Економскиот факултет на УГД организираше уште едно од серијата предавања во соработка со Стопанската комора на РСМ. Овие предавања се во рамките на проектот „Студентите учат од бизнисот“.
Ова е проект на УГД и Стопанска комора на Македонија. Целта на проектот е студентите да стекнат практично знаење и искуство од врвни менаџери од бизнис секторот во Македонија, своето теоретско знаење да го збогатат со практичните искуства на претставниците на реалниот сектор. Тие така ќе го зголемат своето академско знаење, но и ќе ги зголемат можностите за свое полесно вработување по завршувањето на студиите. Проектот е од интерес и за студентите и за бизнисот, компаниите. Студентите ќе се запознаат со искуствата од реалното функционирање на економијата и бизнисот, додека компаниите во перспектива ќе можат да сметаат на поподготвен стручен кадар, кој ќе одговара на потребите на стопанството. Денес пред студентите своја презентација има Анатол Кутревски, извршен директор во компанијата „Пекабеско“. Ние ќе продолжиме со оваа серија предавања, планирана е серија на гостувања на врвни менаџери од македонскиот бизнис, а соработката со Стопанската комора ќе биде заокружена со една конференција, која ќе биде во насока на значењето на високото образование за македонскиот бизнис – изјави проф. д-р Дарко Лазаров од Економскиот факултет.
Овие настани имаат за цел да ги приближат студентите до бизнис секторот и компаниите, а тука факултетите и бизнисот се клучни. Ние во Стопанската комора пред две години го оформивме Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања. Има интенција да продуцира функционално континуирано образование по мерка на бизнис заедницата. Целта на настаните е да го забрзаме циклусот на вработување на идниот кадар, но исто така на студентите да им се даде една перспектива со подобро запознавање на работните и технолошки процеси и автоматизација во компаниите, но исто така и да слушнат искуства и знаења од еминентни менаџери – рече Михајло Донев од Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања во рамки на Стопанската комора на Северна Македонија.