Search
|     contact@ugd.edu.mk

Мојот пат кон успехот со УГД – Сара Анева

Споделете

Дипломирањето и магистрирањето на овој реномиран факултет не само што ми овозможи солидна основа на знаење, туку исто така ми отвори врати за кариера полна со предизвици и можности во електроенергетскиот сектор. Наставничкиот кадар на Електротехничкиот факултет од врвни експерти покрај тоа што пренесуваат теоретско знаење со студентите споделуваат и лично практично искуство. Нивниот ангажман и посветеност на образованието имаа клучна улога во моето професионално и стручно формирање и усовршување. Теоретската и практичната настава, како и лабораториските вежби ми овозможија длабинско разбирање на сложените аспекти на електротехниката. Исто така, имав можност и да волонтирам како демонстратор на овој факултет и да пишувам научни трудови под менторство на професорите. Оваа цврста основа ми помогна да се адаптирам на брзорастечкиот и динамичен сектор на енергетиката и обновливите извори на енергија.

По завршувањето на студиите почнав да работам во компанијата „Green Energy Group“ во Скопје, каде што стекнатите знаења и вештини од додипломските и постдипломските студии брзо се покажаа како многу корисни и ефикасни, но и неопходни. Како проектант на фотоволтаични електрани и аналитичар, ја имам одговорноста да создадам енергетски ефикасни и економски исплатливи проекти. Моето длабинско познавање за енергетиката, фотоволтаичните системи и соодветни софтверски алатки, што го стекнав на Електротехничкиот факултет, ми овозможи успешно да управувам со проекти и да развивам уникатни решенија како за фотоволтаични електрани, така и за топлотни пумпи, програмирање на SCADA системи за фотоволтаични електрани и анализи на берзанските цени. Мојата улога како член на енергетскиот тим на Институтот за економски и енергетски политики и истражувања е пример за тоа како академски стекнатите вештини можат да се применат на пошироки проекти за енергетска транзиција, техно-економски анализи и развој на иновативни решенија.

Професорите беа мои водичи и примери за успешна кариера во инженерството, чии достигнувања и страст за научно истражување ме инспирираа да се запишам на докторски студии каде што продолжувам да се развивам и да истражувам нови можности во полето на енергетиката, со посебен акцент на унапредување на ветрогенераторите. Сите мои професионални успеси и достигнувања слободно можам да кажам дека се резултат на посветеноста на наставничкиот кадар на Електротехнички факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип. Се надевам дека мојата успешна приказна ќе ги поттикне идните студенти да го изберат овој факултет и за неколку години да читаме уште многу успешни приказни на сегашни и идни студенти!

М-р Сара Анева, дипломиран студент на Електротехнички факултет,

вработена во „Green Energy Group“ – Скопје

 

Избери мудро, делувај храбро!

Студирај на #УГД