Search
|     contact@ugd.edu.mk

„ВО АМФИТЕАТАР СО…“ – ПРОФ. Д-Р ВИОЛЕТА ИВАНОВА-ПЕТРОПУЛОС

Споделете

Име и презиме: Виолета Иванова-Петропулос

Факултет каде што предавам, титула и област на специјализација:

Земјоделски факултет, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, редовен професор, област на специјализација: сензорна и аналитичка евалуација на вино.

Образование:

2006-2009 Доктор на хемиски науки, Институт за хемија, Природно-математички факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј” – Скопје.

Наслов на докторска дисертација: Разработка на методи за идентификација и квантификација на фенолни супстанци во вино и грозје со примена на спектрофотометрија, течна хроматографија и масена спектрометрија”.

2002-2006 Магистер на хемиски науки, Институт за хемија, Природно-математички факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј” – Скопје.

Наслов на магистерски труд: „Разработка на методи за определување на резидуални мономери ослободени од забарски пломби и лекови во биолошки флуиди со високоефикасна течна хроматографија”.

1997-2002 Дипломиран професор по хемија, Институт за хемија, Природно-математички факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј” – Скопје.

Краток професионален профил:

Како вљубеник во хемијата, дипломирав, магистрирав и докторирав на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Стекнатото искуство за време на студиите со примена на сепарациски техники, како што се течната и гасната хроматографија, ми ги отворија вратите на научните институции во државата. Моето прво вработување беше во Лабораторијата за вино на Земјоделскиот институт во Скопје, каде што работев како менаџер за квалитет при контрола на хемискиот состав на вина. Во 2010 година се вработив како доцент на Универзитетот „Гоце Делчев“, каде што сè уште работам и ја градам мојата успешна кариера. Како дел од кадарот на Земјоделскиот факултет и УНИЛАБ, Лабораторијата за вино, денес работам како редовен професор и успешно се справувам со сите предизвици кои ги носи работата со студентите и научноистражувачката работа, како и апликативната работа со клиенти.

Автор сум на 166 публикации (главно од областа на вино, енологија и аналитички техники), од кои четириесет (40) трудови во списанија со импакт фактор, 21 научен и професионален труд во домашни и меѓународни списанија без импакт фактор, 92 труда презентирани на домашни и интернационални конференции и 10 книги и практикуми. Сите мои објавени публикации може да се најдат на репозиториумот на Универзитетот во слободна форма за симнување:

Рецензент сум на повеќе од 350 научни трудови поднесени за публикување во интернационални списанија со импакт фактор. Дел сум од уредувачкиот одбор на Journal of Food Research (Canadian Center of Science and Education), член на рецензентскиот одбор на Beverages, специјален гостински едитор во Molecules и специјален гостински едитор во Foods. Сум била учесник во научни и организациски одбори на бројни научни конференции во земјава и во странство.

Тековно сум локален координатор на три CEEPUS мрежи во кои Универзитетот „Гоце Делчев“ е партнер (RO-0010-18-2324, SK-1516-04-2324 и RS-1816-01-2324). Како STSM координатор, член сум во Core групата на COST акцијата 22161 (FLAVOURSome).

Во три збора би се опишал/а себеси како: Дисциплинирана, успешна, професионална.

На УГД се вработив (кога и како): На УГД се вработив во 2010 година како доцент за наставно-научната област сензорна и аналитичка евалуација на вино на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Уште од првиот ден, па сè до денес, се гордеам што сум дел од најбрзорастечкиот универзитет во државата, кој не би го заменила со ниту еден друг универзитет во земјава или во странство.

УГД ми помогна во мојот професионален развој преку: Отворена комуникација со раководството и колегите, можности за доусовршување, креирање и унапредување во наставниот процес и науката, поддршка на научноистражувачки проекти финансирани од научниот фонд на Универзитетот, учество на специфични и високостручни обуки и курсеви, можности за студиски престои на реномирани универзитети во странство, финансиска поддршка за објавување на учебници и учебни помагала.

Во врска со УГД најмногу ми се допаѓа: Можноста и поддршката за унапредување во кариерата, академската слобода, брзото завршување на административни обврски, лесната достапност и комуникација со раководството, широкото разбирање и поддршката во секој дел од професионалниот ангажман.

Омилен дел од мојата работа: Работата со студентите и научноистражувачката работа, кои се нераскинлив дел од работата на еден универзитетски професор.

Од професионални достигнувања издвојувам:

  • Награда за научна продуктивност во 2022 година за област технички науки, доделена од Универзитетот „Гоце Делчев“;
  • Признание за научен труд објавен во списание со импакт фактор за 2022, доделено од Универзитетот „Гоце Делчев“;
  • Голем број на награди за научни трудови објавени во списанија со импакт фактор доделени од Министерството за образование и наука на Македонија;
  • Голем број на награди за научни трудови објавени во списанија со импакт фактор доделени од Универзитетот „Гоце Делчев“;
  • Бројни краткотрајни, едномесечни и повеќемесечни студиски престои на Универзитети во Австрија, Унгарија, Полска, Романија, Словачка, Германија, Франција, Бугарија, Црна Гора, Хрватска, Албанија, Србија во рамки на CEEPUS, DAAD, FP7 и други програми, во периодот од 2005 до 2024 година;
  • Erasmus стипендија за едномесечна посета на Универзитетот во Болоња;
  • Бројни учества на домашни и меѓународни научни и стручни конференции;
  • Плодна научноистражувачка кариера со објавени бројни публикации во списанија со импакт фактор;
  • Раководител и учесник на домашни, билатерални и меѓународни научни проекти;
  • Успешна апликативна работа и акредитација на методи за физичко-хемиски параметри на вино.

 

Методологија која ја користам во работата со студентите: Интерактивни предавања, практични вежби во лабораторија и посета на винарски визби. За време на практичните часови, студентите се запознаваат со најновите хемиски методи за контрола на вино и со основите за дегустација на вино. За време на вежбите, во пријателска атмосфера студентите имаат можност да дегустираат различни сорти на вино, алкохолни пијалаци, да се дружат и навлегуваат во тајните на винскиот свет.

Најважно во работата со студентите е: Пристапот со студентите, кој треба да биде пријателски, но во исто време и професионален.

Животна мудрост која ја споделувам: Помалку е секогаш повеќе.

Книга, видео, филм, поткаст или настан кој би го препорачал/а: Книга „Мојот татко Пабло Ескобар“. Филм/серија „The Big Bang Theory“.

Совет за младите како идни студенти: Верувајте во себе и никогаш не се откажувајте од своите цели. Најголемата животна инвестиција е инвестирање во знаењето, кое никој не може да ви го одземе.