Име и презиме: Стојанче Мијалковски
Факултет каде што предавам, титула и област на специјализација:
Факултет за природни и технички науки при УГД, вонреден професор, поле – рударство, област – експлоатација на неслоевити наоѓалишта.
Образование:
Дипломирав во 2007 година на Рударско-геолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, денешен Факултет за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип. Магистрирав во 2009 година, а докторирав во 2015 година на теми од областа за експлоатација на неслоевити наоѓалишта на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип.
Имам учествувано на повеќе конференции, обуки, семинари, работилници и сл. од областа на рударството, животната средина и безбедноста и здравјето при работа, организирани од образовни, јавни и приватни организации, дома и ширум светот.
Краток професионален профил:
Првиот професионален ангажман ми беше како демонстратор по повеќе предмети од областа на рударството за време на студиите во четврта и петта година на Рударско-геолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, денешен Факултет за природни и технички науки. Веднаш по дипломирањето почнав да работам како инженер за изготвување на техничка документација во Рудникот за олово и цинк „Саса” – М. Каменица. По формирањето на Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип се вработив како помлад асистент на Факултетот за природни и технички науки. Веќе 17 години ја градам кариерата и животот во високото образование, со постапно надградување преку помлад асистент, асистент, доцент и сега веќе вонреден професор.
Во моментов сум продекан за меѓународна соработка и наука на Факултетот за природни и технички науки. Вклучен сум во најголем дел од активностите на факултетот и се обидувам да придонесам најмногу што можам во подобрувањето на квалитетот на образовниот процес, научноистражувачката работа и остварување на соработка со компании од приватниот сектор, државните институции и другите универзитети.
Член сум во Извршниот и Организацискиот одбор на Здружението на рударски и геолошки инженери на РС Македонија, кое во коорганизација на Факултетот за природни и технички науки веќе 14 години по ред одржува Стручно советување со меѓународно учество на тема „Технологија на подземна и површинска експлоатација на минерални суровини” (ПОДЕКС – ПОВЕКС). Досега на ова советување се објавени над 400 стручни и научни трудови на автори од околу 15 држави. Посетеноста на ова советување во последните години ја надминува бројката од 350 учесници, при што е препознатливо не само за регионот, туку и пошироко.
Паралелно со работата во високото образование, од почетокот до денес, продолжив да соработувам и со приватниот сектор, како проектант, технички надзор, консултант и обучувач. Сметам дека професорите треба да знаат што се случува во реалниот сектор и да бидат дел од имплементацијата на научните принципи во пракса.
Имам учествувано во неколку научноистражувачки проекти, како и во повеќе од 200 апликативни проекти за рудниците со подземна и површинска експлоатација на минерални суровини, во форма на главни рударски проекти, дополнителни рударски проекти, упростени рударски проекти, студии, елаборати, планови, извештаи и сл.
Од Министерството за економија на Република Северна Македонија сум бил ангажиран во повеќе од 30 комисии за вршење на стручна оценка (ревизија) на главни и дополнителни рударски проекти.
Од Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија сум бил ангажиран во повеќе од 10 комисии за вршење на рецензија за стручно вреднување на ракописи за учебници од областа на рударството и животната средина.
Автор или коавтор сум на повеќе од 150 научни и стручни трудови, скрипти и практикуми од соодветната област. Исто така, сум бил рецензент на повеќе од 10 научни трудови објавени во меѓународни списанија од соодветната област.
Во три збора би се опишал/а себеси како:
Упорен, практичар, истражувач.
На УГД се вработив (кога и како):
На УГД се вработив на крајот во 2007 година како помлад асистент по предмети од областа на рударството.
УГД ми помогна во мојот професионален развој преку:
УГД секогаш има слух за поддршка на оние кои имаат желба да истражуваат. УГД има вложено во мене преку можноста за доусовршување во земјава и во странство, поддршка при изработката на научноистражувачките и апликативните проекти, овозможување на академска слобода за да работам и творам, наградување на постигнатите успеси, можност да бидам автор и коавтор на учебни помагала, да бидам дел од процесот за донесување на одлуки, како што е креирањето на студиски програми и политики за нашиот факултет, да остварам соработка со многу мои колеги од светот, со кои денес имам и заеднички трудови, да бидам ментор на магистранди и др.
Во врска со УГД најмногу ми се допаѓа:
- Одличната соработка со менаџментот на УГД и менаџментот на ФПТН;
- Отвореноста за соработка со сите засегнати страни во општеството;
- Постојаното следење, прифаќање и имплементирање на новите технологии во работењето.
Омилен дел од мојата работа:
Омилен дел од мојата работа е кога некои студенти ќе покажат интерес за дополнително теоретско и практично проучување на некоја проблематика. Најомилен дел од мојата работа е кога ќе дознаам дека мои поранешни студенти успеале во нивниот професионален развој и нивната кариера. Успехот на моите студенти ме прави горд, што на некој начин сум дал свој придонес во нивното образование. Најголем дел од нашите студенти се вработени на соодветната струка, а нашата соработка продолжува и по нивното дипломирање. Уште поголема е гордоста, кога заеднички решаваме многу комплексни практични проблеми или имплементираме нови и најсовремени технологии.
Од професионални достигнувања издвојувам:
- Задоволни студенти, кои по дипломирањето многу бргу се вклопуваат во производните процеси, а за совет и соработка се враќаат и по вработувањето;
- Објавени трудови во реномирани меѓународни списанија и научни бази.
Методологија што ја користам во работата со студентите:
Работата со студентите ја базирам на три основи и тоа:
- Теоретски предавања со обиди за постојана интеракција со студентите;
- Аудиториски вежби со работа на практични примери, решавање на реални проблеми, истражувања, работа во тимови, користење на нови технологии и сл.
- Теренска настава со посета на соодветни компании, предавања од експерти од пракса и сл.
Најважно во работата со студентите е:
- Да ги почитуваме како личности;
- Да имаме јасно поставени принципи за работа и еднаков однос со сите;
- Да ги вклучиме активно во процесот на истражување;
- Да се држиме до критериуми, кои ќе им гарантираат знаење и искуство;
- Да им излегуваме во пресрет при наоѓање на работа и сл.
Животна мудрост што ја споделувам:
„Повеќе работи, помалку зборувај” или „Учи за себе, а не за другите”.
Книга, видео, филм, поткаст или настан кој би го препорачал/а:
- Книга од областа – секоја книга за технологија на експлоатација на минерални суровини, како на пример „SME Mining Engineering Handbook“;
- Книга за секого – последна прочитана книга што би ја препорачал „Богат татко, сиромашен татко” од Роберт Киосаки и Шерон Лехтер;
- Филм – последно гледан филм кој би го препорачал е „Hachi: A Dog’s Tale“;
- Видео – Видеа од предавања или документарци за инженерство;
- Настани – обуки и конференции за инженери од областа на рударството, геомеханиката и животната средина.
Совет за младите како идни студенти:
Вложувајте во вашето знаење колку што можете повеќе, без разлика дали ќе читате слободна или стручна литература, ќе посетувате обуки или тренинзи, ќе гледате научни емисии и сл. Сѐ друго можат да ви земат, но знаењето никој не може да ви го земе и порано или подоцна ќе ви помогне во животот.