Име и презиме: Бојана Кацарова
Факултет и студиска насока: Факултет за медицински науки, Општа медицина, дипломиран доктор по општа медицина, првенец на генерацијата 2018-2023 на ФМН УГД.
Животно мото: Гради свет на промени, создади подобро „утре”, биди нечија светла точка на крајот од тунелот, нека секоја препрека биде уште една планина за освојување.
Мојот рецепт за успех се состои од: Трудољубивост, упорност, храброст, самодоверба, желба за нови знаења, пожртвуваност и посветеност.
Најголеми предизвици на патот до успехот ми беа: Еднаш медицинар – засекогаш медицинар. Кога еднаш ќе запловите низ медицинските води, пловидбата е бесконечна. Едноставно кажано, како да сте „венчани” со медицината. Ова доведува до тоа некои социјални релации, слободни активности, па дури и здравствени аспекти, да бидат сериозно запоставени. Затоа е важно да се прави баланс. Се наоѓате во ситуации кога сами создавате можности и од ништо правите нешто. Дополнително, овде е вклучен и финансискиот товар, но на крајот на нештата, сето она што сте го вложиле вродува со плод…
Со УГД се дружев: 6 години.
Факултетот и насоката ги избрав затоа што: Мојата дружба со УГД започна во 2018 година, на студиската програма Општа медицина. Одлуката дека моја животна професија ќе биде лекар беше донесена уште во средношколските денови. За мене медицината е склоп од применета наука, а лекувањето на луѓето е вештина. Кога ќе се поврзат овие две нешта се добива склоп од посебна, благородна работа. Можноста за ваков напредок ја препознав во програмата на нашиот универзитет. Електронската платформа за студенти составена од електронски индекс, база на достапни учебни помагала преку е-библиотека, достапни известувања преку е-учење се само дел од предностите на УГД. Едноставно заштедено е драгоцено време на студентите и сите процедури се скратени и олеснети. Потоа, еминентните имиња на професори и асистенти кои предаваат на Факулетот за медицински науки беа, исто така, клучен фактор кој влијаеше на мојата одлука.
Како клучна предност на студиите на УГД ги издвојувам: Концептот на систематизацијата е од огромна помош. Достапноста на професорите и асистентите за совет или насока во текот на учењето и можноста за стручна соработка со нив се доста значајна предност за студентите. Секако овде вреди да се спомне и организацијата на административните служби.
Остварував практична настава во: Праксата ја извршував во Клиничката болница во Штип, а во шестата година во Клиничка болница „Аџибадем Систина“ во Скопје и ГОБ „8-ми Септември“ во Скопје. Сите места ми се посебно драги. Имав можност да учам од врвни лекари и специјалисти, да се сретнам со различни клинички случаи, дијагностички методи и тераписки процедури.
Книга, видео, поткаст или настан кој би го препорачал/а на другите: Медицинските серии се доста корисни, интересни и поучни. Би ги издвоила книгите „Срцето на хирургот“ и за љубителите на судската медицина – „Мраз студено“.
П.С. Читајте Гоце.мк, секогаш има корисна содржина.
Совет за младите како идни студенти: Замислете дека се качувате на врв од некоја планина. Не знаете со каква пречка ќе се соочите, треба да сте стабилни и подготвени на сѐ. Временските услови се различни, некогаш е ладна виулица, некогаш грее топло сонце. Патот е трнлив и тежок, а вие сте препуштени сами на себе. Имате подеми, но и падови. Само што ќе освоите некој помал врв, гледате дека пред вас има уште многу поголеми врвови со пострмни патеки. Но, секоја претходна пречка, ве прави појаки за наредните. Морате да истражувате, а притоа да не го напуштите главниот пат. Со секој изминат километар сте побогати со знаење, а во одреден момент ги среќавате и вашите пријатели-сопатници. На крајот од патешествието го гледате одразот на вашите дела.
Совети за полесно совладување на материјата: Важно е да се учи со разбирање на материјата и да се навлезе суштински во градивото, да се разбере приказната… Секој има слобода да го избере оној начин на учење кој е најсоодветен за него нема правилен или погрешен. Целта е наученото да е разбрано и потоа соодветно применето.
Какво е чувството да ја носите титулата „првенец на генерација“ и што тоа значи за вас?
Го дадов најдоброто што можев и работев посветено на студиите, го извлекував максимумот од учењето и од праксата со цел да станам добар лекар. Не студирав под притисок дека мора да си најдобар, едноставно ги правев нештата со љубов и волја еден ден да се усовршам во мојата професија и да им бидам од помош на луѓето. Драго ми е што трудољубивоста и посветеноста се препознаени.
За повеќе информации за можностите кои ги нуди УГД, посетете ја нашата веб-страница: https://www.ugd.edu.mk/
Повеќе успешни приказни од студентите на УГД, може да најдете на следниов линк: https://www.ugd.edu.mk/c/nasi-studenti/
Детални информации за студиската насока и Факултетот се достапни на следниов линк: https://fmn.ugd.edu.mk/index.php/mk/studiski-programi
Едукативни и информативни колумни од нашите професори може да најдете на следниов линк: https://www.ugd.edu.mk/c/nauka/