Периферните циркулаторни болести заземаат сѐ поголем зафат на денешницата. Вклучително и со другите коморбитети, сѐ почести се и периферната артериска болести, варикозните вени и хроничната венска инсуфициенција. Клучно за ваквите состојби е нивното навремено дијагностицирање и третман, но пред сѐ превенцијата на истите. Токму затоа васкуларниот ехо-доплер претставува незаменлива метода при дијагноза на овие состојби, а за методата и индикациите во продолжение проследете го интервјуто со доц. д-р Мирела Василева, специјалист дерматовенеролог и доцент на Факултетот за медицински науки при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип.
- Што претставува ехо-доплер методата?
Тоа претставува неинвазивна, безбедна и безболна метода, со што со помош на ултразвучните бранови се визуализира структурата и се следи функцијата на садовите во долните и горните екстремитети. Со оваа метода се врши иследување на артерии, длабоки и површински вени на екстремитетите.
- При кои состојби е потребна?
Ехо доплерот се користи при сомнение за постоење на периферна артериска оклузивна болест, пациенти со дијабетес, пациенти со длабока венска тромбоза за следење на ефектот од терапијата за венска тромбоза, пациенти со посттромбофлебитичен синдром, за оценка на степенот на хронична венска инсуфициенција и варикозитети, кај пациенти суспектни за постоење на лимфовенозни малформации на екстремитетите, предоперативна проценка на проодноста на длабоките и површинските вени, предоперативна оценка за состојбата на v.saphena magna пред искористувањето како графт на срцеви хируршки зафати.
- Кои се знаците и симптомите кои укажуваат на проблеми со периферната циркулација?
Болестите на периферната циркулација се развиваат бавно и прогресивно, а во зависност од зафатениот крвен сад манифестираат симптоми. Кога се зафатени артериите доаѓа до намалување на протокот на крв, а со тоа и снабдувањето со кислород и хранливи материи, кои се неопходни за нормално функционирање на сите ткива во организмот. Најчестите симптоми на нарушена артериска циркулација во рацете и нозете се: чувство на студ, грчеви, болка и умор на нозете, на почетокот симптомите се поизразени за време на одење, а со прогресија на состојбата симптомите се присутни и за време на мирување. Кај поголемиот процент од овие пациенти присутна е и слаба циркулација во другите крвни садови. Лошата циркулација многу често пациентот ја забележува во поодминат стадиум од болеста кога одењето е многу тешко, а екстремитетите ќе помодрат или ќе започне да се отвора рана на прстите од стапалата.
Проблемите со венската циркулација се манифестираат со појава на варикозитети кои на почетокот се локализирани околу скочните зглобови за потоа да се прошират низ целиот екстремитет, испукани капилари, оток во потколениците, промена на бојата на кожата во потколениците, создавање на тромби и отворање на венски улкуси како краен стадиум на венската болест. Пациентите се жалат на чувство на тежина во нозете и болка.
- Кои лица имаат зголемен ризик од проблеми со периферната циркулација?
Зголемен ризик од проблеми со артериската циркулација имаат дијабетичарите, пациентите со покачени маснотии во крвта, пациентите со покачена телесна тежина, пушачите и оние кои се недоволно физички активни. Проблемите со венската циркулација се јавуваат кај лица со фамилијарна историја за длабока венска тромбоза, пациенти со скршеници на карлица или долни екстремитети, хируршки зафати во долен дел на абдомен или мала карлица, тромбофилија, бременост, земање на орални контрацептиви, покачена телесна тежина и долго седење.
- Дали треба да се користи како редовна скрининг метода?
Како редовна скрининг метода васкуларниот доплер би го препорачала кај дијабетичарите. Пред години постоењето на проблеми со периферната циркулација било повообичаено за повозрасната група на пациенти, додека денес возрасната граница е сериозно намалена, што дополнително нѐ обврзува да го свртиме вниманието кон превенција на овие болести. Постојат голем број ризик-фактори за развој на циркулаторните болести како зголемено ниво на шеќер и маснотии во крвта, висок крвен притисок, пушење, алкохол, недоволна физичка активност и седечки начин на живот, неправилна исхрана и зголемено консумирање на кофеин, дебелина, секојдневниот стрес итн. Затоа е од особено значење превенција на прогресијата на овие заболувања.
- Совет за зголемување и подобрување на циркулацијата.
За подобрување на циркулацијата особено е важно водење здрав животен стил, избалансирана исхрана, редовна физичка активност и намалено внесување токсини во организмот. Пациентите со хронични заболувања е потребно да вршат редовни контроли на состојбата и да се придржуваат кон препишаната терапија во однос на одржување на нормален крвен притисок, нивото на шеќер и маснотии во крвта. Редовните физички активности, хидромасажните вежби покажуваат значително подобрување на протокот на крвта во екстремитетите.