Search
|     contact@ugd.edu.mk

„ВО АМФИТЕАТАР СО…“ – ДОЦ. Д-Р БИЛЈАНА АТАНАСОВА

Земјоделски факултет, доцент, наставно-научна област ентомологија
Споделете

Име и презиме:

Билјана Атанасова

Факултет каде што предавам, титула и област на специјализација:

Земјоделски факултет, доцент, наставно-научна област ентомологија

Образование:

Прв и втор циклус студии завршив на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Дипломирав на Природно-математичкиот факултет, на Институтот за биологија, а магистрирав на Факултетот за земјоделски науки и храна. Докторирав на Биолошкиот факултет при Универзитетот во Белград, на Катедрата за морфологија, систематика и филогенија на животните – ентомологија.

Активното учество на советувања, конференции, работилници и обуки во земјава и во странство се дополнување на моето формално образование.

Краток професионален профил:

Својата професионална кариера ја започнав непосредно по дипломирањето, во 2002 година, кога почнав да волонтирам во тогашната Јавна научна установа „Институт за јужни земјоделски култури“ во Струмица, која во 2007 година стана дел од Земјоделскиот факултет при УГД – Штип. Веќе 17 години сум дел од Земјоделскиот факултет при УГД и успешно ги совладувам предизвиците при развојот на кариерата.

Денес работам како доцент на Земјоделски факултет при УГД и предавам повеќе предмети од областа на заштита на растенијата, на студенти запишани на различните студиски програми на Земјоделски факултет. Автор или коавтор сум на повеќе научни и стручни трудови, скрипти, еден учебник и две монографии, како и рецензент на повеќе меѓународни научни трудови и научноистражувачки проекти. Учествувам во организацијата на Студентската конференција „Критични прашања во земјоделството и животната средина“ која ја организира Земјоделскиот факултет, а преку менторирање на студентите успешно се претставуваме на истата. Вклучена сум и во Организацискиот одбор на меѓународното советување „Агронаука и пракса“ кое еве четврта година по ред ќе се организира на Земјоделскиот факултет. Исто така, администратор сум и на меѓународното списание „Journal of Аgriculture and Plant Sciences (JAPS)“, во издание на Земјоделскиот факултет при УГД.

Во три збора би се опишала како:

Посветена, смирена, трпелива.

На УГД се вработив (кога и како):

Мојата работа на УГД започнува со формирањето на Универзитетот, кога во 2007 година, од страна на Матичната комисија, бев избрана за помлад асистент на Земјоделски факултет. Тоа наше заедничко дружење трае 17 години и се надевам дека ќе продолжи да трае.

УГД ми помогна во мојот професионален развој преку:

Голема е улогата на УГД во мојот професионален развој и како научник и како наставник. Сум ја имала, ја имам и, се надевам, ќе ја имам и во иднина поддршката за стручно усовршување, учество и организација на советувања, конференции, работилници и обуки, како и можноста за објавување на стручна литература и научни трудови во земјава и во странство.

Во врска со УГД најмногу ми се допаѓа:

УГД е млада високообразовна институција која постави еден нов концепт во високото образование, според кој студентите се секогаш во фокусот на вниманието, а ние сме секогаш достапни за нив, буквално во секое време. Електронските платформи кои ни се на располагање, како е-индекс, е-учење, е-библиотека, е-пошта и Microsoft Teams, ни ја олеснуваат реализацијата на наставата, овозможуваат непречена комуникација меѓу студентите и наставниците и брз, едноставен и бесплатен пристап до бројни учебници и учебни помагала во издание на УГД.

Омилен дел од мојата работа:

Имам повеќе омилени делови од мојата работа. На прво место е наставата, пренесувањето на моето знаење и споделувањето на моето искуство на студентите, со цел да им помогнам да го пронајдат својот пат кон успехот. Го сакам и неформалното дружење со студентите за време на конференции, обуки или работилници, бидејќи тогаш се споделуваат и учат работи кои ги нема напишано во книгите и учебниците.

Присуството на домашни и меѓународни научни конференции ми е, исто така, една од омилените работи, бидејќи во тие моменти добиваме можности за меѓусебно споделување на научноистражувачки резултати и заедничка соработка со колеги од нашата област од земјава и од странство.

Од професионални достигнувања издвојувам:

Објавените научни, стручни и прегледни трудови во реномирани меѓународни списанија и научни бази, издавањето учебници и учебни помагала, се параметри според кои се цени вредноста на еден научен работник кој работи во високото образование. Ги имам повеќе на број, а со оглед на тоа дека планирам да продолжам да се занимавам со наука, верувам дека ќе објавам уште многу резултати со кои ќе се истакнам во мојата област на истражување.

Како наставник, најмногу ме радуваат и ме прават горда успешните приказни на нашите студенти, бидејќи сум била дел од нивното образование и сум придонела за нивно стручно усовршување.

Методологија која ја користам во работата со студентите:

Во наставата ги користам и применувам сите методи кои ми се на располагање и потребни да го пренесам  своето знаење, со цел да им го олеснам учењето на студентите:

  • теоретски предавања и вежби со интерактивно вклучување на студентите;
  • практични вежби во лабораторија;
  • теренска настава, со работа на практични примери и решавање на реални проблеми.

Најважно во работата со студентите е:

Повеќегодишното искуство како наставник во високото образование ми покажа дека новите генерации се деца на дигиталната ера и имаат брз и лесен пристап до информации. И од тој аспект, многу важно е да го задржиме вниманието и интересот на студентите во текот на наставата, да најдеме начини како да ги мотивираме да учат и да ја поттикнеме нивната љубопитност… Многу е важно да знаат дека успехот во животот не доаѓа преку ноќ, туку треба да работат на себе, да стекнат вештини и знаења кои ќе им помогнат во остварување на нивните цели.

Животна мудрост која ја споделувам:

Тешко е, но тоа не значи дека не можеш!

Книга, видео, филм, поткаст или настан кој би го препорачала:

Книга – „Лидер без титула“ од Робин Шарма, која топло ја препорачувам.

Филм – „Papillion“.

Совет за младите како идни студенти:

Најзначаен ресурс е знаењето, а најограничен е времето. И затоа, времето треба да го искористите за учење и стекнување ново знаење. Ќе наидете на многу препреки на патот до успехот, но никогаш не се откажувајте. Верувајте во себе и во своите способности и ќе ги постигнете вашите цели.