Име и презиме: Цветанка Стоилова
Факултет и студиска насока: Филолошки факултет, завршен прв циклус студии – Италијански јазик и книжевност.
Тековна професија: Преведувач и координатор на проекти.
Место на вработување: По завршувањето на додипломските студии започнав да работам како хонорарен преведувач и до денес соработувам со повеќе компании и меѓународни агенции за превод. Од неодамна се вработив и во Издавачката куќа „Арс ламина“ како координатор на проекти.
Животно мото: Стреми се кон напредок, а не кон совршенство.
Позиција на којашто работам денес: Координатор на проекти во издавачката куќа „Арс ламина“, каде што ги уредувам детските списанија: „Ѕвезди“, со подлистокот „Ѕвездички“ – наменети за предучилишна возраст и „Прв детски клик“ – за прво и второ одделение. Моите работни обврски се состојат од избор на содржината што ќе се објави и која ќе ги едуцира и инспирира младите читатели. Нашата примарна цел е објавената содржина да е привлечна, соодветна на возраста и усогласена со интересите и потребите на најмалите, но и на наставните цели и програми во градинките и училиштата. Воспоставувам контакти со многу млади и надежни автори, како и со веќе познати и реномирани писатели за детска поезија и проза, и уживам со секојдневните обврски и предизвици. Освен детска литература, уредувам и проза и поезија за возрасната публика.
Мојот рецепт за успех се состои од: Континуирано учење и посветеност кон работата. Постојано истражување и следење на книжевните трендови.
Најголеми предизвици на патот до успехот ми беа: Успешно управување со времето, балансирање на повеќе работни одговорности додека ги следев моите цели и внимателно планирање и одредување на приоритетите. Воедно и обидот да останам мотивирана при соочување со тешкотиите.
Со УГД се дружев: 4 години – прв циклус студии.
Факултетот и насоката ги избрав затоа што: Негувам голема љубов кон јазиците, а италијанскиот јазик отсекогаш ме воодушевувал. Во суштина, убавината на јазиците, а особено на италијанскиот јазик и литература, лежи во нивната способност да ги надминат границите и да ги поврзуваат луѓето, пренесувајќи ја историјата, уметноста и богатата култура. Исто така, учењето на јазиците ви овозможува да стекнете важна компетентност во светот на работата. Накратко, јазиците даваат предност!
Како клучна предност на студиите на УГД ги издвојувам: Стручноста и квалитетот на професорите. Нивната достапност, ангажираност и посветеност кон студентите. Нивната безрезервна поддршка продолжи и по завршувањето на студиите. Покрај ова би ги издвоила и различните настани и средби со професионалци кои ги организира УГД, како и можноста за реализирање практична настава.
Праксата на УГД, како составен дел од студиите, ја остварив во: Бари, како преведувач во невладина организација, преку програмата Еразмус плус. Благодарение на ова петмесечно искуство успеав да навлезам подлабоко во италијанскиот јазик и култура и во исто време да ги подобрам моите јазични вештини. Тоа беше прекрасна можност да ги проширам моите хоризонти, и на професионален и на личен план, во еден од најубавите градови во Италија.
Од студиите на УГД за развој на успешна кариера најмногу ми помогна: Високото ниво на знаење со кое се стекнав на Катедрата за италијански јазик и книжевност. Тоа ми овозможи да зачекорам во светот на преводот со поголема самоувереност и подготвеност уште од почеток. Средината ме мотивираше да бидам похрабара, да си поставувам поамбициозни цели и да прифаќам поголеми предизвици.
Совет за младите како идни студенти: Негувајте и следете ги своите интереси и склоности. Неуморно црпете знаење од професорите и верувајте во своите способности!