Search
|     contact@ugd.edu.mk

„Сѐ е јазик и јазикот е сѐ“ во чест на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик

Споделете

Со едукативна работилница „Сѐ е јазик и јазикот е сѐ“ наменета за младите, односно за средношколците, секако и студентите, Филолошкиот факултет на УГД се вклучи во одбележувањето на 21 февруари, кој во светот се слави како Меѓународен ден на мајчиниот јазик.

 – Оваа година се навршуваат 25 години од сега веќе далечната 1999 година, кога УНЕСКО го прогласил 21 февруари за ваков ден. По тој повод Делегацијата на ЕУ во Македонија со претставништво во Струмица и Филолошкиот факултет организираат заедничка едукативна работилница. Целта е на некој начин да им ја доближиме на младите идејата, односно да почнат да размислуваат дека всушност благодарение на јазиците ние правиме еден вид поврзување со другите култури кои навидум ни се далечни, а јазиците ги прават блиски. Се надевам дека нашите денешни гости на Универзитетот, а тоа се младите, ќе почнат да размислуваат во насока дека благодарение на јазиците ние, нашиот личен идентитет, и како граѓани, но и како индивидуалци, можеме на некој начин со него да се претставиме во светот како различни од нив, но доближувајќи се, допирајќи се културно, ние можеме да најдеме многу сличности – изјави проф. д-р Ана Витанова-Рингачева од Катедрата за македонски јазик и книжевност.

Кога станува збор за јазиците, големо е значењето и на познавањето на странски јазици, потенцираше проф. д-р Драгана Кузмановска од Катедрата за германски јазик и книжевност.

– Кога станува збор за странските јазици сите сме свесни дека брзиот технолошки развој ни наметна една нужна потреба од изучување на странски јазици. Многу одамна ние знаеме за една народна поговорка, мудрост, која нашите предци ја имаат изговорено, дека колку повеќе јазици знаеш толку повеќе вредиш. Еве денес дојде тоа време кога ние сме сведоци на тој факт дека е вистина, дека секој поединец кој владее повеќе јазици може да се најде во повеќе сфери од општеството и да има поголеми придобивки, не само финансиски, туку и општествени, социјално да се развива. Странскиот јазик, всушност, ни нуди многу можности и отвора многу врати кои порано биле затворени. Сега можам и да потсетам на мислата на нашиот патрон Гоце Делчев, кој светот го разбирал како поле за културен натпревар меѓу народите, еве навистина, со помош на странските јазици ние можеме културно да се натпреваруваме во светски рамки. Студентите имаат привилегија на нашиот Универзитет да имаме катедри по англиски, по германски, италијански јазик, овде е и Катедрата по турски јазик, но се изучуваат и јазици како шпанскиот, францускиот… Значи имаат една голема палета на избор на странски јазици што им  отвора можности и за Еразмус размена и така натаму, а најново е тоа што УГД успеа да влезе во Европската алијанса на универзитети, со што сме навистина горди дека ние се грижиме за нашите студенти, односно им овозможуваме поголеми можности да излезат и надвор од нашата држава, со цел да соберат поголемо искуство – рече проф. д-р Кузмановска.

„Јазикот ги поврзува народите и културите, а за тоа неизбежна е и улогата на преведувачите“, рече Сузана Мицевска, магистранд на Катедрата за македонски јазик и книжевност, говорејќи од аспект на македонската книжевност и преведувањето.

– Македонската книжевност е мала книжевност, која би била осудена на изолација доколку не постојат преведувачите, односно ако не постојат две индивидуи – една која ќе биде талентирана и доволно писмена да создава нова книжевност и нова уметничка вредност на мајчиниот јазик и втора, која ќе биде доволно писмена на два јазика најмалку, едниот мајчиниот и другиот на кој преведува, за да може да ја направи разбирлива за другите култури, другите народи и јазици. Се разбира дека за тоа е потребна една интеракција помеѓу културите, заради тоа што преводите всушност овозможуваат ние да им станеме блиски на другите народи, на другите јазици, да комуницираме, да се огледаме во нив, да видиме каде се трендовите во однос на книжевноста, да ги следиме, но и тие да ги видат нашите особености, нашите уметнички достигнувања, затоа што македонската книжевност, уметност, имаат што да дадат како дополнителна вредност на европската и на светската книжевност. Токму затоа, на овој Меѓународен ден на мајчиниот јазик важно е да се истакне значењето на постоењето на преводите и вложувањето во идни млади преведувачи.