, што дополнително ќе ги ослабе нивните национални валути.
Инфлацијата и политиките на централните банки во земјите од Западен Балкан
Во 2023 година, земјите од Западен Балкан доживејаа нагло зголемување на инфлацијата, пред сѐ поради вртоглавото зголемување на цените на енергијата и храната. Овој пораст на цените имаше сериозни импликации за домаќинствата, особено за сиромашните и ранливите, кои трошат поголем дел од својот приход на храна и енергија.
Од почетокот на 2024 година, инфлацијата во регионот почна да покажува знаци на умереност, што се должи на намалувањето на глобалните цени на енергијата и стабилизацијата на синџирите на снабдување. Сепак, базичната инфлација, која ги исклучува нестабилните ставки како храната и енергијата, останува постојано висока, поттикната од силната домашна побарувачка и растот на платите.
Централните банки во Западен Балкан усвоија различни монетарни мерки за да се справат со новонастанатата ситуација. Главната монетарна мерка и на овие централни банки беше постепеното зголемување на каматните стапки за да се спречат инфлаторните притисоци, а истовремено и да се поддржи економскиот раст.
Светска банка проектира умерено забрзување на економскиот раст за 2024 година, поттикнато од закрепнувањето во Европската Унија, главниот трговски партнер на регионот, и подобрената динамика на инфлацијата. Сепак, постојат значителни ризици, вклучувајќи потенцијални нови шокови на страната на понудата и континуираната геополитичка нестабилност.
Што понатаму?
Централните банки имаат задача да ја контролираат инфлацијата и истовремено да обезбедат економски раст. Оваа двојна задача често ги доведува во дилема, бидејќи затегнувањето на монетарната политика за да се намали инфлацијата може да го забави економското закрепнување, особено по глобалната криза. Оттука, инфлацијата претставува значаен предизвик за централните банки ширум светот. Нивните одговори, иако се различни, ја нагласуваат сложеноста на управувањето со инфлацијата, без да го попречат економското закрепнување, со цел во исто време да постигнат и економска стабилност и просперитет.
И покрај тоа што инфлацијата значително се ублажи од нејзиниот врв во средината на 2022 година, централните банки мора да останат „будни” и да ги следат економските услови за да бидат подготвени да ги приспособат своите стратегии и политики. Тие треба да продолжат да ги приспособуваат каматните стапки врз основа на најновите податоци за инфлацијата, осигурувајќи дека политиките остануваат флексибилни и одговорни на променливите економски услови.
Креаторите на политиките мора да ги земат предвид различните модели на потрошувачка на различни приходни групи, бидејќи посиромашните домаќинства имаат тенденција да искусат повисоки стапки на инфлација во споредба со побогатите.
Освен тоа, решавањето на структурните прашања, како што се ранливоста на синџирот на снабдување и неусогласеноста на пазарот на труд, може да обезбеди поодржливо решение за инфлаторните притисоци, без притоа да се доведе во прашање економскиот раст.
Проф. д-р Весна Георгиева-Свртинов