Search
|     contact@ugd.edu.mk

Говорот и музиката во македонската чалгија – дел од македонскиот идентитет

Споделете

Текстовите во македонската чалгиска песна некогаш и денес беа во фокусот на настанот организиран од Катедрата за македонски јазик и книжевност, на која говореа и музицираа Добрила Грашевска и Тимко Чичаковски.

Добрила Грашевска, вокалист на бендот „Чалгија саунд систем“, а истовремено и дел од Филолошкиот факултет на УГД – Катедра за македонски јазик и книжевност, каде што неодамна одбрани труд токму на темата „Текстовите во македонската чалгија“, рече дека и говорот во чалгиските песни, но и музиката, се дефинитивно наше културно нематеријално богатство.

„Јас пред некое време по вторпат бранев моја дипломска работа , која сакав да биде поврзана со она што јас најмногу сакам да го работам, а тоа е македонската чалгија. Бидејќи студирав на Филолошкиот факултет, направив една анализа на текстовите во македонската чалгија , односно текстовите низ историјата и она што денес се случува со чалгиските песни, така што тоа беше доволно провокативно и интересно, па денес имам можност да го повторам тоа предавање пред поширока публика и пред студентите, но и збогатено со музика. Богатството на македонската чалгија е во разновидноста, бидејќи заедно со различните дијалекти во градовите, различни се и чалгиите, а  тоа е богатство. На пример овде во Штип, во Музејот, има единствен примерок на инструментот ут, како и најстариот примерок на канон, и сега, таа чалгија не може да биде иста со, на пример, битолската, затоа што и акцентирањето е различно на истокот, а таа песна ќе биде огледало на она што ќе го слушаме како јазик“ – рече Грашевска.

Звуците на чалгијата на инструментот канон ги долови професорот по чалгиски инструменти Тимко Чичаковски, кој пак говореше и за значењето на зачувувањето на инструментите и традицијата. Според него, единствен начин да се зачуваат инструментите, како и чалгијата, како македонско културно и духовно богатство, е тие да се вметнат во образовниот систем.

„Можеме да ги зачуваме ако ги вметнеме во образовниот систем, ако имаме официјални програми за инструментите. Ние за изучување на традиционалните инструменти уште во 90-тите години ги имаме како инструменти кои се изучуваат кавалот, тамбурата, гајдата, но за жал сѐ уште ги немаме чалгиските инструменти во образовниот систем.“

Со организирањето на еден ваков настан, Катедрата за македонски јазик и книжевност дава свој придонес во зачувувањето на она што е вредно во македонската традиција, културно и духовно богатство, кое, како што беше речено и од учесниците на настанот, всушност е дел од нашиот идентитет.