Search
|     contact@ugd.edu.mk

Македонската економија се соочува со сериозни предизвици во услови на криза! кои се излезните решенија?

Споделете

Проф. д-р Дарко Лазаров, вонреден професор на Економски факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип

Македонската економија во изминатиот период е исправена пред многу сериозни предизвици кои се разбира имаат негативни ефекти врз економските резултати на земјата и животниот стандард на граѓаните. Еден од тие предизвици секако е инфлацијата која во изминатите месеци има растечка тенденција, достигнувајќи речиси 20% во октомври годинава. Практично, драстичниот раст на цените на енергенсите и растот на другите инпути значително ги зголеми производните трошоци на компаниите кои беа принудени поради опасност од загуби да почнат да ги зголемуваат цените на финалните производи.

Сепак, и покрај повиците на бизнис секторот за брза интервенција и поддршка од страна на државата во делот на субвенционирање на дел од зголемените трошоци поради растот на цените на енергенсите и другите инпути, дел од мерките за поддршка стигнаа задоцнето со што се остави голем простор да цените на одредени производи, особено од прехранбената индустрија се зголемат значително. Само за илустрација, цените на прехранбените производи во октомври годинава споредено со истиот месец лани се зголемени за цели 31.2’%. Секако, значаен дел од овие покачувања на цените ќе биде на сметка на граѓаните, особено што најголем дел од потрошувачката кошница и доходот на граѓаните оди за храна и прехранбени производи.

Поради ваквата загрижувачка состојба и неповолна инфлаторна тенденција, државата треба да презеде многу поодлучни мерки со цел да спречи дополнително зголемување на цените што би ја принудило монетарната власт да интервенира со непопуларни чекори за да ја одржи макроекономската стабилност. Таквите мерки се разбира не треба да имаат непазарни принципи, напротив, истите треба да бидат креирани во соработка со бизнис сектор со цел да не се направат дополнителни штети во делот на дестимулирање на производството.

Паралелно, напорите на Владата треба да бидат насочени кон поголема реализација на капиталните инвестиции со цел подобрување на квалитетот на живот на граѓаните и подобрување на условите за водење бизнис на приватниот сектор. Не помалку важно е тоа што во услови на криза капиталните инвестиции имаат многу позитивни ефекти за економијата имајќи предвид дека на тој начин се стимулира градежниот сектор и повеќе поврзани сектори. За жал, во изминатиот период сме сведоци на релативно ниска реализација на капитални инвестиции. Имено, и покрај тоа што беше најавено златното правило во јавните финансии според кое капиталните инвестиции ќе бидат поголеми од буџетскиот дефицит, сепак во реалноста буџетскиот дефицит е значително поголем од капиталните инвестиции што е потврда дека поголем дел од буџетските расходи се наменети за тековни и непродуктивни трошења кои де факто не креираат додадена вредност за економијата, ниту на некој начин го зголемуваат развојниот капацитет на земјата.

Дополнително, креаторите на економски политики конечно треба фокусот да го стават на структурни реформи кои ќе значат зголемување на продуктивноста и извозната конкурентност на земјата како најдобри излезни решенија и единствена алтернатива за идниот економски развој на земјата. За таа цел, економските политики треба да бидат насочени кон поддршка на инвестициската активност на домашните компании од преработувачката индустрија за подобрување на производните и техничко-технолошките капацитети, како и поддршка на извозно ориентираните компании во подобра промоција и позиционирање на странските пазари.

Теоријата на економски раст и искуствата на брзорастечките земји јасно укажуваат дека за мали отворени економии, како што е случај со македонската економија, најдобар економски модел е оној базиран на извоз. Ние како земја во изминатиот период имаме прилично високи стапки на раст на извозот што во голема мера се должи на извозот на компаниите од ТИР зоните, но она што претставува сериозен проблем е високата увозна компонента на тој извоз и високата извозна концентрација од аспект на број на извозни компании, извозни производи и извозни пазари. Имено, првите 10 извозни компании креираат повеќе од 50% од вкупниот извоз, додека првите 10 извозни производи имаат 55% релативно учество во вкупниот извоз на земјата. Дополнително, најголем дел од извозот на земјата се пласира во само неколку земји. За илустрација, дури 46% од вкупниот извоз на земјата се пласира во Германија како наш најголем трговски партнер. Од друга страна, најголем дел од домашниот извоз е базиран на извоз на производи кои се карактеризираат со низок степен на финализација и ниска додадена вредност.

Сето тоа секако влијае за неповолните трендови кај трговскиот биланс што се рефлектира во хроничен трговски дефицит и ограничување на можноста извозот да биде главен мотор на растот на македонската економија.

За да се променат таквите неповолни состојби, потребно е поттикнување на процесот на структурни промени што ќе значи пренасочување од извоз на производи со помала додадена вредност кон производи со поголема додадена вредност. Истовремено, треба да работиме како земја на поттикнување на процесот на извозна диверзификација преку поголема поддршка на оние компании кои имаат извозен потенцијал, како и поддршка на постоечките извозно ориентирани компании во нивните напори за градење конкурентски предности во производство и извоз на нови производи со поголема додадена вредност и поддршка во освојување на нови извозни пазари со постоечките или со нови производи.

Овие процеси ниту се лесни, ниту може да се случат преку ноќ! Но, ако сегашните и идните креатори на економските политики во земјата ги постават овие приоритети високо на своите агенди, тогаш можеме да се надеваме на позначителен успех во наредниот период, успех кој ќе значи стапки на економски раст од 5-6% и пораст на животниот стандард на граѓаните преку одржлив раст на реалните плати.