Име и презиме: Кристина Ваневска
Факултет и студиска насока: Земјоделски факултет, Енологија
Тековна професија: Дипломиран инженер агроном – енолог.
Место на вработување: АД ЗИК „Градиште“ – Куманово и „Калемар комерц“ ДООЕЛ, Свети Николе.
Животно мото: Ако не се обидеме, нема да знаеме дали сме создадени за замислената цел. А, за да ја оствариме замислената цел не ни треба магија, туку решителност, упорност и напорна работа.
Позиција на која работам денес: Земјоделски инженер – енолог во АД ЗИК „Градиште“ и земјоделски инженер во земјоделска аптека „Калемар комерц“ ДООЕЛ.
Мојот рецепт за успех се состои од: Визија, упорност, неуморна работа и пасија кон она што го работиме, знаење од различни сфери и области и на сето тоа да останеме човечни.
Најголеми предизвици на патот до успехот ми беа: Обично не сум почувствувала некои тешкотии или тоа биле некои мали и незанемарливи. Можам да кажам дека секогаш беа т.н. „ублажени”, бидејќи имав неизмерна поддршка како од најблиските, така и од професорите. Можеби како поголеми пречки би ги издвоила прашањата од типот „Зошто баш тој факултет?” или „Зошто тоа да го работиш?”, како и прашањето кое си го поставував себеси „Дали мојот избор е правилен?”, но нив ги сметам како мотивација, а не како предизвик.
Со УГД се дружев: Четири студиски години од кои имам многу позитивно искуство од аспект на добивање знаење како и дружба, познанства и конекции.
Факултетот и насоката ги избрав затоа што:
Јас лично, земјоделството и останатите природни науки ги гледам како поприоритетни за човештвото. Земјоделството е жива наука која ќе постои сè додека постои и човекот. Енологијата како гранка на земјоделството посебно ме заинтригира поради можноста за проучување на виното не само од аналитички аспект, туку и од сензорен каде што буквално ни е дозволена бескрајна компарација и игра на зборови со истото уживајќи во неговата хармоничност и убавина. Свесни сме дека оваа наука сама по себе е доста ретка и барана, барем така е во нашата држава, а тоа беше уште една причина плус за да го одберам понеобичното.
Како клучна предност на студиите на УГД ги издвојувам:
Дигитализацијата на целиот систем и начин на работа, достапноста и комуникацијата со професорите во кое било време, здобивање со нови и корисни знаења како во теоретска така и во практична настава, давање акцент и посветување повеќе кон праксата како и избор на доста места каде што истата може да се извршува. Понатаму, одржување на бројни конференции, наставно-научни совети, натпревари и разни проекти на коишто студентите имаат можност да учествуваат, а со тоа и да го збогатат своето знаење и ширење познанства со луѓе, професионалци во различни фели, како во рамките на нашата држава, така и пошироко.
Праксата на УГД, како составен дел од студиите, ја остварив во:
АД ЗИК „Градиште“, Куманово.
Од студиите на УГД за развој на успешна кариера најмногу ми помогна:
Постојаната комуникација и несебично споделување на знаењата од страна на целиот колектив на УГД. Исто така, огромна предност е високоспецијализираната и акредитирана лабораторија „УНИЛАБ” со која поседува Универзитетот „Гоце Делчев”, а која имате можност слободно да ја посетите и да направете какво било испитување за кое ќе ви помогне стручен и специјализиран тим. Како следна и не помалку битна предност би ги издвоила и препораките кои секогаш ги добивате од страна на професорите, дали станува збор за работна позиција, продолжување на студии или слично, проследени со огромна поддршка и мотивација за истите.
Совет за младите како идни студенти:
Посветете се кон она што навистина ве исполнува и правете го тоа со љубов и ентузијазам. Само така ќе имате успешен почеток кон патот на успехот. Пречките и предизвиците нека ви бидат само мотивација и доказ дека вашиот лимит не е до таму, туку многу повеќе од тоа. Понатаму, искуството ќе ве научи дека не е целта само освојување на успехот, туку и негово одржување и жед за освојување нови граници.