Search
|     contact@ugd.edu.mk

Промовирана книгата „Од онаа страна на Небиднината: Разговори со Светлана Шопова за Ацо Шопов“

Споделете

По повод 100 години од раѓањето на македонскиот класик Ацо Шопов, денес Филолошкиот факултет на УГД ја промовираше книгата „Од онаа страна на Небиднината: разговори со Светлана Шопова за Ацо Шопов“ од Иван Антоновски.

Ова е прва книга објавена во земјава со разговори за писател водени со неговата сопруга, која, во дадениов случај, евоцира спомени за над четиристотини личности. Со широкиот дијапазон на разговорите, книгата претставува скапоцен влог во македонската книжевна и културна историја.

 „Оваа книга“, истакна промоторката проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, „се доживува како складиште на знаци и значења и затоа покрај својата примарна улога на убава книжевност ја има и улогата на вистински книжевен архив“.

Оддавајќи му почит на Шопов на највисоко ниво од страна на Универзитетот и на градот, во присуство и на ректорот проф. д-р Дејан Мираковски, многубројните присутни ги поздравија и проректорот Мишко Џидров и градоначалникот на Штип Иван Јорданов. И двајцата, говорејќи со пиетет за Шопов, за кого споменот во родниот град се рехабилитира во оваа 2023 година, нагласија дека неговото присуство во нашиот културен простор се чувствува и по повеќе од четириесет години од неговата физичка смрт. И тоа не само преку неговото творештво и преку неговиот влог за македонската култура, туку и преку писанијата како што е книгата „Од онаа страна на Небиднината“, посакувајќи таа да го најде вистинското место во рацете на студентите, на учениците и на сите посветени на животот и делото на Ацо Шопов.

Воодушевувачки е колку во оваа книга, детално и прецизно се опишува живеењето и делувањето на поетот Шопов од страна на неговата сопруга Светлана Шопова, колку добро ја служи меморијата и уште повоодушевувачки е начинот на кој е тоа спакувано од страна на Иван Антоновски. Моето длабоко убедување по однос на книгата „Од онаа страна на Небиднината“ е дека таа конечно ќе ги осветли „темните“ и ќе ги „расчисти“ тешко проодните места во поезијата на Шопов. Кои, за волја на вистината, ниту се тешки, ниту пак темни, ако се има волја длабоко да се навлезе во суштината на поезијата и суштината на поетовото суштествување“, нагласи во своето слово деканката на Филолошки факултет во Штип, Луси Караниколова-Чочоровска.

Исчитувањето на 200-те страници на оваа книга, според неа, за читателите опитни во книжевноста претставува вистински поход, кој на моменти се квалификува како епски, другпат како лирски, одвреме-навреме драматичен, а најмногу од сѐ можеби искрен, реален, објективен. И многу емотивен!

Книгата ’Од онаа страна на Небиднината’ добива визура на оној ткаеж на кој инсистира и Блаже Конески во својата ’Везилка’. Оваа книга е ’прост и строг’ дијалог, ’прост и строг’ муабет, ’меѓу времињата – она на Шопов и денешното’ и ’меѓу генерациите’. А тоа значи дека Антоновски требал темелно да го исчита Шопов и на тој начин таа сложеност да ја совлада и потоа да ја издигне, да ја трансформира до едноставен разговор. Зашто само на тој начин можел да ѝ биде донекаде рамноправен соговорник на Светлана Шопова и да знае кога и како треба да ја поттикне на одредени моменти кои, ете, таа можеби сака да ги претрча или едноставно да не ни ги открие докрај“, посочи промоторката, Весна Мојсова-Чепишевска.

Според неа, разговорите поместени во оваа книга се еден вид биографија или обид за вистинската биографија на Ацо Шопов, иако како што се вели и во книгата, „сета биографија, тој ја запишал во своите стихови…“.

На промоцијата се обрати и ќерката на поетот, Јасмина Шопова, која е и истражувач и преведувач на неговото творештво. Потсетувајќи на некои моменти од нашето минато забележани во оваа книга, таа во своето кратко обраќање, особено инсистираше на неопходноста и итноста да го негуваме нашето културно наследство.

По промоцијата, соговорниците од книгата, Светлана Шопова и Иван Антоновски, заеднички ги потпишуваа примероците од изданието за многубројните заинтересирани штипјани.

Од името на фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“, Јасмина Шопова ѝ подари на библиотеката на Филолошкиот факултет во Штип единаесет значајни изданија од творештвото на Шопов, меѓу кои и двојазични и повеќејазични изданија објавени од реномирани странски издавачки куќи.

Избор од новообјавените книги, Фондацијата му донираше и на Роднокрајното одделение во НУУБ „Гоце Делчев“ – Штип, во кое Ацо Шопов своевремено лично предал голем број свои ракописи, за што поопширно зборува Светлана Шопова во „Од онаа страна на Небиднината“.

Книгата беше објавена на почетокот на месецов од издавачката куќа „Дијалог“, а ова беше нејзина втора промоција по онаа во рамките на мултимедијалниот настан „Ацо Шопов – Невообичаено“ што се одржа во Скопје на 23 ноември. Од вчера, книгата е достапна и во книжарниците во Штип.

Инаку, овој настан беше втор што годинава го организира Филолошкиот факултет во Штип во чест на 100-годишнината од раѓањето на Шопов, по Меѓународната научна конференција која се одржа во мај, а како што најави деканката Караниколова-Чочоровска, ќе има и трет, кога за неполн месец ќе биде промовиран Зборникот од Конференцијата.

Корицата на книгата е илустрирана со „Портрет на Ацо Шопов“ (1983 г.), од  реномираниот македонски сликар Танас Луловски, додека дизајнот на корицата му го должиме на академскиот графичар Тони Васиќ. Наскоро книгата ќе биде достапна за читателите и во поголемите книжарници.