Search
|     contact@ugd.edu.mk

Филип Камчев – Земјоделски факултет, насока Енологија

Секогаш се трудам да го постигнам најдобриот резултат, со расположливите средства. Ова не важи само за професионалниот живот, туку и за приватниот
Споделете

Име и презиме: Филип Камчев
Факултет и студиска насока:  Земјоделски факултет, насока Енологија
Тековна професија: енолог
Место на вработување: Винарија „Киево“

Животно мото: Секогаш се трудам да го постигнам најдобриот резултат, со расположливите средства. Ова не важи само за професионалниот живот, туку и за приватниот. Се трудам да се приспособам на секоја ситуација и да го извлечам максимумот.

Мојот рецепт за успех се состои од: Многу работа во визбата, уште повеќе во лозјето, многу размислување за работата, зборување со луѓе од различни сектори и многу експериментирање. А за периодот на гроздоберот… Полевање на челични нерви со кафе и „енерџи дринкови“ (пијалаци за зголемување на енергијата) (не се гордеам со ова последното).

Најголеми предизвици на патот до успехот ми беа: Не би рекол дека сè уште сме стигнале до некој голем успех, но пробивањето на пазарот досега ни е најголемиот предизвик, особено што, за жал, во Македонија винската култура не е на многу високо ниво, особено кај помладите. Заради тоа, за најголем успех го сметам тоа кога визбата ќе ја посети човек што „не е многу по виното“, а на крајот од посетата си заминува насмеан, задоволен, со неколку шишиња вино во рака и со ветување за повторна посета.

Со УГД се дружев: 4 години.

Факултетот и насоката ги избрав затоа што: На мојата матурантска раскрсница многу лесно го избрав патот, бидејќи фамилијарно се занимаваме со земјоделство, практично, целиот мој живот. Брзо ги елиминирав другите факултети, бидејќи не сум некој математичар, а отсекогаш сум бил вљубен во природата.

Како клучна предност на студиите на УГД ги издвојувам: Огромната посветеност на професорите, нивните презентации и материјали за учење, вежбите кои ги одржуваа, лабораториите со кои располага Земјоделскиот факултет и можноста за пракса и посети на производствени погони.

Праксата на УГД, како составен дел од студиите, ја остварив во: Пракса посетував на Институтот на ЗФ во Амзабегово, во „УНИЛАБ“ (акредитирана Универзитетска лабораторија), локалните визби и во некои други прехранбено-преработувачки објекти.

Од студиите на УГД, за развој на успешна кариера најмногу ми помогна: Како што веќе спомнав, имаме неуморни и неисцрпни професори кои постојано ни беа на располагање. Покрај професионалниот однос на предавање на знаењето имаше и пријателски однос кој на сите ни послужи како охрабрување да продолжиме со студиите.

Книга или настан од студентските денови кој засекогаш ќе го паметам: Не можам, а да не го издвојам моето Еразмус+ искуство во Политехничкиот институт во Коимбра, Португалија. За тој период можам да кажам дека ми биле највозбудливите 5 месеци од животот и најдалеку од комфор-зоната. Покрај забавниот дел, на тој Факултет се бараше доста учење, па за тоа со мојот драг колега и цимер, секојдневно минувавме по 6-8 часа на Факултетот, а понекогаш и саботите беа резервирани за пракса, вежби или консултации. Чудно е што материјалот кој сум го научил таму до денес го паметам, како да ми е „ставен“ во посебна папка. Можеби затоа што воопшто не нè третираа како Еразмус студенти, па за тоа јас лично морав и да преполагам некој предмет.

Мудрост споделена од професор/ка на предавања која ми остави најголем впечаток во животот: Иако немам роднински врски со никој од ЗФ и ден денес се чувствувам како да се враќам кај семејството секој пат кога одам на настан организиран од Факултетот или во неформална посета. Верувам дека ова чувство е двострано, бидејќи знам дека моите професори се гордеат со мене. И да, секако, мотивацијата и охрабрувањето од професорите ми беше од голема полза.
Книга, видео, поткаст или настан кој би го препорачал/а на другите: Секој што сака да се занимава со производство на вино или, воопшто, сака вино, му го препорачувам филмот Bottle Shock.

Совет за младите како идни студенти: Не дозволувајте да заостанувате со совладувањето на материјалот. Верувам дека на секој факултет е неопходно многу да се учи и се бара конзистентност на совладување на материјалот, бидејќи подоцна се задлабочува и може да заталкате. Значи, ако имате нејаснотии, не дозволувајте да ве обесхрабрат и да прифатите дека „не ве бива“. Посветете повеќе внимание на тој материјал и побарајте помош!

 

За повеќе информации за можностите кои ги нуди УГД, посетете ја нашата веб-страница: https://www.ugd.edu.mk/

Повеќе успешни приказни од студентите на УГД, може да најдете на следниов линк:
https://life.ugd.edu.mk/index.php/studenti

Детални информации за студиската насока и факултетот се достапни на следниот линк: https://zf.ugd.edu.mk/documents/studiski/1-ciklus/2021-2022/lozarstvo-vinarstvo-strukturna.pdf

Едукативни и информативни колумни од нашите професори може да најдете на следниов линк: https://life.ugd.edu.mk/index.php/nauka