Search
|     contact@ugd.edu.mk

„ВО АМФИТЕАТАР СО…“ – ПРОФ. Д-Р НИКОЛИНКА ДОНЕВА

Работам на Факултет за природни и технички, Универзитет „Гоце Делчев“, како редовен професор, со избор во научните области изградба на јамски простори и механизација и автоматизација на рудниците.
Споделете

Име и презиме: Николинка Донева

Факултет каде што предавам, титула и научна област: 

Работам на Факултет за природни и технички, Универзитет „Гоце Делчев“, како редовен професор, со избор во научните области изградба на јамски простори и механизација и автоматизација на рудниците.

Образование:

Формалното образование го стекнав на факултетот на кој и денес работам. Додипломските и магистерските студии ги завршив на Рударско-геолошкиот факултет во Штип, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Со формирањето на Универзитет „Гоце Делчев“, нашиот факултет премина во истиот и се преименува во Факултет за природни и технички науки, каде што јас ја одбранив мојата докторска дисертација.

Неформалното образование го стекнував и сè уште го стекнувам низ низа работилници, конференции, симпозиуми и сл. организирани од образовни, јавни и приватни организации, дома и ширум светот. Сепак најдобар начин за стекнување на нови знаење и искуства е преку решавање на реални проблеми во реално време, работејќи за рудниците во нашата држава.

Краток професионален профил:

Мојот прв професионален ангажман беше како помлад асистент на Рударско-геолошкиот факултет во Штип, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, сега веќе во далечната 2001 година. На истиот факултет, по стекнувањето на научен степен  – магистер на технички науки, бев избрана за асистент во 2005 година.

Во 2012 година, по одбраната на докторската дисертација, бев избрана во звање доцент на Факултет за природни и технички науки, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, каде што следуваа и изборите во звање вонреден професор (2016 година) и редовен професор (2021 година).

Од 2015 до 2023 година бев раководител на Институтот за рударство, кој функционира во рамки на нашиот факултет. Исто така, член сум на моменталниот состав на Универзитетскиот сенат. Додека од 2023 година сум меѓународен член на Инженерската академија на Србија.

Паралелно со работата во високото образование, од почетокот до денес, продолжив да соработувам и со приватниот сектор, како проектант и соработник во огромен број на главни, дополнителни и упростени рударски проекти. Изградувајќи се како научен работник и истражувач го проширив полето на мојата работа, така што учествував во изготвување на многу елаборати за процена на влијанието врз животната средина, пред сè од секторот рударство, како и планови за управување со отпад од минерални суровини. Исто така, учествував во изготвување на регионалните планови за управување со отпад, како и меѓународни проекти од областа на управување со комунален отпад. Соработката со реалниот сектор е важна за нас професорите, бидејќи само на тој начин можеме нашите научни достигнувања да ги имплементираме во пракса. Решавањето на реални проблеми од пракса, мене ми носи лична сатисфакција и исполнетост.

Во три збора би се опишал/а себеси како:

Истрајна, упорна, амбициозна и секогаш со нови идеи.

На УГД се вработив (кога и како):

На Универзитет „Гоце Делчев“ се вработив при неговото формирање, како што спомнав и претходно нашиот факултет премина од УКИМ на УГД. Во 2007 година бев асистент на предмети од областа на рударството на Факултет за природни и технички науки.

УГД ми помогна во мојот професионален развој преку:

Реално нашиот Универзитет вложува многу во нас како наставнички кадар, овозможувајќи ни го нашето образование, низа доусовршувања, поддршка во научноистражувачката дејност, преку научни проекти финансирани од Универзитетот и сл. Академската слобода да работиме и да го прошируваме полето на нашата работа е нешто што посебно го почитувам и ценам во средината каде што работам. Се работи континуирано на подобрување на условите за работа во поглед на уредување на работниот простор, но и набавка на современи технологии и опремување на лабораториите, по кои нашиот Универзитет посебно се истакнува.

Во врска со УГД најмногу ми се допаѓа:

На нашиот Универзитет професорите се достапни за студентите во секое време, можностите за комуникација се безбројни. При моето работење јас секогаш ги позиционирам студентите на прво место на мојата листа на приоритети. Постојат низа електронски платформи кои го олеснуваат студирањето на студентите и работењето на професорите. Универзитетот брзо ги прифаќа новите технологии во работењето и покажува отвореност за соработка со реалниот сектор. Исклучително е важно почитувањето на академската слобода и достапност на раководството.

Омилен дел од мојата работа:

Омилен дел од мојата работа е работата со студентите, решавањето на нивните проблеми од кој било карактер, размената на размислувања и гледање на светот преку нивните очи. Посебно сум горда кога сегашните студенти ги носиме во посета на компании од нашиот сектор и таму ги среќавам поранешните студенти, веќе оформени млади луѓе, поставени на видни инженерски и менаџерски функции.

Од професионални достигнувања издвојувам:

Ја работам работата за којашто сонував како дете. Студентите се задоволни од моите предавања и воопшто од начинот на кој ги мотивирам и активирам во остварување на нивната цел – академски граѓани кои ќе си го најдат своето место на пазарот на трудот. Задоволна сум од големиот број на објавени трудови во реномирани списанија и научни бази, работата на научноистражувачки проекти и континуираната и долгорочна соработка со компаниите од рударскиот сектор.

Методологија што ја користам во работата со студентите:

Работата со студентите е мојот вечен предизвик. Сакам директна комуникација, така што пренесувајќи ги теоретските знаења, проследени со низа примери од пракса, ги вклучам и студентите. Тоа го правам преку поставување на некој проблем и барам нивно рационално, логично и аналитичко размислување за можно решение на истиот. Така се развива дискусија од која, да бидам искрена, имам корист и јас. Така учам како да ги менувам моите методи и начин на работа со студентите, новите генерации бараат и нов пристап кон нештата.

Најважно во работата со студентите е:

Да ги почитуваме студентите како личности, тие се полнолетни и имаат право на свое мислење во врска со сите процеси во општеството. Најважно за студентите е на почеток од семестарот да им се презентираат сите нивни обврски и задолженија, како и начинот на кој ќе биде вреднувано нивното знаење. Секое оставање на недоречености прави конфузија и создава незадоволство.

Животна мудрост што ја споделувам:

„Образованието е најмоќното оружје што можете да го употребите за да го промените светот“ – Нелсон Мандела.

Книга, видео, филм, поткаст или настан кој би го препорачал/а:

Пишаниот збор е мојот прв избор, читам секогаш и секаде. Книга која оставила најголема трага во мојата меморија е „Никаде без ќерка ми“ од Бети Махмуди и Вилијам Хофер, затоа топло ја препорачувам.

Совет за младите како идни студенти:

Оној кој ќе престане да учи, старее, без разлика дали има 20 или 80 години. Оној кој постојано учи, останува млад. Затоа учете, осознавајте го светот околу вас, поставувајте сопствени цели и трасирајте патишта кон нивно остварување. Притоа не заборавајте да останете луѓе во вистинска смисла на зборот.